Репортажи

Мементо – рецепт за зачувување на несаканото наследство

Паркот на социјалистичките статуи во Будимпешта повремено се споменува како пример за справување со „Скопје 2014“

Кога се исчистија урнатините, почна обновата. По земјотресот во 1963 година, се отвори патот за изградба на модерно Скопје. Целосна промена на ликот на градот, правена според последните светски стандарди и трендови за тоа време, водена од меѓународен тим архитекти. 

Половина век подоцна, кога се избројаа гласачките ливчиња, почна новото менување на градскиот лик. Немаше природна несреќа, ниту урнатини, а според голем дел од јавноста и од експертите, ниту потреба од такви градежни зафати. Овојпат политиката го отвори патот за реобмислување на Скопје, предводена од државни и од партиски органи, дизајнирана од локални, не многу познати архитекти и уметници, со стилови карактеристични за времињата што поминале пред 100-200 години.

Иако политичките фактори што го изградија тој проект веќе не се на власт, новите не направија никакви промени во проектот „Скопје 2014“, кој ѝ остана како несакано наследство. Се отвори дебата, се појавија различни идеи, а една од нив доаѓа според пример од Будимпешта, местото каде што сега живее иницијаторот на барокното Скопје.

Парк со статуи надвор од градот

Маркс и Енгелс веќе не биле за во центарот, па биле префрлени во парк-музеј | Фото: БИРН

Од познатата железничка станица Келети, со метро се патува до руинираната Келенфолд, а оттаму се фаќа приградски автобус, во кој не важат туристичките картички за попуст. Така се стигнува до паркот Мементо, можеби најоддалечената знаменитост во Будимпешта, место каде што унгарските власти ги поставиле социјалистичките статуи кога тие станале непожелни во центарот на главниот град.

Ленин, Маркс и Енгелс стојат на главната порта, сместена меѓу стоваришта за градежни материјали и расадници за украсни дрвца. Старото радио на билетарницата свири комунистички маршеви, трабантот е паркиран покрај влезот, а чизмите на Сталин стојат високо подигнати на кулата спроти влезот. Меѓу два ѕида од црвени тули се влегува во паркот, голема празна зелена површина со статуи наредени во кругови и со цветна црвена петокрака во центарот.

„На некој начин, ова е парк и на диктатурата, и на демократијата“, вели кустосот Дора Скуклик, која е среќна што во паркот младите генерации од Унгарија и од целиот свет учат за поранешниот режим преку примероците на неговата визуелна уметност.

Зачувани како историски документи

Чизмите на Сталин се еден од најинтересните експонати за посетителите | Фото: БИРН

Има сѐ што може да се очекува од вакво место. Статуи од татковците на комунизмот, од унгарските народни херои, како Бела Кун, паметници на советските ослободители, скулптури на незнајниот јунак, на жената, на борбата. Сето тоа извајано од бронза, камен, железо или од бетон, поставено среде зеленило.

Околу нив, љубопитни туристи го разгледуваат секој детаљ, нивните деца се обидуваат да сфатат што точно се случува овде, левичарски студенти се воодушевуваат како во светилиште, а Дора Скуклик и нејзините колеги подготвено одговараат на сите прашања за историјата на спомениците, стилот во кој се направени, што претставуваат итн.

Статуите порано биле поставени на јавни места низ Будимпешта и доминирале во урбаниот пејзаж. Како што раскажува Скуклик, биле направени за да му служат на поранешниот политички систем. По демократските промени, на луѓето им било непријатно да живеат покрај нив, но не сакале да се уништат. Затоа во 1993 година, градскиот совет одлучил да ги смести на посебна локација надвор од градот.

„Овие статуи го претставуваат поранешниот режим, тие се историски документи, па затоа беше направен тој избор. Денес посетителите можат да ги видат и од нив да научат за поранешниот режим и за тоталитарните режими воопшто“, вели Скуклик.

Решение или амнестија за Скопје?

Скопските статуи се оштетуваат додека се бара решение за нив | Фото: БИРН

Посетители од поранешни социјалистички земји доаѓале во паркот Мементо по инспирација за тоа што да прават со своите социјалистички статуи. Но, неговиот пример беше споменуван и како едно од можните решенија во дебатите за справувањето со спомениците од проектот „Скопје 2014“.

Освен статуата на Ќосето, која се отстрани пред повеќе од една година, ниту еден друг споменик не е отстранет, иако подолго време стручна комисија работи да најде решение за наследството од овој проект на претходната власт. Уште одамна се донесени заклучоци дека статуите не треба да останат каде што се сега. Има проблеми со законитоста на нивното поставување, бидејќи биле подигнати како спомен-обележја од локално значење, а претставуваат личности од националната и од светската историја.  

Меѓу предлозите што да се прави со нив се сретнува и тој да се направи мементо парк за „Скопје 2014“. Уште пред две години, оваа идеја ја заговараше директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија. 

Авторите на проектот за ослободување на просторот во центарот од наследството на „Скопје 2014“, кој беше претставен на архитектонското биенале во Венеција, исто така предвидуваат статуите што би се отстраниле да се постават на посебен изложбен простор, тие сметаат дека помалите би било соодветно да се наредат во гаражата на Македонската опера и балет. 

Засега сѐ останува по старо

Досега е отстранета само една статуа од проектот | Фото: БИРН

Но, засега ништо не се случува по ова прашање. Наместо да ги отстранува, владата дури се заложи да ги догради и да ги пренамени незавршените споменици, како тој на Мајка Тереза, поради што членот на комисијата за справување со „Скопје 2014“, Мартин Пановски, даде оставка.

„Од поодамна се движиме кон амнестија на проектот“, рече Пановски во интервју за БИРН набргу по оставката.

Од друга страна, пак, по отстранувањето на споменикот на Ќосето, групи поддржувачи на проектот, на социјалните мрежи се организираа како со протести да спречат да се тргнат и другите споменици, пред се Воинот на коњ. Тие дури објавуваа упатства како да се онеспособат крановите што би биле донесени за да ги тргнат статуите.

Временската дистанца овозможила во Будимпешта комунизмот веќе да не биде толку контроверзна тема, како што е владеењето со Македонија на еден нејзин жител од поново време. Сепак, кустосот Скуклик раскажува дека своевремено тоа било тема на поделби, дел гледале со носталгија на социјалистичкото минато, дел го презирале. Но, на сите им било јасно дека тоа време завршило и дека од него може да се зачуваат само спомените. Поточно спомениците.