Анализи

Расте бројот на надворешните соработници на Заев

Во моментов премиерот има 39 надворешни соработници | Фото: Flickr на Влада на РМ

Само премиерот Зоран Заев знае што и колку сработиле неговите надворешни соработници, чиј број се зголемил, а порасната е и месечната сума што државата ја одвојува за нив.

Заев е и единствениот што го оценува нивниот ангажман.

Станува збор за некаков вид надворешни советници на премиерот, за разлика од тие што се водат како советници вработени во неговиот кабинет.  

Дума и уште шест нови надворешни соработници

Според податоците до кои дојде БИРН, во моментов премиерот има 39 надворешни соработници. Тие не се избрани на оглас, не одат на работа секој ден, а сумата за нивниот ангажман изнесува 26.440 евра месечно.

Пред осум месеци, во мај минатата година, Заев имаше триесет и двајца вакви соработници и ги плаќаше вкупно 19.000 евра месечно.

Советниците се плаќаат од државниот буџет, но нивната работа ја оценува и надгледува единствено премиерот, бидејќи како што објаснуваат од владината прес-служба, „тие не се државни службеници и оттаму нивните ангажмани не подлежат на класична методолошка евалуација.

„Премиерот е директно претпоставен на надворешните соработници и тие редовно го известуваат за своите активности, го брифираат за извршените активности, согласно директните задачи што ги добиваат од него“, велат од Владата за БИРН.

Останува нејасно како, кога и дали воопшто Заев планира да ја информира јавноста за ефектите од работата на овие луѓе

Останува нејасно како, кога и дали воопшто Заев планира да ја информира јавноста за ефектите од работата на овие луѓе.

Веќе се знае дека меѓу новите седум соработници е поранешната судијка Виолета Дума, која лани ја напушти Државната изборна комисија по скандалот со бонусите. Таа, како што наведуваат од Владата, е ангажирана „поради посебните знаења и искуства од областа на судството и на правосудниот систем“.

Покрај Дума, нови соработници се Александра Љочева, Љупчо Зафироски, Еида Реџа, Стефани Арсовска, Бобан Ивановски и Петер Пулер, кој не зема пари за својот ангажман, додека другите добиваат меѓу 30.000 и 73.800 денари месечно.

Љочева и Еида Реџа се ангажирани поради нивните економски совети, додека Петер Пулер и Љупчо Зафироски се надворешни соработници за процесот на интегрирање на Македонија кон ЕУ. Експертизата на Стефани Арсовска се ЕУ-фондовите, а Бобан Ивановски е надворешен соработник за информатичките технологии.

Потреба или „згрижување“

Заев е и единствениот што го оценува ангажманот на надворешните соработници | Фото: Flickr на Влада на РМ

Минатата година, кога излегоа првите информации за надворешните соработници на Заев, јавноста реагираше дека власта најде нова форма за „згрижување“ партиски и други заслужни кадри, покрај „посебните советници“, кои се вработени во премиерскиот кабинет.

На списокот на надворешни соработници се познати членови на СДСМ, како професорот Ванчо Узунов и адвокатот Миле Зечевиќ, поранешниот министер од редовите на ДУИ, Фатмир Бесими, и коалицискиот партнер Драгиша Милетиќ.

Меѓу овие соработници на премиерот се и Мерсељ Биљали, Исмет Рамадани и професорот од Архитектонскиот факултет, Мирослав Грчев, кои се јавни личности, експерти и остри критичари на претходната власт.

Надворешните советници на Заев, на годишно ниво, чинат околу 18 милиони денари или 300.000 евра од буџетот

Најбурни реакции предизвика ангажманот на поранешниот командант на ОНА од Танушевци, Џезаир Хоџа, по што тој се откажа да го советува Заев околу екстремистички или радикални групи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше ангажманот на двоецот од Србија, Зоран Башановиќ и Александар Обрадовиќ, поради висината на нивните договори. Башановиќ, според Владата, имаше договор од 1.500 евра месечно за привлекување странски инвестиции, а Обрадовиќ од 1.200.

На листата има и такви советници што се ангажирани за нивната експертиза, која е невообичаена. Така, Заев има надворешен соработник за политичко-економски состојби во Голфскиот залив и соработник за економски прашања од Кавказ и од Блискиот Исток.

Овие надворешни соработници се дел од малкуте што не земаат надомест за советување на премиерот.

Надворешните советници на Заев, на годишно ниво, чинат околу 18 милиони денари или 300.000 евра од буџетот.