Анализи

Гоце Делчев во поле на некултурен политички натпревар

Политиката е премногу вмешана, и тоа му штети на дијалогот за историјата меѓу Македонија и Бугарија, велат историчарите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Тој можеби го разбирал светот како поле за културен натпревар меѓу народите, но денес политичките претставници на еден народ го користат неговиот лик за уцени кон друг народ. Вака македонски историчари ја коментираат изјавата на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која рече дека Гоце Делчев бил Бугарин, и дека ако македонската страна не прифати заедничко чествување за него, тогаш ќе прекине со работа експертската комисија за историските прашања што е формирана по договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.

Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања има за цел да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани, со цел продлабочување на заемната доверба меѓу земјите. Но, засега историскиот дијалог меѓу Македонија и Бугарија многу повеќе се одвива на политичката отколку на експертската сцена, со изјавите на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, а сега и на министерката за надворешни, Захариева.

Од македонскиот дел на заедничката историска комисија засега молчат и се воздржуваат од влегување во расправа на јавната сцена за овие прашања, иако дел од нивните колеги од бугарската страна ги пласираат своите погледи во тамошните медиуми. Од македонската влада засега реакција има само од портпаролот Мухамед Хоџа, кој рече дека се надева оти двете држави ќе најдат решенија во правец на пријателството и на добрососедството.

Се одзема душата на македонскиот народ

Графитите се редовен декор врз споменикот на Делчев во скопскиот градски парк | Фото: БИРН

Таквото решение не може да се постигне ако политиката ги диктира фактите, вели професорот Ѓорѓи Малковски од Институтот за национална историја.

„Не е познато никаде во светот една држава да ѝ кажува на друга кои историски личности да ги чествува и како. Ова наликува на ултиматум, што секако не е добро за меѓусоседските односи. Така не може да се разговара. Ние имаме бројни факти. Имаат и Бугарите, но имаме и ние. Треба да ги соочиме за да видиме каде е вистината. А со вакви уцени од министерката, со кои практично се уценува една цела нација“, вели Малковски.

Како што додава тој, познато е во светот дека имало многу меѓудржавни комисии за историски прашања, но тие тргнувале од принципот на заемно почитување.

„Тука таквото почитување го нема. Концептот на Гоце Делчев за светот како културен натпревар меѓу народите се погазува токму со ваквите потези на бугарската држава“, нагласува Малковски.

Професорот објаснува дека станува збор за значајна историска личност длабоко навлезена во културата на Македонија и на Македонците во изминатите 75 години и дека на борбата на Гоце Делчев за самостојна Македонија по примерот на другите балкански држави се темели целото денешно битие на македонскиот народ.

„Партизанското движење што ја создало слободна Македонија, во Втората светска војна се повикувало на идеалите на илинденскиот период. Македонскиот партизански одред што го почнал востанието се викал Гоце Делчев. Денес неговото име стои на фолклорни ансамбли, институти, училишта, улици, мостови. Тоа е душата на Македонија. Ако ни се одземе тоа, тогаш навистина би останале народ без историја“, вели Малковски, додавајќи дека Бугарија ја злоупотребува позицијата што ја има Бугарија како членка на ЕУ и на НАТО за да ги наметнува своите политички погледи на историјата, а политиката таму, според него, е многу вмешана во историската наука.

Политичка наместо историска вистина

Заев и Борисов се поклонија пред гробот на Делчев пред да го потпишат договорот за добрососедство | Фото: Влада на РСМ

Со слични ставови е и пензионираниот професор Коста Аџиевски, кој вели дека кога политичарите ќе се вмешаат во историјата, се знае дека таа историја нема да биде реална.

„Тоа не е фер. Добрососедство не се наметнува со уцени. Не може одозгора да се наметнат заеднички прослави, тие ќе бидат само формални и нема да заживеат. Треба да се остави самите општества да ги развијат тие односи“, смета Аџиевски.

Според него, договор за историјата е можен ако пуштат само историчарите да се договорат.

„Тогаш ќе ги соочиме фактите и ќе видиме на која страна натежнуваат и ќе се постигне согласност. Но, јас мислам дека комисијата работи по директива на политичарите. Не може да произлезе единствена вистина со таквата работа, туку само некоја политичка вистина“, додава Аџиевски.

Но, како да се одговори на овие изјави и дали македонската страна треба поостро да реагира на нив? Професорот Малковски смета дека државата треба да покаже поголема цврстина.

„Јас како што видов, бугарската министерка беше насмеана и спокојна кога ја даде изјавата. Македонската дипломатија може да одговори на ист начин, без да го повишува тонот, но да останеме на нашите позиции“, додава тој.

Светски препораки за историјата

Познатата порака на Делчев стои под неговиот споменик во Струмица | Фото: БИРН

За разлика од македонско-грчкиот договор, каде што се нагласува дека експертската комисија за историските и образовните прашања ќе работи според принципите на УНЕСКО и на Советот на Европа, во спогодбата со Бугарија нема таква одредба и се вели само дека толкувањето на историјата треба да биде засновано на автентични докази.

И во препораките од УНЕСКО и од Советот на Европа се вели дека фактите треба да бидат основа на изучувањето на историјата, но се даваат насоки за наративите што треба да се користат со цел да не се создаваат предрасуди преку образовниот процес и да не се јакнат националистичките погледи врз минатото.

Меѓу другото, во прирачниците од УНЕСКО се вели дека историјата треба да се изучува како поширок процес што ги опфаќа различните култури и интеракцијата меѓу нив, наместо да се гледа само низ националната призма.

Во препораките од Советот на Европа, пак, се укажува дека кога станува збор за изучувањето на личностите, акцентот треба да се стави на нивните индивидуални потези и достигнувања, наместо на нивната припадност кон одреден колектив.