Деновиве сме сведоци како светот, повеќе или помалку, ладнокрвно гледа како една држава, членка на Обединетите нации, доживува целосен колапс. И многу веројатна хуманитарна катастрофа.
Трагедијата на Авганистанците не е во силата на Талибанците, туку во корумпираноста на нивната официјална влада. Бегството на претседателот Ашраф Гани не е од страв од нападот на Талибанците врз Кабул, туку во спасувањето на сето она што досега го има собрано од сите оние илјадници милијарди што досега се слеаја во оваа страдалничка земја.
Неговото бегство, едноставно, предизвика колапс на системот, распад на војската, на полицијата и на сите оние прерогативи неопходни за функционирањето на една држава. Анархијата и безредието во Кабул практично ги присилија Талибанците да влезат во главниот град и практично да прогласат победа, без буквално ниту еден испукан куршум. Речиси беа замолени од дотогашната власт да го направат тоа, а очигледно се изненадени и самите од ваквата брзина на развојот на настаните.
Авганистан е типичен пример на немоќта или, поточно речено, на неуспехот на таканаречената меѓународна заедница да создаде какви-такви пристојни услови за живот за жителите на заедничката планета, што, се разбира, не и ниту прв, а се чини ни последен пат. Значи, главната грижа на светот не е каде се изгубија оние силни пари фрлени за одржливост на авганистанската република, ниту што сега ќе се случува таму, туку како, по можност, загрозените авганистански граѓани да се задржат во своите граници или евентуално во околните земји, кои и не се баш пријателски расположени кон авганистанскиот народ.
Не смееме никако да изумиме дека за она што се случува денес во Авганистан, свој дел од одговорноста носиме и ние. Конечно, наши војници, со консензуални одлуки на Собранието, активно партиципираа во НАТО-силите во овие две децении во Авганистан
Иако заедничката декларација на Стејт департментот, која ги повикува државите да го почитуваат и да го поддржат безбедното заминување на Авганистанците што сакаат да ја напуштат земјата ја потпишаа околу 120 земји, малку која од нив е подготвена навистина да прими бегалци од оваа земја. Инаку, Босна и Херцеговина е единствената држава од Балканот што не ја потпиша оваа декларација, што е повеќе резултат на нивните внатрешни односи, отколку што е израз на единствена политичка волја.
Европската Унија уште нема заеднички став околу евентуалниот прием на бегалци, а договорен е само распоред на авганистанските државјани што работеле во и за нивната делегација во Кабул. Според изјавите на челниците на земјите-членки, расположението да се примат други бегалци е на прилично ниско ниво.
Двете големи сили, Русија и САД, кои наизменично беа присутни околу четири децении на авганистанската територија и практично се најодговорни за она што сега се случува таму, изгледаат речиси незаинтересирано за земјата за која поднесоа илјадници човечки жртви.
Русија, на пример, е една од ретките држави што не го евакуираше персоналот од својата амбасада во Кабул, како ни нејзините државјани што се наоѓаат таму. Како што наведуваат некои аналитичари, Русија денес негува блиски односи со некогашните крвни непријатели, Талибанците, па затоа нема да изненади ни изјавата на Путин дека не смее да се дозволи „терористите“ да го напуштат Авганистан, дури и ако се „преправаат дека се бегалци“. Путин ќе додаде дека Талибанците се сега „реалност на која треба да се смета за да не се дозволи распаѓање на авганистанската држава“.
Уште пред освојувањето на Кабул, САД објавија дека, во рамките на програмата за посебни емигрантски визи, таму веќе се преселиле 15.000 Авганистанци, а дека уште 18.000 барања се во процедура. Овие бројки не се променети ниту до саботата (22 август). САД се повлекуваат од авганистанската територија до 31 август, па нејасно е кој тогаш ќе го контролира аеродромот во Кабул и како овие потенцијални бегалци ќе можат да се евакуираат.
Токму поради бавните безбедносни и административни процедури на САД, овие 18.000 луѓе, главно ангажирани како логистика од НАТО-силите и невладините организации, ќе бидат распоредени по други земји, сѐ додека не добијат американска виза.
Уганда е земјата што, по барање на САД, ќе прими околу две илјади бегалци од овој список. Оваа источноафриканска држава има долгогодишно искуство во гостопримство на бегалците. Се проценува дека во моментот, на нејзина територија се наоѓаат 1,4 милиони бегалци, главо од Јужен Судан. Другите земји, меѓу кои се и државите од Западен Балкан, Македонија, Албанија и Косово, би требало да прифатат по неколку стотици бегалци.
Тука треба да се каже дека станува збор за бегалци во вистинската смисла на зборот, а не за мигранти. Овие луѓе буквално бегаат за да го спасат голиот живот, а не затоа што условите за живот им се неподносливи. Според агенциските извештаи, новиот талибански режим веќе има списоци за отстрел на „колаборационистите“, така што нивната судбина во Авганистан е повеќе од извесна.
Но, што се случува со оние што ја немале таа „среќа“ да работат за западните сили, а, сепак, се означени како непријатели на талибанскиот режим? Тие, се чини, се препуштени на исто толку извесната судбина.
Канада објави дека е подготвена да прими 20.000 бегалци, со посебен акцент на малцинствата, вклучувајќи ги тука припадниците на ЛГБТ заедницата, жените-лидерки, активистите за човекови права, припадниците на помалите и дискриминирани верски заедници итн. Во оваа бројка не спаѓаат авганистанскиот персонал во канадската амбасада, преведувачите и сите оние што соработувале со канадските сили и канадските организации, за кои е обезбедена посебна миграциска програма. И Велика Британија објави дека е подготвена да прими 20.000 бегалци, ама во рок од пет години, при што првата година би примила пет илјади бегалци.
Како што веќе рековме, Европската Унија нема заедничка стратегија по ова прашање. Грција, една од најпогодените земји од претходната бегалска криза, одбива да биде „влез за Европа“ на бегалците. Италија сѐ уште нема официјален став по ова прашање. Единствено во Шпанија веќе се градат хуманитарни центри и кампови со сѐ уште неутврден капацитет.
Во Германија, исто така, е нејасна политичката волја за прием на бегалците. Наспроти официјалниот став дека се подготвени да примат нови бегалци од Авганистан, таму се водат внатрешни политички дебати за ова прашање. Австрија и Словенија се децидно против прием на бегалците, се чини и Данска, додека помалите земји чекаат да видат како ќе се развива ситуацијата.
Во тој поглед, ниту Македонија не е исклучок. Освен некои јавно изнесени небулози за „исламската опасност“ од оние неколку стотини бегалци што прифативме привремено да ги примиме, не постои ниту дебата, а камоли стратегија за прифат на евентуален вистински бегалски бран. Ова, се разбира, не говори ништо добро за сериозноста на нашата држава.
Ова не е приказна (само) за Авганистан. Ова е приказна за сите нас што живееме на заедничката планета, приказна за октроирани и корумпирани влади, за (не)одговорноста на меѓународната заедница, за целосното отсуство на солидарноста
Имено, не смееме никако да изумиме дека за она што се случува денес во Авганистан, свој дел од одговорноста носиме и ние. Конечно, наши војници, со консензуални одлуки на Собранието, активно партиципираа во НАТО-силите во овие две децении во Авганистан. Не смееме да заборавиме дека немаше политичка гарнитура на власт што не се гордееше со „нашиот придонес кон мирот“ во оваа земја. На овој или оној начин, посредно или непосредно, преку Авганистан и НАТО-мисиите во земјата се слеаја околу две милијарди долари. Многу наши државјани таму работеа со години.
Значи, сега зборуваме за можноста за прием на „вистински“ мигранти, а не за оние неколку стотици бегалци, чиј престој и онака ќе го плати САД. Но, сепак, нашите „славни“ теоретичари на заговор, ксенофоби и чувари на „чистото христијанство“ немаат причина да бидат загрижени. Балканската рута овојпат најверојатно нема да ја има. Турција веќе го изгради својот ѕид на границата со Иран. Иран веќе направи тампон-зони на својата граница со Авганистан. Пакистан, една од ретките држави што ги признава Талибанците, одбива да прими бегалци. Практично, Авганистанците, кои и онака веќе имаат околу три милиони внатрешно раселени лица, се оставени на милост и немилост на нечија проценка на таканаречениот шеријатски закон.
Ова не е приказна (само) за Авганистан. Ова е приказна за сите нас што живееме на заедничката планета, приказна за октроирани и корумпирани влади, за (не)одговорноста на меѓународната заедница, за целосното отсуство на солидарноста, дури и кај државите што се создадени од мигранти и бегалци (или особено кај нив). Во секој случај, поучна приказна.