Анализи

„Македонски инсајдер“: Помпа, обвинувања и тајни

Контроверзната најава

Многу прашина се дигна околу емисијата „Македонски инсајдер“ на 1ТВ. Првично поради сензационалистичките најави на епизодите, заканите и обвинувањето за „рекет“, а потоа и поради нејаснотиите дали станува збор за лиценцирана емисија, како што постојано повторуваат првите лица на телевизијата, и дали српскиот „Инсајдер“ има прaво што се заканува со тужба поради поврзување на двете емисии.

За некои од овие прашања, БИРН побара коментар од првиот човек на 1ТВ, Бојан Јовановски, познат како Боки 13, а одговорите ги добивме писмено потпишани од редакцискиот колегиум на „Македонски инсајдер“.

Во врска со дилемите околу лиценцата и за спорот со српскиот „Инсајдер“, пак, консултиравме експерт за интелектуална сопственост.

Закани и обвинувања

1ТВ првпат го најави „Македонски инсајдер“ на 20 септември минатата година и во промо-видеото се вели дека „емисијата ќе стартува наскоро“. Два месеца подоцна, на 29 ноември се појави ново видео со пораката „стартуваме од 15 јануари“, кое беше емитувано во промотивните блокови на телевизијата.

Наспроти очекувањата на публиката дека на 15 јануари ќе ја види првата емисија, 1ТВ емитуваше само куси најави за четири досиеја и најави дека „Македонски инсајдер“ ќе почне од 17 февруари. Прашани дали станува збор за одложување на емитувањето, од редакцијата на „Македонски инсајдер“ велат:

„Никогаш не најавивме емитување на првата епизода на 15 јануари, туку дека почнуваме ‘од’ 15 јануари, ден кога се појави ‘Македонскиот инсајдер’ со првите четири досиеја“.

Досиејата на кои се реферира во одговорот до БИРН, всушност, се кратки најави за емисиите што би требало да следат, меѓу кои е и онаа со наслов „Мафија на квадрат“, каде што се поставува прашањето: Што се крие зад името Зоран Азманов?

Поради оваа најава, бизнисменот Азманов прво им се заканил на уредниците од 1ТВ, а потоа на прес-конференција го обвини Бојан Јовановски дека се обидел да му изнуди 50.000 евра или стан токму во врска со емисијата.

Телевизијата ги демантираше обвинувањата, најави тужба и побара заштита од новинарските организации поради телефонските пораки на Азманов, во кои тој вели „ќе ве решам, а па потоа себеси ќе се решам“ што беше протолкувано како закана со убиство и поради што Азманов јавно се извини, а двете здруженија на новинарите ЗНМ и МАН објавија соопштение со осуда на најавите за насилство.

Формат лиценциран, авторот таен

Бојан Јовановски не открива од кого ја зел лиценцата за „Македонски инсајдер“

Во интервјуто што следуваше по избивањето на скандалот и пресот на Азманов, Бојан Јовановски во својство на сопственик на телевизијата потенцираше дека зад „Македонски инсајдер“ стои анонимен новинарски тим што ќе ги работи овие чувствителни теми, а ваквата одлука ја правда со заканите како таа од Азманов.

Јовановски, како и новинарите на 1ТВ, во неколку наврати, тврдеа дека „Македонски инсајдер“ е емисија со лиценциран формат.

„Се работи за лиценциран формат, кој во Македонија веројатно ќе треба пластично да го објасниме. Не станува збор за обична емисија, туку за авторска емисија, која од група автори е лиценцирана и заштитена по посебни стандарди за телевизиско емитување и нема бегање од тие стандарди. Кога веќе телевизијата одлучила да плати финансиски средства да ја купи таа лиценца, да ја оформи и да ја приспособи за македонскиот пазар, мораме да работиме и да се придружуваме кон истите тие стандарди“, изјави Бојан Јовановски, меѓутоа ниту откри кои се авторите, ниту, пак, ја посочи емисијата на која се потпира и за чиј формат платил да го приспособи и да го користи.

Тоа не го открива ниту редакцискиот колегиум на „Македонски инсајдер“ во одговорите за БИРН:

„Поради доверливоста на податоците, телевизијата ги задржува правата да не објавува дополнителни информации во врска со проектот, со оглед дека се работи за деловна тајна.“

На конкретното прашање кои се авторите што ја поседуваат лиценцата за „Македонски инсајдер“, оттаму велат:

„Имајќи ја предвид сензитивноста на темата, го задржуваме правото на авторите, нивните имиња да не бидат откриени за јавноста.“

На сајтовите Либертас и Нова ТВ, кои ги управуваат уредници што работат и во 1ТВ, излезе информација дека лиценцата за „Македонски инсајдер“ е од Австрија, меѓутоа редакцискиот колегиум на емисијата за БИРН ја демантира оваа информација.

Има разлика меѓу лиценца и трговска марка

Апликациите за регистрирање на трговска марка

Откако неделава српскиот „Инсајдер“ најави тужба и побара да се забрани емисијата, во првиот момент 1ТВ реагираше дека не била обврзана да бара дозвола од Србите и дека „Македонски инсајдер“ е заштитен ТВ-формат преку официјална агенција за заштита на интелектуална сопственост“.

На Светската база на трговски имиња за територијата на Македонија можат да се најдат барањата за заштита и на името и логото и на „Инсајдер“ од Србија и на „Македонски инсајдер“.

На страната е видливо дека барањето за заштита на трговската марка српскиот „Инсајдер“, односно „Инсајдер продукција“, преку адвокатска канцеларија, го прави на 25 септември 2018 година, пет дена од првата најава на серијалот на 1ТВ.

Месец дена подоцна, на 31 октомври, како физичко лице, преку авторска агенција Бојан Јовановски аплицира за заштита на името и логото на „Македонски инсајдер“.

Адвокатот Валентин Пепељугоски, кој со години застапува странки во спорови околу интелектуалната сопственост, смета дека српскиот „Инсајдер“ има право што реагира и објаснува дека заштита на трговска марка и лиценца не е исто.

Трговската марка е заштита на името и на логото, додека со лиценцата одат и прашањата за авторство и авторските права.

„Дури и да има некој трговска марка, ако некој друг претходно има авторско право, првиов не може да му забрани да го користи, а од друга страна, носителот на авторското право може да му забрани на овој што има трговска марка да ја користи“, вели Пепељугоски.

Според него, 1ТВ и Бојан Јовановски треба да откријат кој ги има правата за емисијата, да кажат дали имаат договор за лиценца и за која територија се однесува тој.

„Од она што до сега го презентираа произлегува дека немаат лиценца. Да имаа, веројатно ќе ја презентираа“, вели Пепељугоски.

Тој потенцира дека ако 1ТВ ги тера меѓународните стандарди, треба да го истакне знакчето „Це“ во кругче, некаде да пишува „under the license of…“ и со тоа да се каже чии се авторските права.

Пепељугоски појаснува дека шоу правено под лиценца е на пример квизот „Кој сака да биде милионер“ и за него јасно се знаело кој ги има авторските права, а тоа е холандската компанија „Ендемол“.

„Според мене, српскиот ‘Инсајдер’ со право се препознал дека е имитиран, бидејќи многу податоци што ги даде ‘Македонски инсајдер’ укажуваат дека е негова копија. Тие имаат основ да се сомневаат, меѓутоа тоа ќе треба да го докажат и на суд“, вели Пепељугоски.

Токму поради сличностите во најавата меѓу српскиот и „Македонски инсајдер“, БИРН го праша Бојан Јовановски зошто порано не објасниле дека нивниот формат нема врска со српскиот „Инсајдер“.

На прашањето не добивме конкретен одговор, туку редакцискиот колегиум на емисијата уште еднаш потенцираше дека „не постои било каква визуелна или предметна поврзаност на двете емисии.

Во понеделничкото интервју на централниот дневник на 1ТВ, Бојан Јовановски рече дека на „Македонски инсајдер“ му помагаат и меѓународни медиумски организации и институции што се занимаваат со истражувачко новинарство. Меѓутоа, ниту тие не ги откриваат.

„Станува збор за асоцијации и организации што се занимаваат со помош и поддршка на новинари во изработка на истражувачки стории. Нивните имиња остануваат познати на редакцијата и го задржуваме правото ние и тие, дополнително да одлучиме дали и кога истите ќе бидат обелоденети.“

Според најавите на телевизијата, денеска треба да бидат објавени нови четири досиеја. Нејасно е дали овој пат станува збор за емитување на завршени истражувачки стории или повторно само за најави за нив.