Анализи

Претседател или ништо

Политичката кариера на Стево Пендаровски е сконцентрирана исклучиво на функцијата што смета дека му е „украдена“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Конфликтот во 2001 го извади Стево Пендаровски од анонимноста и го фрли на ТВ-екраните. Современиците на кризата го помнат како елоквентниот од двајцата портпароли на безбедносните сили, гласноговорникот на полицијата, кој одмерено информираше во она време на општествено подигнати адреналин и тензија.

Подоцна во кариерата ги советуваше околу безбедноста претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, а во меѓувреме ја водеше и Државната изборна комисија (ДИК).

Почна сè почесто да се експонира откако ја напушти советничката функција.

Се појавуваше на телевизија кога имаше можност, и покрај стеснетиот медиумски простор за опозиционери. Луцидно ја критикуваше власта на Никола Груевски, зборуваше и пишуваше колумни во „Дневник“, во улога на експерт за меѓународна политика и како познавач на НАТО.

Новинарите знаеја дека ќе им даде сочна изјава. Очекуваа дека кога ќе се исклучат камерите, во детали ќе им раскаже шега или анегдота на сметка на ВИП-политичари од својот или од противничкиот табор, сеедно.

„Не сум Зоран Заев да одговарам на сите пораки во текот на денот“, се шегуваше на емисијата „Ексклузив“.

Партиска книшка не зеде, меѓутоа „врската“ со СДСМ ја официјализираше на изборите во 2014 година, како нејзин кандидат за претседател на државата.

Трпеливо враќање по своето

Ако овојпат не стане претседател, најавува повлекување од политиката“ | Фото: Роберт Атанасовски

Судејќи според разговорите објавени во „бомбите“, Стево Пендаровски деновиве ќе го привршуваше првиот мандат како претседател, доколку во 2014 се гласаше минимум демократски и без агресивниот изборен инженеринг на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој беше еден од најпопуларните личности од тогашната опозиција, а Бранко Црвенковски дури го предлагаше за претседател на СДСМ.

„Неговиот изборен резултат од 400.000 гласови, подеднакво нерегуларни изборни услови, наспроти 280.000 гласови за СДСМ и коалицијата, говори за кредибилитет што мора да се респектира“, аргументираше Црвенковски за „Дојче веле“ точно пред пет години.

Не е претерување да се каже и дека Никола Груевски избега од него во четвртата изборна единица на предвремените избори во декември 2016.

Поради сето ова се очекуваше Стево Пендаровски да добие важна министерска или директорска позиција, како речиси сите што стоеја зад Зоран Заев кога се објавуваа „бомбите“.

Тој, сепак, остана во Собранието како пратеник.

Необјавени партиски анкети покажувале дека Пендаровски имал убедливо најдобар рејтинг и во 2017 година пред локалните избори, како евентуален кандидат за градоначалник на Скопје.

Меѓутоа и оваа функција го одмина.

Стево Пендаровски филигрански внимателно и монашки трпеливо чекореше кон единствената функција за која е заинтересиран

Самиот му предложил на премиерот Зоран Заев да го направи национален координатор за НАТО. Доби канцеларија и телефон со локал во владината зграда и од таму ги координираше институциите што имаат допирни точка со НАТО.

Национален координатор не е функција што ја измислила оваа влада, меѓутоа јавноста ја доживува како уште една „клати врата – земај плата“ функција.

Една од чаршиските теории е дека Пендаровски се чувал настрана од извршната власт со идеја да е далеку од парите и од привилегиите што ги носи моќта. Така лесно би можел да го задржи имиџот на чист политичар, со кој повторно би излегол напред на пол-позицијата за претседателската функција.

Се чини дека чаршијата и не била далеку од вистината.

Половина од мандатот на нему блиската владејачка гарнитура, Стево Пендаровски филигрански внимателно и монашки трпеливо чекореше кон единствената функција за која е заинтересиран.

„Ако овојпат не успеам да станам претседател, ќе се повлечам од политиката“, дециден беше на Алфа ТВ десетина дена пред првиот круг на изборите.

Со речникот од неговиот омилен спорт, НБА кошарката – цело време седеше на клупата за резерви и се чуваше за финалниот плејоф-натпревар што се игра токму в недела.

Падни-стани кампања

Не стартуваше најдобро во дуелите и во од ги подигнуваше перформансите | Фото: Роберт Атанасовски

Ако во некој сегмент Пендаровски го изложи личниот рејтинг, тоа беше при референдумската пропаганда, кога заедно со претставниците на Владата агитираше во полза на Преспанскиот договор низ целата држава.

Интересно е дека Пендаровски еволуираше во ставот за Преспа низ дебатите. Не околу самиот договор со Грција, туку околу интензитетот на неговата поддршка.

На првиот дуел на Телма тврдеше дека тоа е болен, но неопходен чекор и оти никој, најмалку ВМРО-ДПМНЕ не може да постигне подобро решение.

„Неприфатливо е Стево да го третира Преспанскиот договор од типот ‘и јас сакам подобро, ама нема’. Тоа е губитнички став во старт, зашто договорот е одличен“, реагираше професорот Љубомир Фрчкоски по првото телевизиско соочување.

Претседателскиот кандидат како да го послуша колегата по професија и на наредните дуели зборуваше во суперлативни за договорот од Преспа.

„Како тоа болното стана прекрасно?“, забележа и противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова на втората дебата што се одржа на Македонската радио-телевизија (МРТ).

Пендаровски не стартуваше најдобро во дуелите со противкандидатите и во од ги подигнуваше перформансите.

Ако во некој сегмент Пендаровски го изложи личниот рејтинг, тоа беше при референдумската пропаганда

Исто како на единственото соочување со Иванов во 2014, беше крајно дефанзивен и на првиот дуел на Телма. Имаше тактика преку кратки прашања да ја провоцира Силјановска-Давкова, но таа го искористи отстапениот простор и буквално му го украде времето.

Му држеше предавања за името, Обединетите нации и за меѓународното право.

Тој не дозволи нешто слично на соочувањето на Сител телевизија, каде што, пак, пречесто ѝ упаѓаше во мислата на противкандидатката.

„Останува уште да го вработите во Сител“, им реагираше на новинарите избраничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Во втората рунда на МРТ веќе имаше полирани ставови и чиста тактика да ги искористи сите свои минути, реплики и контрареплики.

„Кога сме кај шефовите на изборните штабови, Силјановска не кажува дека СЈО води истрага за Игор Јанушев околу набавката на кинеските автобуси“, експресно реплицираше Пендаровски на обвинувањата за непотизам кон Александар Кирацоски.

Незадоволството се сруши врз него

Од оваа кампања веројатно тој ќе извлече искуство дека не е добра идејата да се цитира Амди Бајрам без разлика на контекстот.

„Во делот на надлежностите на претседателот 102,5 % се согласувам со премиерот “, рече Пендаровски на првата трибина во Прилеп.

Опозицијата ја дочека изјавата на „волеј“ за да го претстави како послушник на Заев и да го врзе со нереализираните ветувања и со скандалите во власта.

„Сега кога сме само двајца во трката, контрастот меѓу нашите концепти е повидлив“, се надева Пендаровски во финишот на битката за неговото политичко „сѐ или ништо“

На 21 април, незадоволството од владата се сруши токму врз грижливо чуваниот рејтинг на Стево Пендаровски.

Луѓето од неговиот табор, на чело со премиерот, помалку панично реагираа на тесната разлика изразена во само четири цифри, најавија функционерска чистка и го вратија стариот филм за режимот на Никола Груевски.

Пендаровски очекува да придобие добар дел од поддржувачите на Блерим Река, поголема агилност од членовите и симпатизери на ДУИ и гласови од сите оние што апстинираа во разочарани од власта, а, сепак, повеќе инклинираат кон политиките на оваа владејачка гарнитура.

„Сега кога сме само двајца во трката, контрастот меѓу нашите концепти е повидлив“, се надева Пендаровски во финишот на битката за неговото политичко „сѐ или ништо“.