Истражувањa

Кој и како го смисли Музејот на ВМРО

Поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска го доверила дизајнирањето на оспорениот музејски комплекс на мала група соработници

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Специјалното јавно обвинителство води постапка за надворешноста на Музејот на македонската борба, а комисија на Министерството за култура за неговата внатрешност. Пратеничката Елизабета Канческа-Милевска, дел од т.н. независна група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, како министерка за култура го доверила осмислувањето и дизајнот на целата содржина на овој музејски комплекс, познат уште како Музеј на ВМРО и музеј на жртвите на комунизмот, на мала група луѓе.  Најмалку шест работни групи работеле на различни делови од содржината (за восочните фигури, за уметничките слики и други), но во речиси сите нив учествувале истите личности назначувани од Канческа-Милевска и од нејзиниот претходник од ДПА, Акификмет Џемаили.

Во обемната документација поврзана со дизајнирањето на музејската содржина, добиена од Министерството за култура по барање за пристап до информации од јавен карактер, може да се сретнат повеќе од 20 различни имиња што имале некаква улога во овој процес – историчари, сликари, скулптори, етнолози, режисери, сценографи и други, распоредени во шест работни групи и повремено ангажирани за дополнителни работи. Сепак, за разлика од повеќето што имале еднократни улоги или биле вклучени во разработката на еден тип содржини (за фигурите, портретите, оружјето итн), три-четири имиња се јавуваат како предводници на сите активности, како претседатели или членови на повеќето комисии и работни групи, и како лица посебно ангажирани за дополнителни работи. Тоа се професорите Зоран Тодоровски, Виолета Ачкоска и Даринка Петреска, и повремено професорот Никола Жежов.

Оспорена содржина

Комисија разгледува дали музејот треба да продолжи да постои | Фото: БИРН

Во одлуките за оформување на музејската поставка пишува дека музејот треба да биде „објективно надгледно средство за борбениот код на македонскиот народ, за неговата револуционерна и духовна сила во остварувањето на слободарските и државотворните цели“. Во своите говори на првите јубилеи од работата на музејот, министерката Канческа-Милевска го нарекува „институција од непроценлива важност за нашата историја и култура, каде што младите генерации ќе се едуцираат за негување на историските традиции, за љубовта кон татковината и нејзиното минато“.

Но, „објективната“ слика на оваа „капитална институција“ е дело на неколкумина поставувани лично од тогашната министерка и од нејзиниот претходник (во време кога таа била државна секретарка во Министерството). Како биле избрани токму овие луѓе? Во документите воопшто не се споменуваат конкурси, јавни повици или некоја друга процедура за избор што содржи утврдени критериуми и слично. Сѐ што пишува во решенијата е дека тие се донесени во согласност со членот 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и на членови од Законот за култура. Членот 55 е општа одредба дека секој министер има право да донесува правилници, решенија, наредби, програми и други акти кога е овластен со закон.

Ова право Милевска го искористила за да го постави професорот Тодоровски (тогашен директор на архивот) во сите работни групи – за научно истражувачка дејност, за изработка на концепт, за следење на изработката на тематските портрети, масовните сцени и на восочните фигури, како и за процена на вредноста на експонатите. Професорката Петреска била ангажирана во пет работни групи, Ачкоска во три (двете професорки добиле задача да изработат и дополнителна проектна програма), а името на Жежов се сретнува во групата за подготовката на концептот на изложување. Меѓу нивните соработници во различните групи има и луѓе што се јавуваат како автори во проектот „Скопје 2014“. Во групата за надгледување на изработката на масовните сцени (големите уметнички слики што претставуваат моменти од историјата) бил вклучен и сликарот Антони Мазневски, кој подоцна се откажал откако и самиот добил договор да изработи две такви сцени. Изработката на восочните фигури, пак, ја надгледувал и скулпторот Гоце Наневски, кој изработил три скулптури, меѓу кои и таа на Димитар Поп Георгиев – Беровски поставена на плоштадот Македонија.

Резултатот на сето тоа денес е музеј за кој се потрошиле околу 17 милиони евра, а кој е оспорен токму поради неговата содржина. Од минатата година, работна група составена од Министерството за култура ја разгледува општествената и стручната оправданост на самото постоење на оваа национална установа.

Поранешната министерка не одговори на нашите пораки  за коментар во врска со осмислувањето на музејот.

Јавни набавки без оглас

Целата содржина ја смислиле малкумина и се направила според нивните насоки | Фото: БИРН

Немало јавност во работата на работните групи. Тие воделе записници и поднесувале извештаи до министерката Канческа-Милевска, а таа ги потпишувала решенијата за нивната понатамошна работа и за исплатата на хонорарите. Според записниците, групите одлучувале какви содржини ќе има музејот, на колку крила ќе биде поделен и што ќе има во секое од нив, кои личности и настани ќе се одбележат, на кој начин и со какви експонати (восочни фигури, големи слики или портрети). Носеле одлуки за возраста, облеката и за поставеноста на фигурите, дали да бидат исправени, наведнати, во каква положба да бидат во однос на останатите итн. До детали ја осмислувале и содржината на големите уметнички слики и на портретите, кои потоа биле нарачувани од руски, украински, бугарски, српски, македонски и од други сликари.

Со решение потпишано од Милевска од 14 октомври 2008 година, било одлучено сликите во вредност од 45 милиони денари да се нарачаат без постапка за јавна набавка. За тоа било добиено позитивно мислење од Бирото за јавни набавки, со образложение дека станува збор за набавка на конкретни уметнички дела, за што не може да има повеќе понудувачи. Тие се повикале на членот 99 од Законот за јавни набавки, според кој, може да се избегне ова постапка „од технички или од уметнички причини“, ако услугата може да ја изврши само еден економски оператор. Но, во случајов не станувало збор за  веќе изработени уметнички дела за кои, природно, не може да има повеќе понудувачи, туку за дела што допрва требало да се изработат по насоките и под надзорот на работните тела што ги формирало Министерството. Постапките за овие јавни набавки се спроведувале така што лично биле поканувани автори да достават понуди, а потоа биле оценувани со бодови.

Хибрид на „Јад Вашем“ и „Мадам Тисо“

Целта била да се нагласат страдањата и борбата | Фото: БИРН

Работните групи за следење на реализацијата на овие идеи се состанувале по еднаш или двапати месечно, ги разгледувале скиците што им ги испраќале авторите и давале забелешки како тие да се изменат или да се дополнат.

Некои биле од технички или историски карактер, на пример дека камбанаријата нацртана на сликата „Разловечко востание“ не постоела кога било кренато востанието и треба да се избрише, или дека на сликата „Убиството на Гоце Делчев“ куќите во селото Баница биле нацртани премногу раскошни и треба да се упростат итн. Одлучувале и за детали за тоа колку на сликата треба да биде дебел убиецот на Петар Чаулев (убиен во пивница во Милано во 1924 година), дали на неговата маса да стои чаша пиво или вермут, на сликата за Младотурската револуција да се нацртаат повеќе комити, а на таа за Охридско-дебарското востание повеќе луѓе со кечиња и други забелешки. Понекогаш доаѓале и во судир со авторите откако ќе решеле да ја дополнат содржината. Побарале на сликата „Разловечко востание“ да се нацртаат двајца убиени заптии, на што авторот реагирал дека тоа не било предвидено со првичната идеја, но сепак прифатил да ги вметне.

Тодоровски и Наневски, кои биле задолжени за восочните фигури, често патувале во Киев, каде што тие се изработувале, за да им даваат насоки на авторите дали некоја фигура одговара на историскиот опис за неа или треба да се поправи.

Креаторите на музејската содржина на државна сметка оделе и на патувања што требало да им послужат за инспирација како да го дизајнираат скопскиот музеј. Во октомври 2010 година им биле исплатени 153 илјади денари на Тодоровски, Ачковска и Петреска за патување во Израел, на кое ги посетиле музеите Јад Вашем (посветен на жртвите од холокаустот) и Државниот музеј на Израел.

„Целокупниот груб, сив, безбоен амбиент (суров бетон) со темите и содржините на изложениот фактографски, фотографски, тродимензионален, електронски и друг вид музејски материјал ја носи хуманата порака – никогаш да не се повтори“, напишале тие во извештајот што го поднеле до Министерството за култура по враќањето од Израел.

Во аџилак по инспирација, со решение на министерката Милевска од 10 ноември 2010 година, биле испратени и сценографот Валентин Светозарев и режисерот Столе Попов, на кои им биле дадени 145.903 денари за да патуваат во Будимпешта, Амстердам и во Лондон. Во Будимпешта посетиле повеќе места, меѓу кои и Музејот на теророт (посветен на жртвите на комунизмот), а во Амстердам и во Лондон ги разгледувале музеите со восочни фигури, меѓу кои и познатиот „Мадам Тисо“.

„Уште еднаш ја потврдивме нашата идеја дека на сличен начин би ги конципирале и ние нашите композиции“, напишал Светозарев за „Мадам Тисо“ во извештајот што го поднел по патувањето.

Музејот на ВМРО и на жртвите на комунизмот беше свечено отворен на 20-годишнината од независноста на Македонија на 8 септември 2011 година, но неговото уредување, според документите, продолжило и во наредните години.