Потрошивме речиси еден месец во дискусии за преодна влада. Преодни влади задолжени да спроведат избори, кои ќе добијат преодна оценка за кредибилност, вообичаено се синоним за земји во политичка криза.
Македонија беше во таква криза во 2015 година, кога на барање на тогашната опозиција со Пржинскиот договор беше договорено функционирање на таква техничка влада. Беше тоа во времето кога „бомбите“ го открија целиот раскош на изборни манипулации – од сместување по неколку десетици „човечиња“ од Пустец на една адреса, „влечење за уши“ на избирачи, закани за бркање од работа, сè до барање начини како да се отворат запечатени вреќи со изборен материјал.
Стравот на тогашната опозиција од уште еден изборен циклус во кој ќе биде погазена волјата на гласачите преку изборен инженеринг, купени, исплашени или уценети гласачи, блокирани лифтови и други досетки, беше надминат преку решение за преодна влада, во која свое кадровско „око и уво“ ќе има и опозицијата во точно утврдени ресори. По барање на тогашната власт, тој модел за сто дена преодна влада влезе и во законската регулатива, што значи дека од еднократно и кризно, се претвори во трајно решение.
Денеска може да дебатираме дали на земја што чека одлука за почеток на преговори со ЕУ ѝ треба преодна влада за да спроведе фер и демократски изборен процес? Не би требало. Но, ако ја прашате опозицијата – ќе рече да. И некоја идна опозиција можеби ќе рече – да! Сè додека постои недоверба во спроведувањето на процесот, овој модел ќе биде нужност.
Кога некои денес го повторуваат и го потенцираат епитетот „професионалец“, во контекст на кадри за преодната влада, треба да бидат многу внимателни пред чие име го ставаат
Проблемот е што досега не успеваме да изградиме систем со механизми за анулирање на сите можни сомнежи и незаконитости во изборниот процес, без оглед кој е на власт. Тоа е многу важно, бидејќи со преодните влади се губи време.
Опозицијата не би се согласила на скратени рокови за парламентарни избори, бидејќи така ги губи оние 100 дена влада, во која ќе има свои „контролори“. На тие 100 дена им претходи дополнително време потрошено за подготовки, за консултации околу кандидатите, па и за кавги дали некој предлог е уставен или не. Притоа, воопшто не е исклучен ризикот дека поради разни околности стоте дена може да се претворат во многу повеќе.
Го видовме тоа и пред, и по изборите во декември 2016 година. Поради одлагање на изборите, двапати се формираа технички влади, а 2016 година во продуктивна смисла заврши како изгубена година. Техничкиот премиер Емил Димитриев „се заборави“ на таа функција – остана од 19 јануари 2016 година до 1 јуни 2017 година, речиси една и пол година.
Сите овие настани се случија во време кога на чело на владата имаше технички премиер, кога директор на БЈБ беше долгогодишен „професионалец“, кој за време на тие настани одбивал да му крене слушалка на министерот за внатрешни работи – нешто што во мандат на политичка влада би било тешко да се замисли, а камоли да се случи.
Колку побргу се изгради институционалната доверба во спроведувањето на изборите, толку побргу моделот на преодна влада ќе може да замине во историјата
Затоа, кога некои денес го повторуваат и го потенцираат епитетот „професионалец“, во контекст на кадри за преодната влада, треба да бидат многу внимателни пред чие име го ставаат.
„Крвавиот четврток“ практично ги стави во сенка сите други непрележани детски болести на преодната влада, искажани низ инфантилни потези. Колку за илустрација, еве едно кусо потсетување на некои од вестите во тоа време: „Диме Спасов ѝ оставил празна канцеларија на техничката министерка за труд, Фросина Ременски: без компјутер, без канцелариски материјал, без телефон, без принтер, со исклучен интернет и без далечинските управувачи за клима-уредите“.
Обидите да се опструира работата на кадрите на политичкиот опонент, да се дистрибуираат жалопојки за тоа што му рекол министерот на дополнителниот заменик-министер и обратно, кој кому му го зел столчето, кој на кого му се заканил со кривична пријава и други „теми“ за креирање кавги за изборни цели, е главниот супстрат од нашето кусо искуство со функционирањето на техничката влада. Тоа ли е „идалот“?
Јасно е дека на изборите секогаш некој мора да изгуби, но никогаш нема да изгуби општеството ако посведочи дека волјата на граѓаните е почитувана.
Колку побргу се изгради институционалната доверба во спроведувањето на изборите, толку побргу моделот на преодна влада ќе може да замине во историјата. Патот до брзи и кредибилни избори без преодни влади води преку кратко и јасно правило: Кога си на власт не прави му го на политичкиот опонент она што не сакаш тебе да ти биде направено кога ќе бидеш во опозиција. Точка.