Стигнавме до тоа македонски министер да не сака да го именуваат како македонски. Бил Албанец и министер на Северна Македонија. Никој на Крешник Бектеши не му го оспорува етничкиот идентитет. Но, без разлика дали е етнички Албанец, Ром, Турчин, Влав, Бошњак или Србин, грешка ли е да се каже дека е македонски министер? Не.
Владата во која тој партиципира, божем трошеше време и енергија за да укаже на штетноста на етноцентристички позиции во едно мултикултурно општество. Очигледно, без резултат, а најмногу по вина на „учителите“. Кога среде Тирана тој негодува на синтагмата „македонски министер“, отвора многу прашања во државата каде што е роден, живее и работи.
Бектеши на ваков начин практично им дава легитимитет на сите критики за погубноста од етнизирање на функциите. Со такво потенцирање на (не)припадноста се манифестира лабава лојалност кон државата и приоритизирање на интереси на една етничка заедница.
Кога министерски пораки – јас сум Албанец пред сѐ, стануваат главна оперативна одредница за функцијата (министер, пратеник, амбасадор…) недобронамерните кон Македонија тоа го читаат на еден начин – декларирано немакедонство, изразена слаба лојалност кон домицилната држава, голема кон етничката „матица“
Така се легитимираат критичките прашања дали Албанец на чело на МНР може да ги штити македонските интереси во разговорите со Бугарија, доколку етничкото се става над државното. Кога министерски пораки – јас сум Албанец пред сѐ, стануваат главна оперативна одредница за функцијата (министер, пратеник, амбасадор…) недобронамерните кон Македонија тоа го читаат на еден начин – декларирано немакедонство, изразена слаба лојалност кон домицилната држава, голема кон етничката „матица“.
Го читаат тоа како плоден етноцентризам, кој на недобронамерните им отвора маневарски простор за преку него да ги остварат своите интереси на штета на македонските државни интереси.
Ќе посочам еден посвеж пример за ова, видлив преку отвореното писмо што Петар Колев од ГДУ му го упати на „неговиот драг пријател Бујар Османи, изненаден од неговата изјава за контроверзноста и спорноста на името на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола“.
Во писмото, Колев го потсетува Османи дека во 1933 година била одржана дводневна средба меѓу Ванчо Михајлов и Хасан Приштина, на која се договориле: ако Македонија се обединела со Бугарија, тогаш македонските територии со мнозинско албанско население (Дебар и дел од дебарската околина) да се присоединат кон Албанија, во спротивно да останат во идната независна Македонија.
„Истата година, за жал, Хасан Приштина бил убиен“, пишува Колев, па го поучува Османи оти со изјавата дека Михајлов е фашист нема да ги навреди македонските Бугари што биле навикнати на такви квалификации, ама тоа навредливо звучело за еден од албанските национални херои, кој со Михајлов работел на ист проект.
По ваквото отворено потсетување дека Албанците и Бугарите си имаат заедничко минато на заеднички проект, носителите на власта треба да се прашаат какви пораки испраќаат со своето „немакедонско“ поведение.
Постапката на Бектеши отвора нов процеп, кој може да биде прочитан и пополнет со сѐ што не треба, во момент кога Албанија е блокирана на патот кон ЕУ поради бугарското вето за Македонија.
Постапката на Бектеши отвора нов процеп, кој може да биде прочитан и пополнет со сѐ што не треба, во момент кога Албанија е блокирана на патот кон ЕУ поради бугарското вето за Македонија
Не треба да се каже колку е важно кои луѓе и со каков интегритет ја претставуваат Македонија и дома и во светот, и пред кого одговараат – пред премиерот или партискиот шеф. Кај нас таа приказна одамна е излеана од коритото во две притоки што водат кон двајца поглавари, во два етничка блока, меѓусебно поврзани од изборните резултати и заемниот интерес за формирање влада.
Заложбите на Заев за „Едно општество за сите“ не донесоа резултат, бидејќи се спроведуваа на два противречни колосека. Додека на еден колосек декларативно се афирмираше граѓанскиот концепт, на другиот во практика се цементираше етноцентричниот. Па, наместо напредок во процесот на деетнизација, добивме „прв вицепремиер“ (Албанец) и договор за премиер Албанец во последните 100 дена од владата.
Сведочевме на бројни приватизирања на ресурсите – прослава на роденден на партиски лидер во државна институција (Министерство за политички систем), на еднострано лобирање за пописот во странство од страна на министри на ДУИ, бркање работа за други држави, а не за македонската, и ред други излети во корист на партиско-етничките интереси.
Кога етничката конјуктура вака ќе се инсталира на највисоко ниво, не треба да се чудиме што сите пори на општеството се контаминирале од истиот манир. Денеска го жнеееме тој посев.
До пред некоја година се згрозуваме од речникот што го употребувале носителите на јавни функции во неформална комуникација, негувајќи предрасуди и нетолеранција кон различноста: „човечиња, Цигани, ватерполисти, Шиптари, Индијанци…“
Кој би поверувал дека пострашно од тоа ќе биде некој да те нарече македонски министер.