Репортажи

Трка со времето во потрага по ронка интегритет

Целиот процес за изборот на новите антикорупционери виден од првата клупа во собраниската сала

Отворањето на вратите на Собранието досега било или предмет на драматичен настан како 27 април или бледо и протоколарно шетање на заинтересираните низ просториите на законодавниот дом.

Кога беше одлучено дека Собранието ќе се отвори за првпат при интервјуирањето и при изборот на идните членови на Антикорупциската комисија, никој реално не очекуваше дека тоа ќе биде нешто повеќе од фарса – дека на невладините ќе им се дозволи да одглумат учество за на крај сѐ да се реши со партиска математика во некој агол од Клубот на пратеници.

Новиот Закон за борба против корупцијата е прв кој предвидува учество на невладиниот сектор во изборот на членовите на ова регулаторно тело.

Затоа за првпат во комисијата, освен парламентарци, членуваа и претставници на здруженијата, односно фондации назначени за членови во Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор, Сабина Факиќ и Бесим Небиу и Драги Целевски номиниран од Народниот правобранител.

И додека тоа на хартија изгледа демократски и инклузивно и ветува дека по многу години можеби ќе добиеме вистински антикорупционери наместо партиски човечиња, дамка на целиот процес фрла трката со времето.

Процес од неколку месеци стуткан во денови

Отсуството на претходна селекција на кандидатите резултираше со голем број пријавени | Фото: БИРН

Скусените рокови за избор наметнаа пеколно темпо и нешто што реално требаше да трае со месеци се спроведе практично во неколку дена, ставајќи ги и кандидатите и членовите на комисијата за селекција во непотребно брзање да се исполни формалната процедура на сметка на квалитетот на процесот, заради потребата новиот состав на Антикорупциската да биде избран пред распишувањето на изборите.

Кратките рокови направија техничката проверка на документите да ги елиминира и оние кои поради пропуст можеа дополнително да ги достават бараните документи, а јавноста немаше можност да ги дознае кандидатите практично ден пред почетокот на интервјуата. Снимката од нивните одговори, пак, се емитуваше одложено, така што можноста за некаква јавна дебата за квалитетот на луѓето што аплицираа беше однапред елиминирана.

Првите интервјуа почнаа во атмосфера на преседан што сите го чувствуваа, но како што минуваше времето атмосферата се менуваше

Ниту оние што ја имаа можноста да бидат во публика со право да поставуваат прашања, а тоа беа членови на организации што се занимаваат со антикорупција кои претходно се пријавија, не беа во поволна позиција. Биографиите на кандидатите ги добија буквално 5 минути пред почнувањето на првото интервју, откако потпишаа изјава за доверливост на личните податоци до кои добија пристап.

Првите интервјуа во недела наутро почнаа во атмосфера на преседан што сите го чувствуваа, од пратениците до собраниските служби. Но, како што минуваше времето, атмосферата почна да се менува. Ако првите биографии се даваа редактирани, дури и со затемнети фотографии на кандидатите, ако на влезот проверката траеше подолго, веќе вториот ден недоверливоста попушти и оние што селектираа и оние што прашуваа станаа дел од процесот.

Ова се должи и на начинот на кој претседателот на комисијата, Мухамед Зекири, од СДСМ се однесуваше кон гостите, третирајќи ги не само како рамноправен, туку и како важен дел од целата приказна. Сличен однос имаа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, Зоран Илијоски и Владанка Авировиќ со исклучок на Артан Груби од ДУИ, кој не се воздржуваше да го искаже несогласување со присуството на претставниците на цивилното општество во салата.

Артан Груби не се воздржуваше да го искаже несогласување со присуството на претставниците на цивилното општество

Како своевидна одмазда тој не пропушташе да ги прашува кандидатите „Дали сметаат дека и невладините организации се корумпирани“, да дава забелешки за „новинари со интегритет“ алудирајќи на оние „другите“ што седеа во салата, што всушност имаше добри ефекти, бидејќи не дозволи да се заборави минатото кога власта создаваше атмосфера на демонизирање на граѓанските организации и на новинарите, а Антикорупциската послужи како алатка за иницирање на прогонот.

Прашањата и однесувањето на Груби практично ја држеа во кондиција и висока мотивираност „цивилната страна“ од испитната комисија и публиката, иако дилемата дали на крајот на денот целиот процес ќе се покаже како фарса, а изборот ќе биде направен со партиски договор, никого не го напушти до завршувањето на процесот на селекција во комисијата.

Доминираа кандидати од администрацијата

Ретки се оние кои поминаа со високи оценки и што покажаа елементарна храброст | Фото: БИРН

Од десет претпладне до доцна попладне се менуваа кандидатите, но и динамиката на испрашувањето, во зависност на нивната биографија, настап и визија што секој ја изложуваше во почетокот на 30-минутното интервју.

Практично и немаше прашања со точен или погрешен одговор. Сите беа насочени кон тоа во кусо време да се направи проверка на интегритетот и издржливоста на кандидатите на јавен притисок, квалитети без кои идните антикорупционери тешко би функционирале. Ретки се оние кои поминаа со високи оценки и што покажаа елементарна храброст.

„Знаете како е, не можете многу да направите, ќе загубите работа“ се слушаше пречесто како одговор на прашањето дали сте биле изложени на корупциски притисок и што сте направиле во врска со тоа.

„Знаете како е, не можете многу да направите, ќе загубите работа“ се слушаше пречесто како одговор на прашањето

Уште позагрижувачки е впечатокот на вградена сервилност кај кандидатите што доаѓаат од државната администрација. Одбегнување да се проговори за недостатоците во институцијата од каде доаѓаат, инсистирањето на процедурите, законите и на „државата“, го фрлаа во сенка очигледното познавање и експертизата на правната поставеност на борбата против корупцијата.

Интервјуата покажаа дека кај голем дел од испитаниците постои вроден страв, што кај некои резултира и со омраза кон новинарите, се разбира со ретки исклучоци меѓу кои е и единствениот новинар што се пријави на конкурсот.

Отсуството на некаква претходна селекција на кандидатите резултираше со голем број пријавени. Критериумот за искуство во борбата против корупцијата од шест за членовите и осум за оние што се номинираат за претседатели пречесто воопшто и не можеше да се примени.

Партиските војници, но и фаворити лесно се препознаваа, но и оние кои преку жешкото испитно столче во Собранието ги донесе амбицијата да се дофатат до привилегираната класа на државните службеници, како што досега во јавноста се перцепираа членовите на оваа комисија. Со еден збор: максимум плата, минимум работа.

Медиумите го следеа процесот главно во претпладневните часови, па кандидатите кои тогаш беа интервјуирани, беа во понеповолна позиција од другите што доаѓаа во доцните часови. Нивната нервоза, несигурност, збунетост во одговорите и трема станаа илустрација на вестите за изборот на кандидатите, иако речиси и да немаше човек кој на жешкото столче во салата „Борис Трајковски“ во Собранието не ги покажа.  

Слично поминаа и поранешни функционери, луѓе познати во јавноста и оние со одреден политички бекграунд.

Загрижувачки е впечатокот на вградена сервилност кај кандидатите што доаѓаат од државната администрација

Прашањата за роднинска или пријателска поврзаност за чудо речиси сите ги „извади од кондури“, иако тој тип на новинарска заинтересираност можеше лесно да се антиципира. Слична ситуација се повтори и кај кандидат што бил партиски донатор што според пропозициите воопшто и не смеел да влезе во селекција, или кај членови на партиски тела или функции.

Како да беа изненадени, некои и навредени што воопшто за тоа беа прашувани.

„Можеби овој модел треба да се примени при изборот на членови на сите регулаторни тела“, коментираа пратеници и од позиција и од опозиција откако ефектите од ригорозното испрашување ги извадија на виделина вградените мани што ги немаше во стокмените биографии, кои секако зад затворени кабинетски пазарења ќе беа превидени, за што партиите подоцна ќе ја платеа цената.

Она што исто така остави впечаток во изборот на антикорупционерите беше и профилот на кандидатите.

Меѓу пријавените доминираа членови на ревизорски тела, судски или општински службеници, поранешни функционери и актуелни раководители на сектори и обвинители. Ретки беа луѓето што дојдоа надвор од администрацијата, а уште поретки оние кои со својот профил, карактер и со настап ветуваа пресврт во работењето на новата Антикорупциска.

Менталитетот и културата на почитување на интегритет и автономност потешко се менуваат од законите, а уште потешко во партиските структури.