Многу, да не кажам сите македонски премиери, од Никола Кљусев наваму, на овој или на оној начин, си поигрувале со државните институции, држејќи ги под контрола или, едноставно, заобиколувајќи ги. Но, начинот на кој тоа го прави актуелниот премиер Христијан Мицкоски, според моето мислење, е без преседан во македонската плуралистичка историја.
Јас навистина не можам да се сетам премиер да обвини за обид за (негов) поткуп и тоа обвинение да остане на нивото „муабети пред гранапче“.
Порака до криминалците
Значи, премиерот на прес-конференција рече дека му бил нуден поткуп, владата да прифати тендерска документација за Коридорот 8, односно за изградба на пругата до Бугарија. Не кажа кој му нудел поткуп, ниту што презел по тој повод. Само рече дека „се знае како оди тоа“, имплицирајќи веројатно дека веќе има искуство со вакви (непријавени) дејанија.
Кога се дозна дека Обвинителството нема никакви информации, ниту води каква било постапка по овој случај, Мицкоски соопшти дека одбрал оваа информација да ја каже на прес-конференција затоа што: „Јас одлучив со јавност да се борам против криминалот и корупцијата и затоа ја дадов таа изјава, и тоа е порака дека времето на криминалците во политиката заврши, дека е време за чесни политичари, луѓе што ги љубат својот народ, татковината и ќе работат во интересите на своите сограѓани и својата татковина“.
Тоа ли е таа борба против корупцијата? Ќе излезеш на прес-конференција, ќе кажеш нешто произволно, непоткрепено со никакви факти и ќе чекаш топката снег да се претвори во лавина
Сигурен сум дека Мицкоски знае дека во Македонија постојат низа институции, обвинителства, комисии, агенции, разно-разни тела, чија задача е да се борат против корупцијата. Сигурен сум дека знае дека имаме, можеби не совршени, ама секако добри законски решенија, акти и уредби, чија задача е спречување на корупцијата. Знае, но, сепак, се решава тој самиот, заедно со јавноста, да се бори против корупцијата. Зошто? Нема доверба во институциите со кои раководи?
Како ќе се бори против корупцијата? Со тужби пред јавноста наместо пред истражните и судските органи? И како јавноста (заедно со Мицкоски) ќе им суди на „криминалците во политиката“? Со кревање палец нагоре или надолу? Со плукање и клетви, со распнување на столбот на срамот, со ловење и спалување вештерки, како што тоа неодамна се случи со поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска?
Тоа ли е таа борба против корупцијата? Ќе излезеш на прес-конференција, ќе кажеш нешто произволно, непоткрепено со никакви факти и ќе чекаш топката снег да се претвори во лавина. Ако не се претвори, никому ништо, тоа е порака до „криминалците во политиката“ и белки затоа не подлегнува на никаква одговорност за јавно искажаниот збор.
„Кога сакам да праќам пораки, обично одам во пошта“, наводно рекол славниот филмски режисер Џон Форд, кога го прашале какви пораки праќа со неговите филмови.
Се разбира дека е легитимно (и потребно) политичарите да ги испраќаат своите пораки до јавноста, меѓу другото, и преку прес-конференции, но „поштата“ за „испраќање пораки“ до криминалците, па макар тие биле и во политиката, сепак не се медиумите и новинарите, туку истражните органи.
Вака формулираните тези не се ништо друго, туку популизам, цуцулење со институциите и консеквентно докажување дека „љубената татковина“, всушност, не е кадарна да се справи со коруптивните зделки.
Половична пруга и половичен поткуп
Постои уште една многу пострашна претпоставка од спектарот на популизмот: дека премиерот, едноставно, не ја зборува вистината, туку измислува приказна за поткуп, токму за добивање некаков ефект во јавноста дека е чесен и бескомпромисен борец за правдата. Се разбира дека оваа теза е во колизија самата со себе. Ако некој не ја зборува вистината, тогаш тој не е чесен и не можете да му верувате на кое било негово тврдење.
Впрочем, премиерот по изборите рече дека онаа милијарда што ќе ја добие неговата идна влада, нема да дојде од Унгарија. На крајот излезе дека токму Унгарија е кредиторот, иако засега не со милијарда, туку со половина од таа сума. Можеби сега навистина му понудиле мито, ама не во цела сума, туку само половина од неа, па човекот решава да споделува информации, додуша не во целост, туку само половично.
Државава има цел институционален систем за спречување на корупцијата, но има и власт (без оглед од која политичка опција е) што тој систем ќе го суспендира со едно кревање рака на диригираните пратеници
Се чини дека „кризниот пи-ар“ на премиерот ја сфати стапицата на ваквите, најблаго речено, несериозни изјави, па некои медиуми излегоа со „детали за обидот за откуп“. Деталите се сведуваат на тоа дека извесна турска фирма, преку извесни канали, се обидела да ги поткупи премиерот и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, со извесна сума пари.
Се разбира дека ако постои таква компанија, таа сигурно е турска, затоа што на тендерот за изградба на пругата се пријавија седум турски фирми. И ниту една од некоја друга земја.
Владата реши да го минира сопствениот тендер, повлекувајќи ги своите претставници од тендерската комисија. За да ја покаже својата „посветеност на транспарентност и интегритет“. Образложението на министерот Николоски е исто толку проблематично, како и изјавите на неговиот претпоставен. Тој вели дека со овој потег „ја покажуваме нашата сериозност“.
Всушност, повлекувањето на владините претставници од евалуакциската комисија го говори сосема спротивното. Тоа значи дека претставниците на владата не се доволно компетентни, стручни или едноставно не знаат и не можат да проценат која фирма има најдобра понуда. Или дека тендерот е распишан надвор од законските рамки. Која сериозна фирма ќе се јави на некој следен тендер, ако знае дека владата, за да ја покаже својата сериозност, транспарентност и интегритет ќе го минира тендерот во кој момент ќе ѝ текне.
Според мене, постојат две објаснувања за ваквото неодговорно однесување на нашите одговорни политичари.
Или оваа влада, од некои само ним познати причини, воопшто не сака да се изгради пругата до Бугарија, за што постојат назнаки токму во изјавата на Николоски („…ќе бараме јасни гаранции од Бугарија за нејзината способност да го заврши проектот“).
Или, пак, се чека некоја понуда „во четири очи“ од типот на онаа со „Бехтел и Енка“, па да се донесе некаков лекс специјалис, со кој ќе се суспендира правниот поредок на државата, а транспарентноста ќе се брани со изјавите дека условите на договорот се тајни и не можат да се објават во јавноста.
А евентуалните „вградувања“ во договорот ќе останат една од оние вечни државни тајни, како што ќе остане и тајна која тоа фирма нуди поткупи и зошто не е процесуирана.
Барем постои надеж дека кога премиерот ќе ја отвори телефонската линија, во име на заедничката борба со јавноста против корупцијата, ќе се осмели да се јави и да си пријави самиот себеси дека му е понуден поткуп
Рековме дека во државава има цел институционален систем за спречување на корупцијата, но има и власт (без оглед од која политичка опција е) што тој систем ќе го суспендира со едно кревање рака на диригираните пратеници, кој, преку тие „специјални закони“ ќе ја легализираат корупцијата, онаа на највисоко ниво.
И покрај таа институционална мрежа, премиерот Мицкоски вели дека, во рамките на неговиот кабинет, ќе формира „специјален тим“ за борба против корупцијата и ќе отвори телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат коруптивни дејства. Барем ние постарите помниме „борби со октоподи“, „телефонски линии“, „нулти толеранции за корупција“ и останати инструменти од арсеналот на „бушење во здравиот разум“.
Што очекува Мицкоски нему да му пријавам, каков тип корупција?
Еве, ја користам оваа можност, пред да стаса телефонската линија, да му кажам на премиерот дека синоќа на една прослава во еден од скопските ресторани, го поткупив кафеанскиот пејач да ја отпее песната што сакав да ја слушнам. Со извесна сума пари. Тоа го направив без тајни канали и посредници, а постојат и сведоци, кои веќе го раскажуваат мојот гнасен чин.
Тоа ли се очекува од граѓаните? Така ќе ја сузбиеме корупцијата?
Во ред, барем постои надеж дека кога премиерот ќе ја отвори телефонската линија, во име на заедничката борба со јавноста против корупцијата, ќе се осмели да се јави и да си пријави самиот себеси дека му е понуден поткуп. Од извесна фирма, извесна сума, за извесна работа. Знаеме како оди тоа, што би рекол самиот.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија