Анализи

Ако ЕУ-датумот задоцни, евроскептицизмот нема да чека

Без датум за преговори, евроскептицизмот видливо ќе расте

Ќе се „разоружаат“ проевропските сили и ќе порасне евроскептицизмот. Ваквата ситуација може да ја злоупотребат политичките популисти, со што државава би се вратила во состојбата по Букурешкиот самит во 2008 година.

Ова е најдраматичното од неколкуте различни сценарија што за БИРН ги предвидоа аналитичарите во случај датумот за преговори со ЕУ да задоцни или воопшто да не го добиеме годинава.

За потсетување, по Букурешкиот самит, на кој државава не влезе во НАТО, власта на Никола Груевски отиде на брзи избори, извојува убедлива победа и го отвори патот за заробување на државава, факт кој беше нотиран токму во еден од последните извештаи на Европската комисија.

Податоците на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажуваат дека поддршката за влез во Европската унија од 96 проценти во 2009, годината кога Македонија ја добива првпат од Европската комисија препораката за преговори, паднале на 71, во екот на политичката криза во 2016.

Според анкетите, трендот дополнително се менува по смената на власта и поддршката за ЕУ во 2018 расте на 83 проценти.

Постбукурешко сценарио

„Без датум годинава проевропските сили ќе останат ‘разоружани’ во аргументацијата“, Ненад Марковиќ

„Недобивањето датум за преговори секако дека ќе предизвика огромно разочарување кај граѓаните“, смета професорот и аналитичар Ненад Марковиќ.

Колку повеќе, вели тој, се одолжува датумот, толку евроскептицизмот ќе расте и Марковиќ очекува да настапи уште еден од бројните „лимбо“ периоди во македонската политика.

„Ако датумот за почетокот на преговорите не го добиеме до крајот на годинава, тогаш очекувам овој бран на незадоволство нагло да порасне и во масовност и во интензитет. Тогаш може да се најдеме пред нов „Букурешки самит“, а евроскептицизмот видливо да порасне оставајќи простор за злоупотреби од популистичките политички елити, кои во Македонија не недостасуваат“, предупредува Марковиќ.

Професорот потсетува дека, за разлика од 2008, сега земјава е во ситуација каде што ги исполни сите барани услови.

„А, особено најтешкиот кој се однесува на промената на името, нешто што е преседан по многу основи.“

„Доколку до крајот на годината не добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, проевропските сили ќе останат ‘разоружани’ во аргументацијата за одбрана на патот кон ЕУ, а на популистите и на евроскептиците тешко ќе им се замери за притисокот што ќе го создадат во општеството.“

Комуникологот Петар Арсовски очекува пад на поддршката за влез во ЕУ, меѓутоа не верува дека ќе биде драматичен како по 2008.

„Разликата сега е во тоа што на оваа влада, за разлика од претходната, устата ѝ е полна со ЕУ, додека владата на ВМРО-ДПМНЕ имаше една декаденција во процесот на евроинтеграциите.“

„Поцврст датум од најцврстиот досега“

„Во очите на информираната јавност, а таа често го креира јавното мислење, кредибилитетот на ЕУ секако ќе биде проблематизиран“, Гордан Георгиев

Гордан Георгиев, универзитетски професор и политички аналитичар, не верува дека реакциите на јавноста ќе бидат крајно негативни и дека падот на популарноста на ЕУ интеграциите ќе биде драматичен или, пак, долгорочен, доколку државава не добие датум за преговори летово.

„Прво, Европската унија заедно со видни претставници на земјите-членки (Меркел, на пример) ќе знаат со целофан и со панделка да го спакуваат евентуалното привремено ‘откачување’ за почеток на преговорите. ‘Светлиот пример’ одеднаш ќе стане уште посветол, а можеби ќе има и неколку видливи финансиски аранжманчиња. Исто така, би требало да има и нов датум за доделување датум, овојпат уште поцврст од претходниот, иако за претходниот ни беше кажано дека беше „најцврст“ досега”, помалку цинично коментира Георгиев.

Тој не очекува дека опозицијата ќе заземе анти-ЕУ став „туку ќе биде внимателна во јавните изјави, фокусирајќи се веројатно повеќе на неспособноста на власта отколку на големите концесии што мораше да ги направи владата (договорите со Грција и Бугарија, промената на Уставот итн.)“

„Сепак, во очите на информираната јавност, а таа често го креира јавното мислење, кредибилитетот на ЕУ секако ќе биде проблематизиран, и тоа може да остави подолготрајни лузни и во нашето општество и во регионот“, смета Георгиев, што се совпаѓа со ставовите на меѓународните и регионални експерти. 

Евроскептицизмот најголем пред портите на ЕУ

Loading...

Loading…

Што се однесува до опаѓањето на поддршката, комуникологот Арсовски потсетува дека таа ќе продолжи како тренд како стигнуваме сѐ поблиску до влезот во ЕУ.

„Од искуството со другите земји, поддршката за влез во ЕУ била најмала во моментот пред влезот во унијата, зашто по тој пат граѓаните и државата ќе се намали фантазмата и розовата слика за ЕУ. Тогаш ќе почнат да се воведуваат нови правила, даноци и тоа нема да им се допаѓа на граѓаните.“

На прашањето за колку години граѓаните мислат дека земјава ќе влезе во ЕУ, во октомври 2015 само 16 проценти сметале дека тоа ќе се случи во период од една до пет години. Минатата 2018, дури 35 проценти сметале дека пет години се доволни за влез во ЕУ.

Ваквото сценарио е далеку од реалноста и во најдобрите околности, дури и ако летово добиеме датум за преговори, меѓутоа го отсликува растот на поддршката за влез во Европската унија и падот на евроскептицизмот.