Посткомунистичка мафијашка држава

Заседнува така една мрзоволна, на разговори и преговори несклона, но затоа за намерно небитни теми благоглаголива група, која решава еднаш засекогаш да одреди и да објави која од двете половини на нацијата е исправна, а која не е; која ќе биде победничка, а која ќе остане на подот.

Дали сте го слушнале (виделе, прочитале) говорот на премиерот Никола Груевски по повод Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври?

Прашањето, се разбира, е реторичко. И депласирано по сите новинарски стандарди на императивот на актуелноста. Но, ете, говорот на македонскиот премиер е сѐ уште актуелен. Зошто? Поради историските пораки што премиерот ги пренесе во своето обраќање? Поради клучните решенија што ги понуди за излез од кризата? Поради соопштувањето на договорениот национален консензус за деблокирање на македонската иднина? Поради…

Одговорот на горните прашања, јасно, е одречен. Од друга страна, објаснувањето истовремено е мошне просто и мошне сложено. Простото толкување е: говорот на Груевски е актуелен, затоа што така решила медиумската олигархија (или некој така ја насочил), па тој се репризира по националните телевизии до бесвест, ете и на крајот од првата третина на ноември, а богами обемни и обилни цитати сѐ уште се пласираат преку порталите и весниците.

Сложеното толкување е малку посложено и треба да ги образложи мотивите на оваа хиперинфлација на повторување на еден ист говор. Што е тоа што ги тера медиумите упорно и без никаков усул да повторуваат една иста работа, без почитување на минималните новинарски принципи за актуелност и концизност? Па, макар бил тоа и говорот на премиерот. Или токму ако е тоа говорот на премиерот!

Што е тоа што ги тера медиумите упорно и без никаков усул да повторуваат една иста работа, без почитување на минималните новинарски принципи за актуелност и концизност? Па, макар бил тоа и говорот на премиерот. Или токму ако е тоа говорот на премиерот!

Ѓерѓ Конрад ваквото однесување го препознава во она што тој го нарекува „посткомунистичка мафијашка држава“, при што нагласува дека не станува збор за никаков криминален исклучок или некаква „странпатност“, дека не станува збор за организирано подземје туку за организирано надземје, каде што новата класа, синтеза на деспотизмот и богатството, се озаконува преку законите што самата ги гласа. Слично како некогаш комунистите со идеологијата на диктатурата на пролетаријатот или нацистите со националната револуција, таа нова класа си обезбедува монопол на обединувањето на политичката и економската моќ.

Заседнува така една мрзоволна, на разговори и преговори несклона, но затоа за намерно небитни теми благоглаголива група, вели Конрад, која решава еднаш засекогаш да одреди и да објави која од двете половини на нацијата е исправна, а која не е; која ќе биде победничка, а која ќе остане на подот. Намерата е државата да не талка повеќе помеѓу левото и десното. Доста беше талкање. Алтернацијата е неред што ремети. А тоа доведува до постојана вербална граѓанска војна, без никакви шанси за помирување.

1432168570_eeaf0cebbb_b

Фото: lita8/Foter

Токму во оваа дијагноза на Конрад лежи и упорното повторување на говорот на Груевски, од страна на медиумите. Тие не се тука да информираат, или да просветуваат, или да забавуваат… Тие се тука да ги засилат пораките на владејачката врхушка, која преку својот предводник објавува дека „борбата за Македонија“ не е завршена, напротив, дека допрва претстои судбоносната битка од која ќе зависи безмалку опстанокот на земјата. И, да, таа битка ќе се реши на изборите на 24 април следната година. Со оглед на фактот дека не е специфично истакнато кој е главниот непријател, а дека битката ќе биде на денот на изборите, тогаш е лесно да се претпостави дека станува збор за политичките ривали. Во овој случај, ривалите го немаат она спортско значење на поимот туку тие се „крвни“ непријатели. Сите нивни гестови, идеи, симпатизери, функционери… не треба само а приори да се отфрлат туку и да се презрат (во таа насока оди и актуелната медиумска кампања против новата министерка за труд и социјала Фросина Ременски, а богами и кон меѓународните дипломати, додека остатокот од функционерите на опозицијата веќе одамна се под овој „третман“).

За да се создаде таква атмосфера, атмосфера на линч и исклучивост, неопходна е, па дури и круцијална, улогата на медиумите. Но, за да добие на тежина целата стратегија на „бетонирање“ (што би рекол Груевски) на шизофреното општество, не се повеќе доволни само одбраните гласноговорници на „режимските“ медиуми. Потребна е потпора и на „потешката“ артилерија, а во случајов тоа е наводниот државнички говор на премиерот Груевски.

Звучи парадоксално, но со вакво дејствување, медиумите, всушност, ја достигнуваат апсолутната слобода, онаа универзална, космичка слобода. Таа претпоставува дека имаме дарба за безгранична креативност и апсолутна способност секогаш да почнуваме од нула („бидејќи коренот на човекот е самиот човек“, Карл Маркс). Значи, медиумите повеќе не се орудија за постигнување на онаа практична слобода на граѓанинот туку се алатка за создавање проект, конструкција што ја планираме и, по желба, растеглив резултат на минатото кое без прекин го надминуваме. А граѓанинот е тука за да учествува во тој проект, во таа „пресудна битка за Македонија“ или во „Скопје 2014“, сосема сеедно. Оној што нема да се вклопи во зададениот проект, тој е непријател на националниот суверенитет и идентитет и треба да исчезне од нашата визија за светот.

Се разбира, под плаштот на големите проекти „клечат“ безброј „проектчиња“ врзани за моќта, парите, корупцијата итн. А медиумите тука се соучесници.

Значи, да се вратиме на почетното прашање: Дали сте го слушнале (виделе, прочитале) говорот на премиерот Никола Груевски по повод Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври? Прашањето, се разбира, е реторичко. Би требало да живеете во некаков изолиран стаклен ѕвонец, па да не налетате на него. А дали знаете дека во општината Шуто Оризари сѐ уште нема гинеколог? Можеби знаете, а можеби и не. Ова прашање не влегува во корпусот на универзални и космички слободи на посткомунистичката мафијашка држава.