Анализи

Датумот за Македонија ќе ја одреди улогата на ЕУ на Балканот

 

По десеттата препорака од Комисијата, се чека одлуката на Советот на ЕУ

Иднината на односите меѓу Европската унија и целиот регион на Западен Балкан зависи од тоа дали Советот на ЕУ ќе определи датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Ова за БИРН го велат водечки меѓународни политички аналитичари и познавачи на регионалните состојби.

Според нив, одлуката што ќе ја донесат европските лидери на самитот во јуни, по своето значење ги надминува домашните политички состојби во земјава, па дури и македонско-европските односи. Таа ќе го даде одговорот дали Европа воопшто смета на Балканот во својата блиска иднина, и ако не смета, дали некој друг може да смета на него.

Затоа многу очи се вперени во самитот на ЕУ, од земјава, од регионот, од Европа и од истокот, а одлуката што ќе се донесе на него ќе им даде насока на многу политички фактори како да постапуваат во иднина.

Вејвода: И проевропските сили ќе станат скептични

Иван Вејвода, директорот на Проектот за европска иднина на Институтот за хуманистички науки од Виена, смета дека е недозволиво што во моментов едно историско и геостратешко прашање зависи од внатрешните политички состојби во Франција, Холандија и можеби во други земји.

„Се надевам, како и многумина, дека Северна Македонија ќе добие отворање на преговорите сега од Советот на ЕУ во јуни. Тоа е многу важно, во прашање е кредибилитетот на Европската унија како проект, како и стратегиската насока на Европа да го интегрира тоа што јас го нарекувам последниот географски дел од срцето на Европа, и Северна Македонија е очигледно дел од него“, вели Вејвода во разговор  за БИРН.

Тој додава дека повторното одложување на поканата за почеток на преговори, за земјава ќе биде многу лошо во секоја смисла на зборот, особено ако се случи поради внатрешно-политички интереси.

„Ќе се испрати лоша порака во регионот каде што многу луѓе, дури и оние граѓани што се најголеми поддржувачи на ЕУ, ќе се прашаат – дали навистина Европската унија нѐ сака, дали навистина се грижи за нас. Мислам дека одговорот е – да, и дека треба повеќе внимание да обрнат на реакциите што може да дојдат“, нагласува Вејвода.

Како што објаснува тој, јасно е дека ниту една од земјите на Западен Балкан сѐ уште не е подготвена да ѝ се придружи на унијата и нема да биде барем во наредните седум-осум години. Затоа Вејвода смета дека треба да се отворат преговорите и со Македонија и со Албанија, за да се одржи процесот во движење.

„Тоа значи дека на многу начини ова е празна дискусија во Европската унија, бидејќи станува збор за процес, а не за нешто што ќе се случи утре, како зачленување“, вели Вејвода.

Бендер: Драматично ќе ослабат борците за вистински реформи

Потсетувајќи дека Македонија добива препораки за почеток на преговорите уште од 2009 година, Кристоф Бендер од Иницијативата за европска стабилност од Берлин, вели дека од извештајот на Европската комисија е јасно дека нашата земја денес е барем еднакво подготвена колку и Србија, која ги отвори преговорите во 2014 година. Тоа, според него, значи дека не треба да има никаква причина за Македонија да не ги почне преговорите за пристап.

„И покрај тоа, сѐ уште има неколку земји-членки што се двоумат, но јас навистина се надевам дека ќе се донесе одлука со која на Македонија ќе ѝ биде дозволено да ги почне преговорите за пристап. Ако тоа не се случи, ќе испрати страшно негативен сигнал, не само кон Македонија, туку кон целиот регион“, смета Бендер.

Според него, една од последиците од негативниот одговор би била драматично слабеење на оние што работат за вистински реформи во земјата.

„Ќе се испрати силен сигнал дека дури и ако вие како политички лидер преземете многу храбри чекори, тоа нема да биде наградено, туку Европската унија ќе ве остави да висите во воздух. Ќе ги засили оние антиевропски популистички сили кои постојано велат – не ја сфаќајте Европската унија сериозно, не е вистински сериозна, го дадовте името Македонија за ништо“, објаснува Бендер.

Тоа, како што вели, дополнително ќе ја ослаби Европската унија, која ќе ги загуби и малите парчиња кредибилитет што ѝ останале на Балканот.

Џуда: Ако ЕУ создаде вакуум, други ќе го пополнат

Новинарот на „Економист“, Тим Џуда објаснува дека ова е ситуација во која домашните политички состојби, во земји како Франција и Холандија, може да определат кој ќе го има клучното влијание врз Балканот во иднина, дали Европа или некој друг. Според него, иако земјава направила сѐ што се барало од неа, шансите да се додели датум се 50-50.

„Има многу притисок врз одредени држави да ја прифатат препораката и преговорите да се отворат, и јасно е дека многу луѓе сметаат дека Северна Македонија навистина го заслужува тоа сега. Но, мислам дека одлуката ќе нема врска со Северна Македонија, ниту со Албанија, ниту со регионот, воопшто. Во оваа фаза, таа има врска со домашната политика во Франција и во Холандија. Вие направивте сѐ што беше побарано од вас“, вели Џуда.

Тој додава дека сега е прашање дали политичарите во Холандија и во Франција, а можеби и во други држави, можат да го „продадат“ проширувањето или ќе мораат да се штитат од критики поради зголемувањето на бројот на членки во ЕУ.

Но, како што вели, негативниот одговор ќе го поткопа кредибилитетот на ЕУ во целиот регион. Како што Македонија долго време чека преговори за членство, Косово чека визна либерализација. Според Џуда, секоја од овие состојби можеби не е важна самата по себе, но кумулативно имаат голема важност, и ако ЕУ продолжи со таквите политики, нејзиното влијание во регионот ќе се намалува.

„Ако влијанието и кредибилитетот на ЕУ продолжат да се намалуваат, природно се создава вакуум и други доаѓаат. Русите, Турците, Арапите… и тоа е лошо за регионот и лошо за Европа“, смета Џуда.