Истражувањa

Заборавената улога на Србија во холокаустот на Ромите

Се проценува дека само во Србија за време на Втората светска војна настрадале од 12.000 до 20.000 Роми

Ивана Николиќ , Белград

Рано наутро, на 29 октомври 1941 година, нацистичките сили ја окупирале населбата Маринкова бара во Белград, во која живеело претежно ромско население.

Околу пет часот наутро, силите на српската колаборационистичка полиција и жандармерија, влегле во оваа ромска населба и ги одвеле мажите. На исплашените мажи и на нивните семејства им рекле оти ги водат на принудната работа или на рутинска проверка на нивниот идентитет, и дека веднаш потоа ќе бидат вратени.

Но, ниту еден од нив не се вратил.

Меѓу нив биле сопругот, браќата и деверот на Милена Станковиќ.

„Ги зедоа од станот и ги однесоа во логорот Автокоманда (концентрациониот логор Топовски шупи). По два дена, ги однесоа во непозната насока. До денес не сум слушнала ништо за нив“, се вели во изјавата што на 26 јуни 1945 година, Милена, која во тоа време имала 48 години, ѝ ја дала на југословенската Државна комисија за истрага на злосторствата на окупаторот и на нивните помагачи.

Комисијата, која делувала на целата територија на Југославија, била формирана со цел да ги документира злосторствата и другите ѕверства што ги извршиле нацистите и нивните локални помагачи, како и да ги преброи жртвите. Сведочењето на Милена Станковиќ, како и исказите на многу други лица, денес се зачувани во Архивот на Југославија во Белград.

На почетокот на Втората светска војна, во Југославија живееле 300.000 Роми, од кои 60.000 се наоѓале во Србија.

Истражувачите и експертите велат дека сѐ уште нема точни податоци за бројот на Ромите, убиени за време на Втората светска војна, но се проценува дека само во Србија настрадале од 12.000 до 20.000 Роми.

Нивната смрт била директен или индиректен резултат на ригорозните антиромски закони на нацистичкиот окупатор, што ги спроведувал српскиот колаборационистички режим, предводен од премиерот, Милан Недиќ, и од неговата марионетска влада, позната како Влада на национален спас.

Од октомври 1941 до почетокот на 1942 година, во неколку градови во окупирана Србија, мажите, Роми, биле апсени, водени во логори и погубувани, заедно со мажите, Евреи.

Жените и децата од ромска националност, исто така, биле апсени и затварани во логорот Старо сајмиште во Белград, заедно со Евреите.

Околу една третина од нив починале, иако повеќето успеале да преживеат – делумно поради ублажување на прописите, а делумно затоа што престанале да бидат висок приоритет на нацистите.

Инаку, во неделата, во спомен-комплексот Стратиште, кај Панчево, беше одржана комеморација, по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Ромите што настрадаа во Втората светска војна, во организација на Министерството за труд, вработување, боречки и социјални прашања на Србија.

„Наша должност е да ги запомниме сите оние кои се убиени тука, да не дозволиме жртвите да бидат заборавени и релативизирани. Ние мора да сведочиме за ова ужасно злосторство и да го предупредуваме човештвото, за такви ужаси никогаш, на ниту еден народ или човечко битие, без разлика каде и да се наоѓаат, да не им се случат“, изјави Далибор Накиќ, претседател на Националниот совет на ромското национално малцинство во Србија.

Активистите, роднините на жртвите и експертите тврдат дека „Самударипен” или „Порајмос” – ромски збор за холокаустот – е речиси заборавено злосторство во Србија и дека малку е направено за зачувување на сеќавањето на оние што биле убиени или прогонувани.

„Се јавува прашање, зошто не им е посветено внимание (на прогонот и на убиствата) на Ромите. Никој не бил навистина заинтересиран“, вели за БИРН, Драгољуб Ацковиќ, член на Светскиот парламент на Ромите, кој спроведе детални истражувања за холокаустот на Ромите во Југославија. „Така, излегува дека Ромите воопшто не страдале”.

Прашањето за одговорноста

Споменикот на Стратиште, кај Панчево, посветен на жртвите од Втората светска војна. Фото: Мазблн/Викимедиа комонс

Директниот прогон на Ромите во Србија, започнал кон крајот на мај 1941 година, кога почнала и примената на законите што го институционализираа прогонот на Евреите.

Од тогаш, Ромите биле обврзани да одат на принудна работа и на раката да носат жолта лента на која пишувало „ Zigeuner” (циган на германски), им било забрането да работат во државните институции, да одат во болница и во другите јавни установи, како и да користат јавен превоз.

Тие морале да се пријавуваат во полиција, а во некои случаи дури им било забрането и да ги напуштаат своите домови.

Милован Писари, историчар на белградскиот Центар за применета историја и експерт за холокаустот на Ромите, вели дека иако Германците биле главни, тие имале голема помош од колаборационистичките власти на Србија.

„На српските колаборационистички власти им било наредено да ги надгледуваат Евреите и Ромите и да обезбедат почитување на сите наметнати регулативи. И тие тоа го правеле темелно“, нагласува Писари за БИРН.

Во јуни 1941 година, колаборационистичките власти усвоиле неколку одредби во врска со Ромите и Евреите.

Една од нив била усвоена од Синдикатите на музичарите на Србија, со која музичарите од еврејско и од ромско потекло, биле информирани дека повеќе не смеат да работат. Многу Роми во Србија традиционално заработувале пари од музика и пеење.

„Така што тие не можеле да сторат ништо, освен да останат во своите домови и во деловите од градот во кои живееле”, објаснува Писари.

Но најлошото допрва следело – од средината на октомври 1941 година, во окупирана Србија, мажите од ромска националност биле апсени, држени како заложници и убивани.

Така, во концентрациониот логор Топовски шупи биле доведени околу 1.500 мажи, кои набрзо потоа биле егзекутирани во Јабука кај Панчево; Во Шабац, заедно со Евреите, биле убиени 200 Роми, а неколку стотици биле стрелани во Крагуевац и во Лесковац.

„Секогаш тоа се случувало на истиот начин: нацистите давале наредба за апсење на Ромите, нивните сили потоа ќе го опколеле нивното село, а од 4 до 5 часот наутро, српската полиција и жандармерија влегувала по нивните куќи, ги будела луѓето и им велела дека мажите мора да одат со нив, наведувајќи ги како главни причини или одењето на принудна работа или редовната проверка“, нагласува Писари.

Уапсените мажи прво ги воделе во локалните полициски станици, а потоа српската полиција ги префрлала во концентрациони логори.

„Германците давале наредба (за апсење), но сѐ одработувале српските колаборационистички власти”, вели Писари.

Имало и случаи кога локалните колаборационисти, ги разменувале Ромите за уапсени Срби, што особено било случај во Лесковац во декември 1941 година, додава Писари.

„Германците прво ќе уапселе Срби, а потоа доаѓало до интервенција на локалните власти, кои велеле: ‘Пуштете ги Србите, ќе ви дадеме Роми”, додава тој.

„Насекаде имаше крв”

Роми и Евреи од Мачва, кои биле стрелани од страна на нацистичките вооружени сили, Вермахт, во концентрациониот логор во Шабац. Фото: romasintigenocide.eu.

По апсењата и убиствата на мажите Роми, нацистите почнале да се фокусираат на жените и на децата од ромска националност, кои живееле во Белград. Нивното апсење почнало на 8 декември 1941 година, а по апсењето тие биле водени во логорот Старо сајмиште.

Некои од нив починале во логорот, а многумина од оние кои подоцна биле ослободени, починале од последиците на бруталниот третман и на лошите услови во логорот, вклучувајќи го и студот и гладот.

Оние кои преживеале, дале детален опис на животот во концентрациониот логор. Еден од нив бил и Милорад Декиќ, кој во логорот бил затворен кога имал 14 години.

„Тие не сместија во еден голем хангар, како барака, можеше да се види небото и сѐ беше искршено. Имаше четири или пет кревети на подот … дрвени штици поставени во круг и ништо повеќе … Немаше печка, хангарот беше полн со Роми … Мислам дека имаше 700 до 800“, вели Декиќ во изјавата што по војната им ја дал на југословенските власти, а која ја добивме од белградскиот Центар за истражување и едукација за холокаустот.

„Ќе донесеа храна и ја делеа во нашиот павилјон, а ако не бевте таму, ве чекаше стап по глава, да ве удри, да ви ја искрши главата, насекаде имаше крв, а немаше лекари, ништо”, нагласува Декиќ во исказот.

„А потоа дојде тифусот, вошките; секоја вечер умираа 10 до 15 луѓе“.

Иако т.н. „циганско прашање” било високо поставено во агендата на нацистите, тие во јули 1941 донеле одредба, во која се велело, дека секој оној што ќе може да докаже оти неговото семејство во Србија живеело до 1850 година, привремено ќе биде изземен од антиромските закони.

Имало неколку причини за оваа одлука, објаснува Писари.

„Тоа има врска со другите приоритети во тоа време, како што се борбата со партизаните и фактот дека Германците сфатиле оти во Србија живеат многу Роми и оти не е време да се започне со решавање на т.н. ’циганско прашање’“, вели тој.

„Така што Ромите кои можеле да го докажат тоа, биле третирани како Срби, поради што многу жени и деца од ромска националност, од декември до февруари 1942 година, биле ослободени од логорот Старо сајмиште”, додава тој.

Иако нацистите планирале да продолжат со истребувањето на Ромите, проширувањето на војната на Источниот фронт во 1943 година, ги попречило во тоа.

Без емпатија за страдањата на Ромите

Драгољуб Ацковиќ. Фото: Медиа центар Белград

По завршувањето на Втората светска војна, во 1945 година, југословенските воени судови обвиниле неколку десетици лица за воени злосторства, но холокаустот на Ромите никогаш не бил вклучен во обвиненијата. Убиствата и прогонот на Ромите повремено се споменувале во пресудите, но главниот фокус бил ставен на српските и на еврејските жртви.

И во годините што следеле, на холокаустот на Ромите му било посветено малку внимание, како од страна на јавноста, така и од страна на истражувачите. За него никогаш не се учело на факултетите и во средните училишта, вели Никола Радиќ Луцати, од Центарот за истражување и едукација за холокаустот, кој најави објавување на првата база на податоци која ќе содржи сведоштва за холокаустот на Ромите, список на убиените и интерактивна карта на окупирана Србија.

Радиќ Луцати за БИРН вели дека „едноставно нема емпатија (за страдањата на Ромите), којашто во многу случаи постои кон холокаустот (на Евреите)”.

Тој сугерира дека ова е или “прашање на незнаење или прашање на предрасуди или едноставно прашање кое не ѝ е познато на пошироката јавност”.

Радиќ Луцати, исто така, истакнува дека прогонот на Ромите во Србија никогаш не завршил и оти тој и денес постои, а се огледа во нивната економска и социјална маргинализација.

„Тој продолжил и за време, и по социјализмот, и оттука, Ромите се особено добар пример, дека одредени методологии на фашизмот никогаш не се искоренети”, вели тој.

Марија Митровиќ од Коалицијата на млади Роми од Србија, се согласува дека на учениците во Србија „не им е дадена можност да ја изучуваат историјата на Ромите, во рамките на формалното образование, како дел од предметот историја”.

Таа додава дека повеќето луѓе во Србија – вклучувајќи ги и Ромите – не знаат за прогонот и убивањето на Ромите во Втората светска војна. Затоа, Коалицијата ќе се обиде да го надмине ова прашање, со организирање на предавања за Самударипен, за современата дискриминација на Ромите и за она низ коешто тие поминале за време на конфликтот во деведесеттите години.

Сепак, Ацковиќ вели дека припадниците на ромската заедница знаат за прогонот во Втората светска војна, но оти тие сознанија се добиени од прераскажувања.

„Не постои нешто како што е (организирано) колективно сеќавање”, вели тој. „И тој став е добредојден овде во Србија”, додава тој, укажувајќи дека отсуството на непријатни прашања за судбината на Ромите за време на Втората светска војна, им одговара на српските власти.

Ацковиќ, кој беше дел од правниот процес во кој, во 2000 година, на Германија ѝ беше наложено да им исплати отштета на луѓето кои за време на Втората светска војна биле водени на принудна работа во Србија, истакнува дека сѐ уште се надева дека државната власт ќе го исполни ветувањето, дека Старо сајмиште ќе го пробрази во меморијален-центар, кој ќе вклучува и ромски музеј.

И додека тоа не се случи, зградата во која неговите родители биле затворени и малтретирани во Белград, ќе остане онаква каква што е денес – ресторан во кој се готват специјалитети од српската национална кујна, опкружен со автобуски постојки.