Истражувањa

Другар на премиерот со државни бизниси

Другарот од детството на премиерот Заев во минатото никогаш не конкурирал за бизнис поврзан со државата, меѓутоа годинава тоа го направил во два наврати

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Стојан Иванов, другарот од детството на премиерот Зоран Заев, добил уште еден партнерски бизнис со Владата. Од летоска, возачките испити во струмичкиот регион се полагаат кај Иванов, додека БИРН сега открива оти овој струмичанец на почетокот од годинава зел под закуп и 14 бифеа распоредени по министерствата и во неколку државни институции.

Владата го релативизира ова другарство, оттаму ни рекоа дека премиерот има пријателски релации со сите соученици од средно школо, меѓутоа Стојан Иванов беше прилично искрен во разговорот со нас во Струмица.

„Како мали игравме фудбал! Учевме во истиот клас во средно и до ден-денес сме пријатели. За мене пријателството е света работа. Си одиме по родендени, слави, си бевме на свадбите и заедно сме биле и на одмори, сето тоа и пред да стане градоначалник.“

„Меѓутоа, ниту Заев ми помогнал, ниту имав потреба да помага. Тој не знаеше кога и каде сум конкурирал“, дециден е Иванов.

И од кабинетот на премиерот ги отфрлаат сомнежите дека тука постои фаворизирање по пријателска основа или кронизам.

Македонија е мала земја, народски кажано, сите се знаеме и затоа кронизмот некогаш може да биде случаен или неизбежен. Сепак, истражувањето на БИРН открива дека Иванов претходно никогаш не конкурирал за бизнис поврзан со државата, меѓутоа годинава тоа го направил во два наврати.

Коцкарски ризик со Испитниот центар

Иванов тврди дека нуди три пати подобра услуга од претходниците | Фото: БИРН

Стојан Иванов по професија е „безбедњак“, завршил Факултет за безбедност и работел во полето на своето образование како газда на фирма за обезбедување.

Во 2012 ја продал компанијата и наредната година го отворил популарното кафуле „Концепт кафе“ сместено на струмичкото шеталиште во близина на главниот плоштад.

Нема искуство со шоферските испити, освен кога самиот полагал.

Законот предвидува, во секој од осумте региони во републиката, МВР да одбере само една фирма што ќе ги одржува возачките испити, што практично значи дека таа ќе има монопол.

Сега фирмата на Стојан Иванов го има монополот теоретски да испитува, да оценува полигон и градско возење на подрачјето на градовите Струмица, Гевгелија, Валандово и Радовиш.

Иванов вели дека идејата за испитниот центар му дошла постепено, по чаршијата слушал како граѓаните се жалат од фирмата што во последнава деценија управуваше со центарот. Плус, со месеци имало застој во полагањето.

Токму годинава истекувала лиценцата за испитниот центар и МВР летоска распиша конкурс за да додели нова. Лиценцата ја доби другарот на Заев, а единствена конкуренција му беше фирмата што до тогаш ги спроведувала испитите.

Во намерата да покаже дека тој навистина е подобар кандидат од претходниците, Иванов ни откри дека процесот за добивање на испитниот центар е таков што морал прво да инвестира, па потоа да конкурира.

Со други зборови, вложил 150.000 евра пред да конкурира зашто едноставно така налагал законот.

Морал да има одреден број висококвалификувани работници, кои се дефицитарни во струмичкиот регион, просторија од најмалку 50 квадрати во секој од четирите градови, вкупно 120 компјутери и возила од сите категории.

На нашата забелешка дека личи на коцкарски потег некој да вложи толку пари, а да нема сигнал дека ќе го добие испитниот центар, тој коментира:

„За коцкарскиот ризик се согласувам до една мера, но исклучиво од бизнис-аспект, како и секоја инвестиција што има ризици. Сепак, направив проценка дека тоа е инвестиција за која вреди да се ризикува, а Струмица е мало место и можев да претпоставам кои ми се конкурентите. Имав внатрешни информации дека претходниците не планираат да доинвестираат, оти беа „залегнати“ и сигурни дека повторно ќе го добијат бизнисот. Јас газев машки и ги победив“, вели Иванов и додава дека во трката за испитниот центар, од можни 30 бодови, тој добил 29, а конкурентите 20.

Планира инвестицијата да ја врати за три или за три и пол години, односно речиси да ја удвои до истекот на лиценцата до 2023. Сега лиценците траат пет, наместо 10 години.

Немал конкуренција за владините бифеа

Стојан Иванов е познат во Струмица како газда на Концепт кафе | Фото: Фејсбук

Угостителството, пак, не му е непозната работа, но документите што ги обезбеди БИРН покажуваат дека Стојан Иванов речиси и да немал конкуренција во обидот да го земе бизнисот со владини бифеа.

Владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) прво го раскинала договорот со фирмата што претходно ги услужувала министерствата, зашто уредно не плаќала кирија, па во февруари годинава го одржала јавното наддавање за вкупно 16 бифеа.

За дури 14 од нив Иванов немал конкуренција и како единствен заинтересиран го добил правото да ги земе под наем во наредните две години.

Тој ја искористил шансата и наддавал минимални суми од еден до девет денари на почетната цена за месечна кирија. Ако стартната цена во МНР била 67.176 денари, тој дал понуда повисока за цели четири денари и бидејќи немал конкуренција, го добил правото за 67.180 денари да го земе под закуп бифето во новата зграда покрај Вардар.

На истото јавно наддавање, Стојан Иванов се соочил со конкуренција само за две бифеа и во двата случаи се откажал откако дал само по една понуда.

Функционерите трошат петпати помалку во бифеата
Стојан Иванов вели дека бизнисот со владини бифеа го смета за грешка, зашто по десет месеци веќе бил на работ на рентабилност. Тој вели дека ако во времето на ВМРО-ДПМНЕ, во некое министерство се трошеле 400.000 денари, денес се трошат меѓу 60.000 и 70.000, што е за некаде околу петпати помалку.
„Поради тоа што се објавуваат трошоците на функционерите, сега тие многу помалку трошат, но ова влијае врз бизнисот и ќе видиме каков развој ќе има“ вели Иванов.

Идејата на јавните наддавања, тоа се еден вид аукции, е државата да извлече максимум од понудувачите, со тоа што ќе ги мотивира фирмите да се натпреваруваат и со тоа сериозно да ја зголеми почетната сума што ќе ја добива за месечна кирија, меѓутоа на ова наддавање тоа очигледно не се случило.

Едноставната математика покажува дека за сите 16 бифеа, Владата ќе добива само 156 денари повеќе отколку што била почетната цена.

Зошто при доделувањето на бифеата немало конкуренција?

СОЗР, на почетокот од февруари, распишала оглас дека ќе има наддавање, и тој траел десет календарски дена, од 2 февруари до 12. Огласот се појавил еден ден во два дневни весника, каде што и Стојан Иванов го забележал.

Два дена по завршување на огласот е одржано наддавањето.

Првично се пријавиле пет заинтересирани фирми, од кои две биле дисквалификувани бидејќи пријавите им биле неуредни и некомплетни. Тоа значи дека три фирми можеле да наддаваат, меѓутоа една од нив решила да не учествува во наддавањето, иако го поминала првиот круг.

Така се отворила шансата Стојан Иванов сам да наддава за 14 бифеа, а со конкуренција се соочил само за бифеата во министерствата за животна средина и за економија.

БИРН ја праша СОЗР дали се потрудила да се комплетираат двете понуди што биле одбиени, но оттаму ни одговорија дека би ги фаворизирале компаниите што доставиле уредна документација, доколку би го сториле тоа.

СОЗР, исто така, нема информација зошто една од фирмите не наддавала, иако се квалификувала.

Стојан Иванов отфрла дека и за овој бизнис му помогнал премиерот-другар.

„Не сум нечија сенка, јас сум директор и основач на фирмите. Не сакам да се кријам само зошто премиерот ми е другар.“