Репортажи

Исцрпувачка трка и млак финиш за „Северна Македонија“

Канческа против празните столчиња од ВМРО-ДПМНЕ | Фото:БИРН

Дури седум часа подоцна од најавеното, но мазно, без тензии и на куса седница денеска доцна попладне поминаа уставните измени во Собранието. Вкупно 81 пратеник, еден повеќе од кога се отвори Уставот, гласаа за преименување на државава во Република Северна Македонија.

Разликата овој пат беше во гласот на Панчо Минов, кој влезе во овој парламентарен состав како член на ГРОМ.

Зеленото копче го стиснаа и осумтемина избркани од ВМРО-ДПМНЕ и „притиснати“ во последните редови од опозициските клупи како посебна пратеничка група.

Тие дојдоа последни, не го дигнаа погледот кон колегите од власта, гласаа и заминаа без да му честитаат на Заев кој се изгушка со речиси сите сопартијци и коалициски партнери.

Само поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милеска од говорницата, објаснувајќи еден од амандманите, малку го критикуваше премиерот, а на долго и на широко зборуваше против својата довчерашна партија.

Со слична и блага реторика ѝ врати зарипнатиот Заев.

Гласаше и Али Ахмети. Ова беше едно од негови ретки појавувања во Собранието, се поздрави со сите што му се најдоа на патот и несигурно седна на пратеничкото столче, како да дошол на гости. Неговите пратеници го овековечија моментот со мобилните.

Амди Бајрам, пак, на влегување не пропушти со двете дланки да се ракува со премиерот.

Сите до еден пратеник од мнозинството го испочитуваа претходниот договор да не дебатираат за амандманите.

Дали се чекаше Меркел?

Додека се чекаше, се гледаше ракомет | Фото: БИРН

Денов почна напнато, најмногу поради уцената од БЕСА, а нова доза драма додадоа и пратеници и министри од СДСМ кои како договорени на своите фејсбук-профили објавуваа заеднички фотографии со Заев и охрабрувачки пораки.

Но, како минуваше времето сѐ појасно беше дека власта го има потребното двотретинско мнозинство.

Нервозниот брифинг од ВМРО-ДПМНЕ, во којшто се велеше дека раководството постојано ќе заседава, ги подгреа сомнежите дека и овој пат некој од нивните ќе гласа. Во прилог на овие анализи одеше и денешната информација дека судот го прифатил обвинението на СЈО за „Талир“ и тоа се толкуваше како дополнителен притисок врз некои од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Дури и на медиумите блиски до партијата во „предавнички“ контекст се појави името на една пратеничка, којашто се спомнуваше и лани во октомври. И претставници од власта во Собранието ги подгреваа овие шпекулации и велеа дека „очекуваат повеќе од 81 глас“.

Меѓутоа, сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се најавиле дека се спречени да присуствуваат на седницата и никој од нив денеска не дојде на работа.

Седницата беше закажана за точно на пладне, па се одложи за три часа подоцна. Откако и тој рок помина, веќе никој не можеше точно да каже што се чека. Eден од поискусните пратеници од владејачкото мнозинство дофрли дека се чека на германската канцеларка.

Пораки од демонстрантите пред Собрание | Фото: БИРН

И навистина, денеска попладне на Меркел ѝ заврши дводневната посета на Грција, а новинарските анализите од нога говореа дека се чека таа по разговорите во Атина да потврди оти договорот ќе мине и во грчкиот парламент.

Во меѓувреме се гледаше ракометниот натпревар меѓу Македонија и Јапонија во собраниското бифе и во прес-центарот, местото каде што беше најкрваво за време на нападот на 27 април 2017.

Имаше и неколку странски новинари, како и репортер од Грција кој во живо ја пренесе веста дека Заев и Касами се договориле околу барањата на БЕСА.

Стотината демонстранти пред Собранието, кои се противат на промената на името, уставните измени ги дочекаа со интонирање на државната химна.

Овој пат меѓу нив и зградата на законодавниот дом имаше тампон зона и многу полицајци од редовниот и од специјалниот состав кои чекаа на „готовс“ во хермелините.