Актуелно

Годината низ наша призма

Скандалот „Рекет“ доминираше годинава | Фото: Роберт Атанасовски

Аферата „Рекет“, со сила на голем земјотрес, тектонски ја промени политичката реалност во Македонија и последиците што следеа како афтершокови се чувствуваа сѐ до крајот на годинава. За само неколку месеци, во рекетарската афера неславно падна специјалната обвинителка Катица Јанева и со себе во клиничка смрт го повлече СЈО, институција која дотогаш уживаше најголема доверба меѓу граѓаните.

БИРН уште на почетокот од годината, месеци пред Обвинителството за организиран криминал да ги осомничи Јанева и Бојан Јовановски за изнуда на пари од бизнисменот Јордан Камчев, ја објави анализата „СЈО е сѐ помалку специјално“.

Без да ги знаеме вистинските мотиви на Јанева, ги анализиравме спорните одлуки на специјалната обвинителка самата да побара домашен притвор за осомничените во истрагата „Империја“. Ги критикувавме и непотизмот на Катица Јанева и драстичниот начин на кој СЈО се затвори за медиумите и ги прекрши сопствените правила за заштита на пресумпцијата на невиност при објавувањето на истрагите по фамозниот рок од 18 месеци од преземање на „бомбите“ и на предметите од регуларното обвинителство.

Пред да пукне аферата „Рекет“ укажавме и на сите недоследности и контроверзии поврзани со помпезно најавуваниот истражувачки серијал на 1ТВ на Бојан Јовановски, претенциозно наречено „Македонски инсајдер“. Емисијата го привлече вниманието на јавноста зашто бизнисменот Зоран Азманов обвини оти со неа Јовановски го рекетирал барајќи му 50.000 евра или стан.

Бонусите на Јанева ја разбрануваа јавноста | Фото: Роберт Атанасовски

БИРН не ги следеше дневно случувањата околу аферата „Рекет“, туку објави текстови во кои ги профилиравме главните протагонисти во скандалот Катица Јанева, Бојан Јовановски и Јасна Мандиќ, која, пак, не е директно поврзана со „Рекет“, меѓутоа е осомничена за малверзациите на невладината Меѓународен сојуз на познатиот Боки 13.

Темата за СЈО во 2019 ја заокруживме со нашата сторија за бонусите на специјалната обвинителка што ги објавивме со помош на податоците од новата база Отворени финансии. БИРН го откри она што голем дел од медиумите се обидуваа долго време да го дознаат, а тоа е дека Јанева во својот четиригодишен мандат зела повеќе од 170.000 евра, најмногу како бонус за заштита на приватност, за кирија и додаток за одвоен живот.

По објавата на овој текст, Јавното обвинителство отвори истрага да ги испита исплаќањата што Јанева ги правела кон себе и кон своите колеги.

Антикорупцијата и годинава во фокусот

Истражувањето за РЕК Битола ги поттикна институциите да реагираат | ФОТО: БИРН

Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), организацијата што стои зад веб-изданието Призма, годинава и директно се вклучи во антикорупциските реформи. Покрај текстовите на оваа тема што Призма ги објавува, претставник на БИРН учествуваше и во целиот процес на мониторинг и на испрашување на кандидатите за членови на новиот состав на Антикорупциската комисија.

За првпат членовите на Антикорупциската комисија се избираа на јавна седница и под будното око на невладиниот сектор.

Новата Антикорупциска комисија амбициозно почна со работа, меѓутоа БИРН анализираше дека амбициозниот старт е нож со две острици. Во текстот „Антикорупциска во потрага по јасен фокус“ коментиравме дека лесното прифаќање на лажните пријави ја ставаат комисијата во служба на партиски препукувања со клевети.

БИРН, 2019 година ја отвори со истражувањето посветено на имотот на поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски. Откривме дека Трајановски, кој раководеше со главниот град во два мандати од 2009 до 2017, девет месеци по повлекувањето, за „ситна пара“ ја купил фирмата „Природна органска храна“ од Скопје, во чија сопственост била семејната куќа од речиси 400 квадратни метри, во која Трајановски планира да живее со семејството откако ќе се довршат градежните работи.

Едно од истражувањата на БИРН од оваа година, кои имаа реален импакт, е текстот посветен на скапата пракса приватници да копаат јаглен за потребите на термоелектраната РЕК Битола.

Во истражувањето анализиравме колку државата ја чинело постојаното одложување на набавката на нова механизација за РЕК Битола и како еден релативно анонимен „играч“ се етаблира во клубот бизнисмени што профитираат од тоа што ЕСМ сѐ уште нема доволно своја механизација.

Едно друго истражување на БИРН покажа дека државното акционерско друштво „Водостопанство“ ги користи системските слабости за да ги зголемува своите приходи од продажбата на речен песок и чакал, а од тоа профит остваруваат и приватните фирми што работат на теренот.

Овој принцип на работа го менува изгледот и екосистемите на реките во Македонија.

Годинава изработивме и објавивме три едукативни анимирани видеа, кои се занимаваат со ефектите од корупцијата во судството, образованието и во процесот на јавните набавки. Во 2020 ќе продуцираме уште такви видеа посветени на други области од општеството, кои, исто така, се подложни на корупција.

Секогаш против медиумскиот клиентелизам

Конечно се дозна цената на „Грујовизијата“ | Монтажа: БИРН

БИРН и годинава ги следеше случувањата во медиумите. Преку базата Отворени финансии откривме дека поранешната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ дала повеќе од 26 милиони евра на националните телевизии во периодот од 2010 до 2017.

Со точната бројка од 26,6 милиони евра ја заокруживме приказната за агресивната пропаганда на поранешната власт предводена од Никола Груевски. Конечно сега знаеме колку чинела десетгодишната симбиоза меѓу тогашните властодршци и сопствениците на најголемите телевизии.

Од јануари 2019, на општините им беше забрането да трошат пари за информирање и за запознавање на јавноста со своите услуги и активности преку приватните радиодифузери, односно преку телевизиите и радијата. Истражувањето на БИРН покажа дека симбиозата меѓу општинските власти и газдите на медиуми е отпорна и на вака јасната законска забрана, односно градоначалниците и понатаму склучуваат договори за промоција на својата работа во локалните и во регионалните медиуми.

Призма беше еден од ретките медиуми што инсистираше и на реформата во Агенцијата за медиуми и во Македонската радио-телевизија (МРТ). И агенцијата и МРТ никако не можат да добијат нови раководства, и покрај тоа што новите законски решенија, кои се занимаваат токму со начинот на избор на раководните тела на овие институции, одамна се изгласани во Собранието.

Во 2019 се занимававме и со парите што Собранието и партиите ги потрошија за пропаганда околу референдумот што се одржа годината претходно. Откривме кои телевизии и радија зеле најмногу пари од референдумот и го отвориме прашањето за изработка на референдумските спотови.

Признание за новинарот на БИРН, Гоце Трпковски од Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите

Сепак, остана нејасно кој ги платил, колку чинат и кој ги изработил радио-телевизиските спотови што ги дале пратениците на Собранието и кои може и денес да се видат на јутјуб-акаунтот на партиско-невладината коалиција „Излези за европска Македонија“.

Предупредивме и дека владејачкиот СДСМ не ги открива трошоците за кусата медиумска кампања „Зборот важи“, која по нарачка на партијата агресивно се емитуваше на телевизиите во почеток на јуни минатата година.

Иако во тој момент формално-правно сѐ уште не беа стапени во сила законските одредби за транспарентност на партиските финансии, сепак, СДСМ падна на тестот и не откри информации за партиските пари, и покрај сосема спротивната и декларативна заложба на партиските првенци.

Меѓу другото, БИРН сѐ уште ги чека информации од СДСМ и за нивната декемврска рекламна офанзива по телевизиите.

Претходно, токму нашето известување ја спречи можноста во последен момент од законските измени да излезе обврската партиите да мораат да споделуваат информации за своите финансии.

Укажавме и на системскиот проблем дека само премиерот знае што и колку сработиле неговите надворешни соработници, во мандатот на Заев тоа се повеќе од триесетина лица, и дека тој е единствениот што го оценува нивниот ангажман. Исто така, нотиравме дека македонската јавност дури по две години дозна дека Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана (ИФИМЕС) бил на платниот список на владата како надворешен соработник.

Скопје 2014 неисцрпна тема

И годинава го истражувавме и анализиравме проектот Скопје 2016 | Фото: БИРН

Уште од објавувањето на базата „Скопје 2014 под лупа“, БИРН постојано следи што се случува со мегаломанскиот проект за промена на изгледот на главниот град. Оваа година обелоденивме кој и како го осмислил Музејот на ВМРО, познат и како Восочниот музеј.

Користејќи ја базата Отворени финансии пишувавме и за парите што Владата ги префрлила на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин, кое во јавноста стана познато како донатор на повеќе споменици во проектот „Скопје 2014“. Пресметавме дека вкупната сума што ова здружение, чиј претседател е 74-годишниот Ташко Јованов, по повеќе основи ја добило од власта предводена од Никола Груевски, е над 100.000 евра.

Директно од Будимпешта направиме репортажа од познатиот Мементо парк, кој е некој вид рецепт за зачувување на несаканото наследство. Паркот на социјалистичките статуи во Будимпешта повремено се споменува како пример за справување со Скопје 2014.

Направивме попис и на објектите што се дел од мегаломанскиот градежен проект, а кои сѐ уште во 2019 година не се завршени.

Пишувавме и за тоа дека се шири семејниот бизнис на поранешниот претседавач на Општина Центар, Владимир Здравев, во чие време се реализираше проектот Скопје 2014. БИРН го истражуваше начинот на кој семејството на Здравев ја проширило хотелската империја од Скопје во Трст.

УНЕСКО и заштита на околината

Ги третиравме и проблемите на Охрид и на езерото | Фото: БИРН

Урбанизмот и неговото влијание врз животната средина отсекогаш бил интерес на нашите истражувања. Така и годинава што измина, БИРН се занимаваше со проблемот што градот Охрид го имаше со статусот на УНЕСКО.

За првпат на „хартија“ ги издвоивме сите институции на државно и на локално ниво, чија работа, меѓу другото, е да го спасат охридското наследство. Изработивме анализа колку вистински тие вкупно 20 институции си ја вршат работата, а ја работевме и темата за охридските дивоградби, кои се една од причините за загрозениот УНЕСКО статус на Охрид.

Следејќи ги урбанистичките теми во главниот град предупредивме дека ако им се дозволи на сопствениците на имоти да располагаат со нив на начините што се предвидени со сегашните ДУП-ови, тоа ќе овозможи во централното подрачје да се изградат уште околу 300 станбени и деловни згради.

Особено внимание предизвика анализата дека, и покрај честите шумски пожари, нема ниту една пресуда за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“, дело за кое е предвидено затворска казна од најмалку осум години, а дури и ако сторителот се извлече со небрежност, би добил најмалку три години.

Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ) им додели пофалница на БИРН и на новинарот Гоце Трпковски во категоријата „Надворешен музејски соработник на годината“ поради објавените содржини за ризиците и несоодветната заштита на културното наследство во земјата. Трпковски го доби признанието за текстот „Културното наследство или се распаѓа или е незаштитено“.

Минатата година, за првпат во Скопје се одржа геј-парада од која БИРН известуваше со видеоприказни и со репортажа.

 

Во наш стил, преку репортажи од митинзи, штабови и со профилирање на главните кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова ги проследивме и претседателските избори, кои се одржаа пролетоска.

И годинава, секои понеделник, среда и петок објавуваме колумни од нашите колеги-новинари Ѕвездан Георгиевски, Сашо Кокаланов и Катерина Блажевска. Исто така, ја продолживме традицијата да објавуваме значајни истражувања од соседството, изработени од останатите балкански редакции на БИРН.

Од пренесените текстови ќе го издвоиме „Александар Ботот: Војната на „Твитер“ за македонската душа“, кој, сепак, се однесува на автоматизираните армии на социјалните медиуми во Македонија, како и истражувањето „Нечесна игра: Кога српските фудбалски хулигани ќе се фатат со бизнис“, кое се занимава со фудбалските навивачки групи и нивните линкови со лукративните бизниси во Србија.

Ја следевме и работата на комисиите за преговори со Грција и со Бугарија, кои се производ на договорите што државава ги потпиша со овие соседи.