Анализи

Многу одговорни на хартија, нула акција за Охрид

Владата формира нова работна група за Охрид, покрај постојните две комисии, од кои едната не работи, а другата нема план

Иако експертите на УНЕСКО беа во реактивна мисија уште во април 2017 година, Владата на вчерашната седница одлучи да формира работна група составена од функционерите на сите институции што имаат некаква надлежност во врска со природното и со културното наследство во охридскиот регион, која ќе ја предводи вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Меѓу главните теми треба да бидат трасите на железничката линија кон Албанија и на патот Требеништа – Струга. Заклучоци треба да се достават до 15 јануари. Владата, исто така, ги задолжи министерствата за животна средина и за култура до декември да направат план за управување со охридскиот регион.

Но, пред оваа одлука до која доаѓа неколку недели од конференцијата на УНЕСКО во Баку, на крајот од овој месец, и најавата дека регионот може да се стави на листата на светско наследство во опасност, деградирањето на статусот на охридскиот регион како светско природно и културно наследство се случуваше пред очите на 47 членови на две државни комисии, чија задача беше и сѐ уште е да го заштитат ова подрачје.

Истражувањето на БИРН покажува дека: едната комисија воопшто не работи, а другата работи без неопходниот план, чие спроведување е задолжена да го следи.

Националната комисија за УНЕСКО, која е составена од петмина министри и дваесет експерти од различни области, не одржала ниту еден состанок откако е формирана во сегашниот состав во октомври 2017 година.

Комисијата за заштита на светското природно и културно наследство на охридскиот регион, пак, одржува состаноци и донесува одлуки. Но, таа не може да ја извршува својата основна функција, да го спроведува планот за управување со регионот, бидејќи таков план не постои. Иако бил предвиден со закон уште во 2010 година, никогаш не бил направен.

Параван-комисија

Статусот на Охрид разнишан, комисијата за УНЕСКО во мирување | Фото: БИРН

Сакам да дадам оставка, но немам на кого, вели Никола Писарев, член на Националната комисија за УНЕСКО. Тој чека да се назначи нов министер за култура на кого ќе може да му врачи изјава дека се повлекува од оваа функција.

„Не сакам да бидам дел од некое тело што не направило ништо, не сакам да го имам тоа како дел од мојата биографија. Тоа е неприфатливо дури и во мирен период, а камоли во време кога Охрид се соочува со опасност од губење на статусот на светско наследство на УНЕСКО“, вели Писарев за БИРН.

Националната комисија за УНЕСКО ја сочинуваат министрите за култура, образование, надворешни работи и животна средина, вицепремиерот за евроинтеграции, како и 20 експерти што Владата ги назначила по препорака. За работата во неа не следува никаков надоместок, туку членувањето се смета за чест.

Писарев вели дека откако дознал дека го назначиле, се заинтересирал за надлежностите и се подготвувал да го даде својот придонес. Воопшто не очекувал дека никогаш нема да го викнат.

„Не знам како е замислено тоа, но тешко е да се замисли петмина министри од Владата да ги усогласат своите агенди заедно со другите 20 членови за да се состанува оваа комисија“, додава Писарев.

Меѓу имињата на членовите на оваа комисија објавени во Службен весник, но никогаш неседнати на заедничка маса, е и Маја Чанкуловска Михајловска, претседателката на македонскиот национален комитет на ИКОМ.

„Секако дека ако комисијата беше активна, ќе се потрудеше да направи нешто, но не нѐ викнале на ниеден состанок. Охрид ни е болка затоа што ситуацијата е алармантна, но имаме и други алармантни состојби“, вели Чанкуловска.

Успешни само во неправењето

Комисијата за охридскиот регион најмногу разгледувала урбанистички планови | Фото: БИРН

Националната комисија за УНЕСКО има општи задолженија, да служи како мост за комуникација меѓу Владата и светската организација, да дава совети и препораки и друго. Поконкретни задачи има Комисијата за заштита на светското наследство во охридскиот регион, составена од 23 члена, која одржала шест состаноци во изминатава година откако постои.

Но, и оваа комисија не може целосно да ги исполнува своите задачи бидејќи треба да работи според документ што не постои – планот за заштита и управување со охридскиот регион.

„Наместо тоа, работиме според општите стандарди за заштита“, вели Зоран Павлов, претседателот на комисијата.

Според него, иако планот би обезбедил поконкретна заштита, додека да се направи тој, комисијата може да се води според законите за заштита на природата и на културното наследство.

„На минатите состаноци главно разгледувавме урбанистичка планска документација. Над 40 планови ни беа дадени на разгледување, од кои позитивно мислење дадовме за девет, а другите ги вративме“, додава Павлов.

Ако постои план за заштита и за управување, објаснува Павлов, комисијата ќе може да го разгледува секој детален урбанистички план и да проценува дали отстапува од него според попрецизни критериуми.

Според иницијативата Охрид СОС, дури и тие девет планови што биле одобрени, биле премногу, бидејќи се отстапува од концептот на целосен мораториум за градење додека не се најдат решенија за да се спаси статусот на светско наследство. Особено што дел од урбанистичките планови предвидувале зголемување на искористеноста на градежните парцели и на катноста.

Коментирајќи ја работата на двете комисии, Драгана Велковска, член на Охрид СОС, вели дека тие се пример за неискрените заложби на властите да го заштитат регионот и неговиот статус на светско наследство.

„Единствениот успех на оваа влада во заштитата на охридскиот регион се состои во тоа што не го сработи, односно што ги запре проектите за експресен пат и за скијачки центар на Галичица. Кога дојдоа на ред работите што требаше да се сработат, ништо не се направи“, вели Велковска.

Не сите што се членови на комисијата за управување со Охрид се активни во нејзината работа. Според одлуката на Владата, во неа треба да има и претставници на МПЦ и на ИВЗ. Поглаварот на дебарско-кичевската епархија, г. Тимотеј вели дека добил само една покана за состанок.

„Тогаш не можев да отидам бидејќи имав обврски, беше празник, и веќе не добив нова покана“, вели г. Тимотеј.

Зошто е важно УНЕСКО

На листата на загрозено наследство се главно воени жаришта, но има и две европски земји | Фото: БИРН

Ставањето на одредена локација на листата на УНЕСКО се смета за престиж, бидејќи дел од националното наследство станува светско. За охридскиот регион тоа има уште поголема важност, бидејќи од над 1.000 локации под заштита на светската организација, само 38 се комбинирани, и со природни и со културни вредности.

Статусот на заштита под УНЕСКО се користи и во маркетиншки цели за привлекување туристи, бидејќи тој е сертификат дека одредено место е единствено по своите карактеристики во светот.

Префрлањето на одредена локација на листата на загрозено наследство не значи целосно губење на статусот. Тоа само овозможува УНЕСКО повеќе да се ангажира со своја експертиза околу заштитата. Но, сепак, е показател дека самата држава не успеала да ги зачува вредностите што биле препознаени од светската организација.

Во случајот со Македонија, во експертските кругови постои стравување дека евентуалното губење на статусот може да се одрази и на евроинтеграциите, бидејќи би им обезбедило аргументи на противниците на проширувањето на ЕУ дека земја што не успеала да зачува природно богатство под заштита на УНЕСКО, не може да ги исполни европските критериуми за животна средина.

Најголемиот дел од 54-те локации со светско наследство во опасност се наоѓаат во држави зафатени со војни, како Сирија, Јемен, Авганистан и Либија, потоа супсахарска Африка, Конго и други. Но, има и по еден локалитет во Австрија, Англија и во САД. Историскиот центар на Виена и старото пристаниште на Ливерпул се нашле на оваа листа поради плановите за изградба на нови објекти. Но, властите во САД самите побарале националниот парк Еверглејдс во Флорида да биде прогласен за загрозено наследство токму за да можат повеќе да ја искористат експертизата од УНЕСКО. Еверглејдс во последните години беше оштетуван од урагани и од суши.

Две места досега го загубиле статусот на светско наследство, еден национален парк во Оман, кој бил 90 отсто деградиран поради црпење нафта, и градот Дрезден во Германија, кој бил тргнат од листата откако изградил нов мост низ заштитената зона преку реката Елба.

Следува: Охрид заглавен меѓу министерства, управи  и општини