Истражувањa

Ниту по 20 години, масакрот во кафулето „Панда“ во Косово, не е разјаснет

20 години по убиствата, кафулето „Панда“ се уште е затворено. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Сербезе Хаџиај (Пеќ)  Филип Рудиќ (Белград) 

Малото кафуле „Панда“, кое се наоѓа во градот Пеќ, во западно Косово, и денес изгледа речиси исто како и пред 20 години.

Дупките од куршумите по ѕидовите, се траен доказ за она што се случило на 14 декември 1998 година, кога вооружени лица отвориле оган во внатрешноста на кафулето и убиле шест млади машки лица од српска националност, што придонесе за ескалација на конфликтот во Косово, кое во тоа време беше југословенска покраина.

Биле испукани 60 куршуми кои ги усмртиле 15-годишниот Иван Обрадовиќ, 16-годишниот Вукота Гвозденовиќ, 18-годишните Светислав Ристиќ, Зоран Станојевиќ и Драган Трифовиќ и 24-годишниот Иван Радевиќ.

Во нападот биле ранети, 18-годишните Владо Лончаревиќ и Никола Рајовиќ, како и сопственикот на кафулето, Мирсад Шабовиќ.

Дваесет години подоцна, сторителите сѐ уште не се изведени пред лицето на правдата, семејствата сѐ уште тагуваат, а дел од косовските Албанци, кои по нападот биле по грешка уапсени и денес, како резултат на малтретирањето што го преживеале во притвор, имаат психолошки проблеми.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, минатиот месец потврди дека истрагата е во тек. „Ние нема да ја криеме вистината. Без разлика дали станува збор за (напаѓачи) Албанци, или за Срби“, рече Вучиќ.

Вучиќ ги отфрли нејасните сугестии дека истражителите секоја година, од 2013 па наваму, се сѐ поблиску до вистината. Имено, тој, во 2013 година, изјави дека нема докази оти масакрот го извршиле косовски Албанци.

По оваа изјава, се шпекулираше дека сторителите биле членови на српските сили или оперативци на службата за државна безбедност. Меѓутоа, и да има вистински напредок во овој случај, тоа во јавноста не е соопштено.

Љубица Трифовиќ, мајка на убиениот, Драган Трифовиќ, вели дека го следи секое појавување на Вучиќ во јавноста, со надеж дека ќе чуе оти е постигнат напредок во истрагата, иако лично не верува дека тоа ќе се случи.

„Никој немаше надеж додека (Вучиќ) не излезе и јавно не го кажа тоа (за напредокот во случајот). Значи, господине претседателе, кој тогаш ги уби тие деца?“, праша Трифовиќ.

Од друга страна, Специјалното обвинителство на Косово, кое ги наследи сите сериозни предмети за извршените злосторства од Мисијата на ООН, УНМИК и од Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС, не можеше да потврди дека за случајот се води истрага.

Суле Хоџа, координатор за медиуми на Специјалното обвинителство, за БИРН вели дека случајот за масакрот во кафулето „Панда“, не е на нивниот список на отворени предмети.

„Сé уште добиваме досиеа од ЕУЛЕКС. Можеби предметот е меѓу оние што се истражени (од страна на мисијата на ЕУ)“, сугерира Хоџа.

Шест млади луѓе уапсени и мачени по грешка

Хајдар Бајри, брат на еден од уапсените Албанци, ја гледа штетата од вооружениот напада во кафулето „Панда“. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

На 17 декември 1998 година, неколку дена по нападот во кафулето „Панда“, семејството Бајри, кое живеело во населбата Затра во Пеќ, го разбудило бучава од три тенкови и стотици припадници на српските сили.

„Беше седум часот наутро. Јас се подготвував да одам во болница во посета на мојот, тогаш 13-годишен, син, кога видов вооружени луѓе како влегуваат во куќата“, вели Кимета Бајри.

Србите го барале нејзиниот втор син, Бехар Бајри, кој, неколку месеци претходно, ѝ се приклучил на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

„Му ги врзаа рацете на Бехар и го однесоа со нив. Неколку минути подоцна, нашите соседи ни кажа дека нѐ виделе на телевизија и дека Бехар е уапсен поради убиство во случајот ‘Панда’”, изјави за БИРН, Кимета Бајри, која денес има 70 години.

Покрај Бехар, биле уапсени и Газменд Бајрими, Џевдет Бајрими, Агрон Колчаку, Влазним Перѓеѓај и Беќир Лоџа. Најмладиот од нив имал 17, а најстариот 22 години.

Кимете Бајри. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

Кимете Бајри била единствената која можела да разговара со својот син, додека тој се наоѓал во центарот за притвор во Пеќ.

„Видов дека е црн и син од тепање. Тој ми кажа дека е добро, му го кажав истото и за нашето семејство. Кога отидов да го видам по трет пат, тој колабираше без да каже ниту збор, и тие (затворските чувари) го зедоа“, раскажува таа.

Во јуни 1999 година, Бајри и уште 400 други затвореници, со автобуси биле префрлени во затворот во Лесковац, Србија. На крајот го ослободиле и тој можел да му раскаже на своето семејство за малтретирањето кое го преживеал во притвор.

„Тие го принудувале да јаде сапун, му ставале сол на раните, го оставале со денови без храна и го чувале во соба со мртви тела на луѓе кои починале поради мачење”, вели Кимета Бајри.

Во тоа време, Влазним Перѓеѓај, имал 19 години. Тој бил последниот од шесте млади Албанци кои биле уапсени во ноќта помеѓу 17 и 18 декември, во својот дом во селото Витомирица.

„Спиев кога пристигна полицијата. Не знаев што се случува. Слушнав за пукањето во „Панда“ два дена предходно на вести. Слушнав како полицијата преку радио станица вели: ‘Уапсен е последниот осомничен, не го закачајте неговото семејство”, вели Перѓеѓај за БИРН.

Тој смета дека нападот во кафулето „Панда“, бил искористен како изговор, српските сили да нападнат албански села во Косово. „По овој случај, ги видовме масакрите во Ќушка, Љубениќ, Павлан и Захаќ. „Панда“ беше вовед во она што им се случи на албанските цивили“, нагласи тој.

Перѓеѓај истакнува дека шестмината осомничени, од јануари до јуни 1999 година, постојано биле измачувани во притворниот центар во Пеќ. „Бевме шестмина во истата соба и спиевме на крв. Тоалетите беа (исто така) полни со крв“, раскажува тој.

Кога ги префрлиле во затворот во Лесковац, малтреирањето станало уште полошо, додава Перѓеѓај.

„Нема метод на насилство што не го доживеавме додека бевме во Лесковац. Најлошо беше кога ги слушавме криковите на другите кога ги мачеа. Беше потешко отколку кога нѐ тепаа. Еден млад човек од (косовскиот град) Исток, беше измачуван и тој почина. Вечерта му го донесоа телото во собата. Тоа крвареше цела ноќ“, вели тој.

„Бехар (Бајри) беше во најлоша ситуација. Тие го тепаа дури и кога ќе колабираше“, додава Перѓеѓај.

И на лица од надвор им било дозволувано да ги напаѓаат или да ги понижуваат шестмината осомничени. „Тие носеа и деца и им велеа: ‘Погледни ги овие терористи, кои убија ваши браќа во Косово’. Гледав лутина на нивните лица“, истакнува тој.

Како резултат на тортурата, Газменд Бајрими, признал дека ги извршил убиствата.

Но, во ноември 1999 година, поради недостиг на докази, судот во Србија пресудил дека ниту еден од нив не е виновен. Обвиненијата за убиство биле отфрлени и тие биле осудени на една година затвор за кршење на јавниот ред и мир. По еден месец, се вратиле дома.

Кимете Бајри вели дека кога се вратиле, нејзиниот син бил видно ослабен, поради она што го проживеал. „Беше како мртовец кој оди”, додава таа.

Од тогаш, неговото ментално здравје се влошувало од година во година, и денес, тој е товар за неговото семејство. „Не можеме да го држиме под контрола, тој е агресивен и често нѐ тепа. Пред една недела ме нападна со секира“, вели Кимете, покажувајќи ни ја пластичната кеса полна со лекови, што нејзиниот син ги пие.

Таа додава дека секоја година, кога се приближува годишнината од нападот во кафулето „Панда“, неговото однесување се менува.

Една ноќ, неговите роднини го нашле како спие пред кафулето, кое денес е напуштено. „Од неодамна, почна почесто да оди на тоа место”, вели Кимете Бајри.

Перѓеѓај, кој денес работи како финансиски службеник во општинската администрација во Пеќ, нагласува дека психолошките проблеми на Бехар, се постојан потсетник на она што им се случило пред 20 години на младите Албанци.

„По цел ден оди по улиците на градот како сенка. Тој не ме потсетува само мене на случајот Панда, туку и другите“.

Масакрот „им донесе страдање и на Албанците, и на Србите”

Хајдар Бајри, во кафулето „Панда“. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

Кога помладиот брат на Бехар, Хајдар, влезе за прв пат во кафулето „Панда“, за да разговара со нас, тој се тресеше.

Кога во 1998 година нападот се случил, тој имал 13 години и бил во болница, но се сеќава дека и следниот ден слушал пукање и дека низ болничкиот прозорец видел многу вооружени мажи.

„Како дете, бев лут бидејќи моите родители не дојдоа да ме посетат (тој ден во болница). Јас дури и не сум замислувал дека тој вооружен напад, ќе му донесе многу болка на моето семејство неколку години подоцна“, вели тој.

Поранешниот сопственик на кафулето, Мирсад Шабовиќ, кој, исто така, бил ранет во нападот, во 1999 година побегнал во Белград, а во 2012 година му го продал кафулето и својата куќа на својот сосед, Албанец.

Новиот сопственик, Мустафе Вејса, вели дека би сакал да го урне објектот. „Ова место ми носи само лоши сеќавања и ужас”, вели тој.

Влазним Перѓеѓај. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

Но, Влазним Перѓеѓај не се согласува: „Тој треба да остане како спомен обележје за луѓето, потсетник на злосторството, кое им донесе страдање и на Албанците, и на Србите”.

Перѓеѓај нагласува дека би сакал да се сретне со семејствата на младите Срби, кои беа убиени во кафулето.

„Подготвен сум, заедно со семејствата да одам и да положам цвеќе на нивните гробови. Ние, од двете страни, чекаме правда, иако не верувам во правдата на српската држава“, објаснува тој.

Обвинителството за организиран криминал на Србија, започна нова истрага за масакрот во 2016 година.

Од таму, во 2017 година, соопштија дека се сослушани 34 сведоци и дека се надеваат оти ќе разговараат со дополнителен број од нив и дека ќе соберат дополнителни докази пред поднесувањето на обвинение. Инаку, до објавувањето на овој текст, од ова обвинителство не добивме одговори на нашите прашања.

Поранешниот српски обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ, вели дека е факт оти во времето на нападот во Пеќ немало „речиси воопшто Албанци”.

„Дојдовме до заклучок дека (Албанци) не се сторители”, изјави Вукчевиќ за БИРН. Сепак, тој додаде дека Обвинителството за воени злосторства не го истражувало случајот, затоа што бил надвор од негова јурисдикција.

Вукчевиќ додава оти не верува дека новата истрага во Србија ќе ја открие вистината за тоа кој го извршил нападот во кафулето „Панда“.

„Тоа нема никаква врска со времето (кое поминало по нападот), туку со решеноста на оние што истражуваат”, вели Вукчевиќ.

Љубица Трифовиќ, мајката на убиениот Драган Трифовиќ, исто така, вели дека не верува во истрагата.

„(Истражителите) само повторно ги отвораат старите рани”, додава таа.

Трифовиќ денес живее во Црна Гора, а Драган е погребан на православните гробишта во Пеќ.

Таа нагласува оти гробиштата денес се „уништени и напуштени”, а гробот на нејзиниот син демолиран, но дека нема намера да ги пренесе неговите посмртни останки, сѐ додека може да оди во Косово, за да го посети неговиот гроб.

„Таму е убиен, таму нека почива”, вели Љубица.