Ве нервираат ли (пред)новогодишните метежи? Зошто такво лудило, па нели владее немаштија, криза – прашуваат луѓето што не можат да ги разберат мотивите за актуелната шопинг-манија за подароци, храна, пијалаци… Зошто тогаш таква тензија?
Честопати и јас сум го критикувала тоа. Ама кога секојдневието станува потешко и посурово, тогаш празничното лудило и консумеризмот изгледаат како поприфатливи, оправдани, како некакво рацио во целиот хаос. И не е за чудење. Животот стана многу динамичен, непредвидлив, со висок степен на отуЃеност, со сѐ помалку луѓе што се смеат, а сѐ повеќе луѓе што разговараат сами со себе…
Тоа што економски исцрпени и деморализирани, обединети во разочараноста и рамнодушноста се туркаат еуфорично по молови и маркети, не е класичен чин на купување. Без разлика колку имаат во џебот, луѓето со своето учество во метежот, всушност, си купуваат привид дека и натаму сѐ е во ред.
Си купуваат јавна потврда дека се живи и здрави по една тешка година во справувањето со разни кризи – енергетски или економски, со психолошки тензии од дојави за бомби, со коктел од редовна немаштија, нередовен превоз и вонредни настани. Во претпразничниот метеж има и луѓе што ништо не купуваат, само сакаат да се во толпата, на ескалаторите, пред излозите, за да почувствуваат дека се дел од нешто.
Без разлика колку имаат во џебот, луѓето со своето учество во метежот, всушност, си купуваат привид дека и натаму сѐ е во ред
И додека за некои подготовките за дочекот на најлудата ноќ е вообичаена рутина, бидејќи имаат можност да ја организираат за себе во луксузот на која било точка од планетата, за други е прашање на гордост. Нешто како кревање гард, еден вид одбранбен механизам за зачувување на традицијата, која е сѐ посилно засегната од лошиот стандард.
Луѓето не сакаат да ја прекинат таа традиција, дури и кога им е сѐ потешко да финансираат и привид на дочек. Откажувањето од тоа им остава впечаток дека тогаш не би им останало ништо, бидејќи новогодишната ноќ, која поминува многу побргу од подготовките за неа, е поврзана и со семејни истории, сеќавања, носталгии…
Тоа не е само носталгија по времињата кога пријателството било пријателство на дело, а не на социјалните мрежи. Тоа е носталгија по времињата кога новогодишни честитки се купуваа, пишуваа, испраќаа и се дочекуваа со радост. Кога пораките не беа препишувани од некаде и некого, туку имаа авторски потпис, искрени пораки, без потреба емотикони да ги објаснуваат чувствата. Тоа е носталгија по времињата кога најголемото богатство беше да скинеш и да поседуваш копче од оџачарско палто.
Тоа се времиња кога не било важно што ќе сервираш на масата, туку колку широко си ја отворил вратата за пријателите. Времиња кога вратите не се заклучуваа, кога пешаците не се прегазуваа, кога децата слободно играа, кога Дедо Мраз не промашуваше ниеден оџак, кога криминалците завршуваа в затвор, кога учебниците беа без грешки, кога за највисока „планина“ секогаш се сметаше моралот, без разлика дали висината се мери во стапки или во метри.
Каде и да сте, сами или во друштво, во пижами, тренерки или во свечена облека, сеедно, наздравете за новиот ден, за животот, за надежта…
Обидот да се одржи таквата слика е обид да се обезбеди среќен крај за оваа приказна со многу симболи, без оглед на сегашните околности. Тие симболи се точките во просторот и во времето околу кои луѓето се организираат и ги уредуваат на свој начин, давајќи им смисла. Празниците го кондензираат чувството на припадност, на континуитет, на живост, на постоење, на спомени и надежи…
Таа ритуализација е крик и биланс за годината што измина, повод за размислување каде сме и каде одиме. Каде и да сте, сами или во друштво, во пижами, тренерки или во свечена облека, сеедно, наздравете за новиот ден, за животот, за надежта… Во кризна година, кога на тлото на Европа се води војна, да се будиш во мир е повеќе од среќа.
Среќна Нова 2023!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија