Анализи

Гласањето во Грција стави крај на една балканска одисеја

Преспанскиот договор помина и во грчкиот парламент | Фото: Flickr на Влада на РМ

Кога грчките пратеници неделава почнаа да дебатираат за историскиот договор со соседна Македонија, наспроти поделеноста, расправиите и немирот предизвикан од договорот, имаше и момент на солидарност.

Пратениците од владејачката социјалистичка СИРИЗА му аплаудираа на колегата пратеник од другата страна на салата каде што седат претставници на конзервативната Нова демократија, откако тој ја критикуваше радикалната десничарска Златна зора поради нејзината неонацистичка идеологија.

Краткотраен момент на заедништво во инаку турбулентен и тензичен период за Грција.

Два дена подоцна, Нова демократија беше против договорот на СИРИЗА, што сепак помина со 153 наспроти 146 гласа, додека во заднина се одвиваа бесни, напати и насилни улични протести.

Нова демократија беше против договорот на СИРИЗА, што сепак помина со 153 наспроти 146 гласа, додека во заднина се одвиваа бесни, напати и насилни улични протести

Договорот од јуни 2018, со кој Македонија го менува името во Северна Македонија, во замена за отстранување на грчкото вето за зачленувањето на земјата во НАТО и на интеграцијата во Европската унија, ќе остане забележан како историски момент на Балканскиот Полуостров, мирна завршница на многу горчлив 27-годишен спор.

Но, бесот и незадоволството од понижувањата и горчината во Грција поради тешките услови наметнати од Берлин и од Брисел за да ја спасат Атина од финансиско уривање, нема да поминат лесно.

„Позитивното е што конечно имаме заемно прифатливо решение по речиси три децении“, вели новинарот и политички аналитичар Павлос Цимас, кој целата негова кариера одблиску го следи прашањето.

Но, додава тој „господинот Ципрас ги исклучи од разговорите сите други грчки политички партии. Затоа на договорот, за кој можеше да има цврст политички консензус во Грција, сега се гледа со недоверба, отворајќи рани што со години биле затворени “.

„Мнозинството е непријателски настроено кон договорот, а тоа е лош знак“.

Ниедна страна не е целосно задоволна

Цимас вели дека владата „ги потценила траумите што ги нанела децениската криза“, кои, како што додава, биле доживеани како „лично и колективно понижување“.

Тоа што договорот со Македонија, склучен под силен дипломатски притисок од Европската унија и од Соединетите Американски Држави, изгледа како „наметнат од странски сили, ја прави работата уште полоша“, вели тој.

Со години Грција зовриваше поради одлуката на нејзиниот северен сосед да го земе името „Македонија“ откако земјата прогласи независност од распаднатата социјалистичка југословенска федерација во 1991 година.

Македонија беше име и на северната грчка провинција. Атина го обвини Скопје дека има територијални претензии, но коренот на расправијата всушност беше во историјата и во националниот идентитет.

„Ниеден компромис за олку чувствителна тема не може да ги задоволи двете страни“, вели професорот Димитрис Христопулос од одделот за политичка наука и историја на Универзитетот Пантеон

За Грција, Македонија на кралот-воин Александар Велики е централен дел на хеленското наследство. Одлуката на нејзиниот северен сосед по него да го именува главниот автопат од север кон југ и аеродромот во главниот град не беше добро прифатена во Атина.

„Ниеден компромис за олку чувствителна тема не може да ги задоволи двете страни“, вели професорот Димитрис Христопулос од одделот за политичка наука и историја на Универзитетот Пантеон и претседател на Меѓународната федерација за човекови права.

Договорот, познат како Договор од Преспа, по езерскиот регион каде што беше потпишан, е значајно постигнување, вели тој.

„Ова никогаш порано не се случило во историјата на меѓународните односи во мирно време – една земја со преговори и со уставни измени да го смени името на друга земја“.

„Ова е парадокс“

Некои Грци, освен што се противат на тоа што зборот „Македонија“ останува во името, исто така остро се спротивставуваат на членот 1 од договорот, според кој јазикот и државјанството на Северна Македонија ќе се нарекуваат „македонски“.

„Ова е парадокс“, вели Базил Ц. Гунарис, професор по современа историја на Аристотеловиот универзитет во Солун, во грчката провинција Македонија, и противник на договорот.

„Не можеме да ги поделиме тие две употреби“, вели тој. „Нема да разбереме на кој дел секоја од нив се однесува“.

Во договорот, сепак, се нагласува дека „македонскиот јазик“ бил признаен на конференција на Обединетите нации што се одржала во Атина во 1977 година. Двете страни во договорот, исто така, го признаваат различното разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“, кој се однесува на различни историски контексти и културно наследство.

Гунарис вели дека десетиците илјади Грци што излегуваат на протести против договорот, вклучувајќи и одредени насилни крајно десничарски групи, се одраз на „еден вид автентична индигнација“.

„Не се сите луѓе што присуствуваат на протестите членови на крајно десничарски групи“, вели тој.

„Системот на јавно образование ги одгледал овие генерации Грци, кои не прифаќаат дека национализмот е конструкција. Тие едноставно чувствуваат дека е изневерено сѐ што научиле на училиште “.

„Системот на јавно образование ги одгледал овие генерации Грци, кои не прифаќаат дека национализмот е конструкција. Тие едноставно чувствуваат дека е изневерено сѐ што научиле на училиште.“

Сепак, новинарите сведочат за значително присуство на крајно десничарски групи на протестот, луѓе со црни качулки со грчки знамиња ги вознемируваа медиумите, а и покрај големата употреба на солзавец од полицијата, имаше инциденти, како насилни напади на фоторепортери од групи што на облеката носеа византиски симболи.

Се појавија постери во центарот на Солун со слики од пратеници што го поддржуваат договорот, кои се нарекуваат „предавници“, а неколку дена претходно куќата на пратеничката од СИРИЗА, Теодора Цакри, беше нападната со молотови коктели. Други пријавиле закани по телефон и вознемирување на улиците, а во четвртокот, поголем број канцеларии на СИРИЗА и домови на нејзините пратеници во Северна Грција беа нападнати.

Македонскиот премиер Зоран Заев, исто така, се соочи со протести, а референдумот за договорот пропадна поради бојкотот на опозицијата, но борбата против договорот во Македонија воопшто го нема интензитетот и набојот со кој се соочува Ципрас во Грција.

„Сопственост врз идентитетот“

Се признава различното разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ | Фото: Flickr на Влада на РМ

СИРИЗА ја очекуваат избори годинава, закажани за октомври, а Нова демократија предводена од Киријакос Мицотакис води во анкетите со разлика од 7-8 проценти.

Претставници на Нова демократија им се придружија на протестите против договорот со Македонија, но Христопулос не очекува дека партијата би ја исполнила заканата дека ќе го поништи договорот ако ја освои власта годинава.

Ова е тешко прашање за Мицотакис, чии татко и сестра исто така порано беа вклучени во преговорите за можно решение што би го вклучувало зборот „Македонија“ во името.

Пробувајќи да ги задоволи и тврдокорните конзервативци и поумерените крила во партијата, Мицотакис балансираше меѓу заканите да го поништи договорот и, имајќи предвид дека дипломатската цена на поништувањето би била превисока, да го блокира пред да биде предоцна.

„Тој нема да го поништи договорот за името од Преспа веднаш штом ќе дојде на власт, и тогаш оние што сега протестираат со нивниот срамен национализам, ќе се свртат против Мицотакис“, вели Христополу.

Двете страни мора да се откажат од нешто, вели тој.

„Овој договор не може да постои ако една од двете страни во него е понижена“.

„Ако навистина сакаме да имаме договор, треба да се откажеме од нешто, да најдеме компромис. Тие нема да можат да изберат име за земјата какво што сакаат, но тогаш дозволете им да си ја нарекуваат националноста како што сакаат. Потребно им е да имаат чувство дека го поседуваат својот идентитет, за да може овој договор да преживее“.