Приземјување

Нема летање со бизнис класа, нема приватни шетања со службени автомобили, нема лускузирање со буџетски пари зa репрезентации, нема аздисување, нема летање (со умот), бидејќи во спротивно следува непријатно приземјување.

Кој го вели ова? Го вели, Диме Спасов, на пример. Го кажа тоа и Груевски низ стотиците бомби, заедно со неговите дил ориентед партнери, сопартијци, роднини, пријатели… Конечно, го кажа тоа и резултатот на локалните избори.

Но, во животот секогаш постои едно големо НО, што предупредува како црвено светло на семафорот, како знак за висок напон, за опасен одрон, како камче кое човек сам треба да си го стави во чевелот, за да го боде и повеќе од шило, па да мора постојано да проверува дали е на вистинскиот пат, дури и тогаш кога ќе биде сигурен дека е таму.

Владата е пред вакво преиспитување. Ако сто дена се доволни за да се преземе кокпитот в рака, ако најмалку двесте се потребни за подготовка за конкретни реформи, триста дена веќе се солидна основа за релевантна оценка дали некои штрафови во старт за’рѓале и дали нешто го кочело моторот да повлече посилно. Зрели демократски влади никогаш не го чекаат истекот на тој период за „самото да им се каже“ што и како понатаму, туку навреме превенираат.

Ако сто дена се доволни за да се преземе кокпитот в рака, ако најмалку двесте се потребни за подготовка за конкретни реформи, триста дена веќе се солидна основа за релевантна оценка дали некои шрафови во старт за’рѓале и дали нешто го кочело моторот да повлече посилно

Во нашиов случај, крајот на ноември (шест месеци од Владата) и почетокот од забревтувањето на реформските процеси е неформален рок, во кој мора да се стави црта и да се испрати пораката дека нема да се дозволи добрите намери на Владата да бидат искомпромитирани од недоволна или лоша реализација на кое било ниво или ешалон во власта.

Ако еден пилот го гради својот авторитет врз колективниот страв од летање, премиерот го гради авторитетот преку инсистирање на висока самоконтрола на членовите на неговиот кабинет. Таа самоконтрола го постигнува својот максимум кога цел не е функцијата, туку амбицијата да се реализираат дадените ветувања и планираните проекти. Истото важи за целата  хиерархиска скала надолу. 

Има една илустрација на успех преку формацијата на шарените дрвени кукли,  руските бабушки. Знаете како се подредени тие: кога ќе ја отвориш најголемата – во неа се крие помала, во помалата уште помала и сѐ така до најмалата. Успехот не доаѓа ако човек се опкружи со помали од себе, во професионална и морална смисла, бидејќи таквите секогаш неефикасноста ќе ја покриваат со тој што е хиерариски под/над нив. Успехот има најголеми шанси кога човек ќе се опкружи со поголеми од себе.

Видовме како завршуваат оние полни со суета од претходната власт, опкружени со мали, средни и големи послушници, без визија, без чесни стратегии и доблесни функционери. Но, не видовме вертикала на нечиј персонален интегритет кој му кажал на тогашниот премиер дека греши. Ниту видовме дека тој ги коригира грешките на оние под него, бидејќи требаше да се создаде перцепција дека таа влада е безгрешна.

Се сеќавате ли колку нервираше тоа? Сите беа виновни – и хороскопот, и лошото предвидување на гатачката, и воздушниот притисок, и светските заговори, и поплавите, и сушите, само власта – никогаш! И не само што јавно не ги признаваа и не укажуваа на грешките, пред сѐ, со цел да ги подобрат перформансите за успех, туку и срамно ги покриваа и правдаа дури и кога беа неподносливо очигледни.

Ги туркаа под тепих, ги криеја од очите на јавноста, за на крајот да ги уништуваат во бази, под разни „дробилици“ и со ред други алатки на „демократијата и транспарентноста“.

Успехот не доаѓа ако човек се опкружи со помали од себе, во професионална и морална смисла, бидејќи таквите секогаш неефикасноста ќе ја покриваат со тој што е хиерариски под/над нив. Успехот има најголеми шанси кога човек ќе се опкружи со поголеми од себе 

Мнозинството бараше тоа да се промени. И денес сѐ уште опстојува на тоа барање. Власта има обврска кон тоа заради иднината на државата, но и кон граѓанската волја што за таа цел ја востоличи Владата на Илинденска број 2, но и во локалната власт.

Ако суштинските промени се заедничка цел, патот кон нивното остварување не може да се трасира преку мој-твој и други видови обрт на внатрепартиски поени, туку врз мерит-систем како прв знак дека ќе се негува професионализам и демократска сорта на држава.

Овие цели бараат нужно предреформско ресетирање. По извонредната владина офанзива на надворешно-политички план, сега фокусот мора итно и неодложно да се стави на внатрешните потреби на општеството. Состојбите во здравството, образованието и социјалната политика не трпат одлагања, ниту новата политичка практика смее да се потпре на кадри кои сметаат дека реформите почнуваат и завршуваат со нивното позиционирање на одредена функција.

Премиерот Заев, кој во изминатиот период промовираше силен отпор кон приземниот шуро-баџанаковизам, не само како израз на фамилијарни концентрирања на функции, туку и како израз на професионална некадарност, денес ги има сите механизми да покаже различност.

Неговото темпо е 300 на час, но има моменти кога треба да подзакочи и да погледне внимателно во ретровизорот за да види дали сите го следат зацртаниот правец, со каква брзина и дали се движат кон истата цел.

Ако некој се раскомотил уште на првата кривина, веднаш ќе мора да биде отстранет од конвојот. Особено, ако на сите им е јасно дека ова не е време за лешкарење во бизнис класи, туку период на крв, солзи и пот. Крвта ја видовме на 27 април, солзите на разни категории социјални групи сѐ уште течат како низ олук на седумкатница (да речеме во Антверпен), работната пот сѐ уште не дошла до израз, ниту исходот од „потта“ со која со години се олеснувал буџетот на земјава.

На сцена се сите причини кои велат дека загревањето за работа не може бесконечно да трае. Времето е луксуз што Македонија го нема. Па дури и расипан часовник, кој два пати во денот покажува точно време, вели дека одбројувањето почнува. Токму сега.