Портрет

Боки – Коперфилд 13

Боки 13 се реобмисли во прокуристот Бојан Јовановски

Боки 13 не ги криеше парите. Носеше „Версаче“ чанта на плажа, „Луј Витон“ му беше за ноќни прошетки, а жолтата за кафе во Дебар Маало. Уште којзнае колку чанти, куфери и аксесоари прошета по терминалите на европските аеродроми.

Екстравагантни му беа наметките и гучи-маичките, тричетврт-панталоните, бодеше очи со ботоксот, луксузни му беа часовниците и чевлите ги менуваше по поза на Инстаграм.

Возеше бисерно бел џип, со големина на гарсониера во Центар.

Најмногу пари покажа кога ја отвори 1ТВ и се накити со искусна и „солена“ новинарска екипа. Не штедеше на ентериерот, на потери со камери по Груевски и Грујевски, неговите репортери истрчуваа со ексклузивки за апсења и организираше гала-прослави со ВИП-гости, пред сѐ, од власта.

Тој не е оној Боки со вишок килограми од кои не се срамеше. Не е веќе момчето што носеше фустани и перики, без разлика дали учествуваше во евтино риалити шоу или се обидуваше да пее на солистички концерт во „Борис Трајковски“.

Се реобмисли во прокуристот Бојан Јовановски и како искусен илузионист го фрли целиот луксуз во очите на јавноста. Главното прашање беше од каде му е „кешот“, а одговорот можеби го има обвинителката Вилма Русковска, која од вчера народски кажано го сомничи за рекет и за перење пари.

Замајувач од врвен маштаб

Фотографија од неговиот инстаграм-профил

Не се расфрлаше само со „сува пара“. Како претседател на невладината Меѓународен сојуз ветуваше народни кујни „подобри од народните ќошиња на претходна власт“, центри за сите 250 до 300 бездомници, од „наредниот вторник“ ќе ги собираше децата од улица, а планираше и да посвојува.

„Христијанче, муслиманче и едно со специјални потреби“, сензационално објави на основачкото собрание на невладината.

На прашањето за парите, нудеше долги и празни одговори.

„Меѓународниот сојуз се финансира со вмрежување на домашни и странски институции и фирми од јавен интерес.“

Коперфилдски секоја наредна точка му беше поголема и поневеројатна од таа што луѓето почнале да ја забораваат. За разлика од Коперфилд, неговите претходни проекти секогаш завршувале со дебакли. 

Тргна да прави телевизија вооружен со површни тези за медиумскиот бизнис од типот „Велија згреши што влезе во политика, ама беше подобар од другите“ и со прочитани неколку параграфи од Законот за медиуми. Небаре е подобар од другите, а попаметен од Велија.

Ветуваше ТВ-студија низ Балканот и истражувачки серијал „Македонски инсајдер“ со дискутабилни лиценца и мотиви, си организираше дуел со Зоран Божиновски пред камери, мафташе со документи кои „ќе ги предаде на институциите кога ќе дојде време“, се жалеше на закани и притисоци, а во меѓувреме доделуваше медиумски награди и ја почести Тамара Тодевска по евровизискиот настап со солидна сума.

И сето тоа го правеше додека во публиката или во студиото веднаш до него седеа пратеници, од Заев половина влада надолу, бизнисмени, аналитичари, јавни личности, инфлуенсерки и новинарски величини, кои со својот кредибилитет требаше да гарантираат дека ова момче ја зборува вистина.

Поради истата цел веројатно ги „собрал“ и имиџот, манирите и дикцијата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Коперфилдски секоја наредна точка му беше поголема и поневеројатна од таа што луѓето почнале да ја забораваат. За разлика од Коперфилд, неговите претходни проекти секогаш завршувале со дебакли

Веројатно свесен за шпекулациите околу него, Бојан Јовановски се појави на божикно интервју водено од главниот уредник и програмската уредничка на сопствената телевизија за да каже дека 1ТВ не е негов случаен проект. 

„За Божик се јавуваат поглаварот на МПЦ и јас“, рутинирано нескромно се пошегува.

Се чини дека целта на тој разговор беше да се покаже дека, наспроти „злобните усти“, телевизијата е логична последица на долгата, можеби контроверзна, ама, пред сè, успешна кариера на Боки 13. 

Раскажуваше дека уште во основно покажувал сопствена иницијатива и интерес за печатените медиуми, сам и без ничија помош како тинејџер ја организирал манифестацијата „13-ка за најуспешните“ и дека правел концерти, иако не знаел да пее само затоа што така си зацртал.

На тоа интервју седнат на скапата жолта фотелја се чини ја направи првата грешка. Се пофали дека за годишнината на телевизијата ќе додели „три автомобили и стан во центарот на Скопје од 70 до 80 квадрати“.

Две недели подоцна, бизнисменот и градежник Зоран Азманов го обвини дека во телефонски разговор му побарал стан или 50.000 евра „за да нема проблеми“.

Роденденот на 1ТВ помина, стан и автомобили никој не доби. 

Предмет на сосема друга анализа е зошто конкретното обвинување на Азманов, кое можеби во меѓувреме прераснало во своевиден модус операнди, не беше доволно Обвинителството да отвори истрага по допрен глас уште во јануари.[/no-select]

Содржината на Пандорината кутија

Дружба вредна неколку селфиња

Бојан Јовановски од вчера е првоосомничен за тргување со влијание и рекет. Во притвор замина со  дофрлување кон обвинителката дека „не зборува вистина“ додека полицаецот му ја носеше скапоцената биркин-чанта. 

Осомничен е дека заедно со Зоран Милески-Кичеец и со помош на јавен обвинител изнудувал пари од бизнисмен под истрага. Обвинителката Вилма Русковска вчера ги даде само контурите на кривичното дело, ама за остатокот од големата слика се погрижија медиумите и социјалните мрежи.

Веќе извесно е дека рекетираниот бизнисмен е Орце Камчев, истрагата најверојатно е „Империја“, а прилично индикативно е и тоа што вчера ѝ беше одземен телефонот на специјалната обвинителка Катица Јанева, која случајно или не, истото попладне поднесе оставка.

Русковска тврди дека изнудувањето почнало во ноември, кога е и отворена истрагата за офшор-бизнисите со кои години наназад медиумите ги поврзуваа Орце Камчев и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Камчев кратко беше во Шутка зашто во очи Нова година беше префрлен во домашен притвор, и тоа на барање на СЈО.

„За причините, во интерес на истрагата, не можеме да дадеме дополнителни информации“, информираа тогаш од Специјалното обвинителство.

Бојан Јовановски се обиде да ги пресретне обвиненијата на последното интервју за својата телевизија емитувано пред две недели. Потврди дека Катица Јанева му е пријателка и дека нејзиниот син работи во 1ТВ, меѓутоа демантираше дека заедно „злоупотребиле клиенти“. 

Како што обично бива, веќе се плетат приказните „сигурно Боки ова не го правел сам“ и дека заедно со Кичеец не се единствените што ги истражува Обвинителството за организиран криминал. И текстовите на новинарот Бранко Героски, кои беа повод премиерот Заев да открие дека постои истрага, под псевдоними вмешуваат повеќемина

Го коментираше и Камчев.

„Околу фамозните приказни за куферите со пари ги отфрлам како невистинити. Доколку ме снимал е направено незаконски и е кривично дело и доколку дојде до такво нешто, во свое време ќе го дадам соодветниот одговор“, рече Јовановски.

Како што обично бива, веќе се плетат приказните „сигурно Боки ова не го правел сам“ и дека заедно со Кичеец не се единствените што ги истражува Обвинителството за организиран криминал. И текстовите на новинарот Бранко Героски, кои беа повод премиерот Заев да открие дека постои истрага, под псевдоними вмешуваат повеќемина.

Во прилог на овие приказни оди и начинот со кој Бојан Јовановски го затвори последното интервју. Изгледаше како некому да праќа порака кога рече:

„Еден од клучевите од Пандорината кутија е во моите раце.“