Просто

Колумна на Ивана Јордановска
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Не би била вистинска Балканка, кога не би ја почнала денешната дилема со „кавга“ од пред речиси 80 години. Па, така…

Грчката граѓанска војна, која траела со прекини од 1944 до 1949 година, била судир меѓу две идеологии на тогашниот свет: од една страна, монархистите, кои го поддржувале враќањето на кралот и владата во азил, и комунистите, кои посакувале социјалистичко уредување на државата и укинување на монархијата. Во зачетокот на Студената војна, задржувањето или придобивањето на Грција на едната или на другата страна бил важен геостратешки момент, па во судирот се вклучуваат, директно или индиректно, Велика Британија, САД, СССР, Југославија, Албанија и Бугарија. Но, во оваа колумна, би сакала да се фокусирам на „обичните“ луѓе. Приказните на оние чии животи беа неповратно променети поради „големите“ геостратешки интереси.

Постои една книга наречена „Децата на грчката граѓанска војна“, од Данфорт и Бушхотен. Нема да цитирам препораки од светски професори и експерти, но ќе споменам само едно: да можеа македонските и грчките националисти да се договорат да спалат само една книга, тоа веројатно ќе беше оваа. Зар ова не е доволна препорака?

Во книгата, авторите се занимаваат со личните истории на малите (и младите) бегалци од грчката граѓанска војна. Но, значајноста на оваа книга е во тоа што не ги користат личните приказни за да ја поткрепат официјалната историја на која било страна. Напротив, личните приказни на бегалците честопати служат како антитеза на официјалните истории, најчесто испишани со националистички претензии и надвор од историскиот контекст во кој се одиграле.

И покрај идеолошките разлики, комунистите и монархистите се сложувале околу важноста на најмладите за иднината на војната, а со тоа и на Грција. На почетокот на 1948 година, околу 20.000 деца, од грчка и од македонска националност, биле евакуирани од страна на комунистичките единици и испратени во земјите на Источна Европа.

Не можам да им ги вратам достоинството, времето, животите на тие што биле пред мене, а загубиле сè поради (уште една) залудна граѓанска војна. Никаков инает што денес ќе го терам кон Грците и/или грчката политика, нема да го промени она што бил

Во 1947 година, грчката влада организирала и спровела акција, предводена од грчката кралица лично, за евакуација на 18.000 деца од северна Грција во колективни домови низ цела Грција.

Истражувањата низ годините, предводени од истражувачи и професори, но и од Обединетите нации, покажуваат дека на дел од родителите не им се допаѓале идеите за евакуација, но ги прифаќале. Постоеле и оние што ги поздравувале акциите и се надевале дека евакуациите ќе ги спасат најмладите, додека војната не се заврши и тие конечно не се вратат дома.

Во февруари 1948 година, грчката Влада бара од Обединетите нации (ОН) да го прогласи „насилното отстранување“ грчки деца од страна на комунистите за злосторство против човештвото и геноцид. Генералното собрание на ОН го задолжило Специјалниот комитет за Балканот да го истражи тврдењето. По 3 месеци, Специјалниот комитет  изготвил балансиран извештај, кој не можел да потврди дека се случило масовно киднапирање деца. Најголемиот дел од родителите се сложиле на евакуациите. Можеби не им се допаѓале, но се сложиле.

Во 1950 година, Генералното собрание на ОН изгласува препорака за „враќање во Грција на сите грчки деца кои во моментот живеат надвор од своите домови, доколку детето, родителот или во нивно отсуство најблискиот роднина изразат желба за враќање“.

Колективните домови на монархистите биле затворени во 1950 година и најголемиот дел од децата се вратиле во своите села и градови во северна Грција. Но, поради идеолошките разлики и сè поголемото разединување на Истокот и Западот, најголемиот дел од децата испратени низ Источна Европа, никогаш не се враќаат. До крајот на 1950-тите, само околу 5.000 деца се враќаат.

Едно од децата што било „вратено“ на родителите, бил дедо ми Ставре.

Но, како што би рекле ние во Куманово, „Сви наопачке, ми терсене.“

Како комунист, по битката на Вичо (Грамос), татко му на Ставре морал да пребега во Битола, па во Кичево и на крај во Куманово. Жена му, мајка му на Ставре, го спакувала најмалото бебе и пребегала заедно со него. Зад себе ги оставиле двата најстари сина, дедо ми и неговиот најстар брат.

Усното предание вели дека дошле луѓе од општината во 1954 година и им понудиле и на двајцата браќа да одат во Југославија за да живеат со родителите си. Постариот брат веднаш одбил. Одбил и дедо ми, но бил малолетен, па одлучиле постариот да остане, помалиот да замине.

Го спакувале, со картонче и бројче околу вратот, и го седнале во воз, од Солун за Куманово. Никогаш повеќе не успеа да се врати во Грција.

Низ годините, речиси сите мои роднини биле враќани од грчката граница при обиди само да ги посетат своите од другата страна. Дури и при покажувањето на фамозниот југословенски пасош. Баба ми го испуштила погребот на мајка си. Вујко ми е држен на граница во 1980-тите и вратен без никакво официјално објаснување. И дел од рубриката „верувале или не“: по потпишувањето на Времената спогодба во 1995 година, возот што одеше од Скопје за Солун беше задржан повеќе од 3 часа на грчката граница оти баба ми и јас бевме испрашувани за нашиот интерес да одиме во Грција.

Можам да продолжам да се удирам во гради дека никогаш нема да им попуштам на „Грчиштана“. Но, всушност, тоа би значело никогаш да не си допуштам да живеам за нешто подобро од „полиња жито, ридишта крв“

Но, оваа колумна не е за „нив“. Оваа колумна е за „нас“. Најмногу од сè, зашто јас, внука на бегалци од Егејска Македонија, преименувани, дискриминирани, заплашувани, затворани, го поддржувам договорот потпишан со Грција.

Јас не можам да го променам минатото. Но, можам да одлучувам за иднината.

Ги имам ислушано сите приказни. За Германците, за предавниците, за забраната да се зборува македонски јазик, за Вичо, за Битола и Кичево, за Куманово, за значењето на зборот „Егеец“ во Куманово, за целата историја.

Ги имам прочитано сите книги и документи што зборуваат за случувањата од тоа време. Данфорт и Бушхотен, документи на ОН, записи за теророт во северна Македонија.

Не можам да им ги вратам достоинството, времето, животите на тие што биле пред мене, а загубиле сè поради (уште една) залудна граѓанска војна. Никаков инает што денес ќе го терам кон Грците и/или грчката политика, нема да го промени она што било.

Можам да продолжам да се удирам во гради дека никогаш нема да им попуштам на „Грчиштана“. Но, всушност, тоа би значело никогаш да не си допуштам да живеам за нешто подобро од „полиња жито, ридишта крв“.

Оти прашањето денес е „Дали ќе продолжам да гнијам во омраза и гнев кон политики од пред 80 години и луѓе што скапуваат под земја веќе 50 години или ќе одберам да градам денес за подобро утре?“.

Прадедо ми не бил на Вичо за одмазда кон Османлиите што им напакостиле. Бил на Вичо бидејќи верувал дека се борел за подобра иднина за себе и тие околу него.  Сакам да верувам дека кога би бил жив денес, би ја поддржал мојата борба.

Оти денес се борам за она што знам дека е најдобрата можна иднина за Македонија: членството во ЕУ. Се борам за, во скора иднина, Македонија да може да седне на иста маса со Грција и да биде полноправна членка на ЕУ. Се борам за конечно придружување на Европа, за која мојата генерација израсна сметајќи ја за идеал што не може да постои во Македонија.

Но, и простувам. Не можам да живеам со толкава омраза. Ниту, пак, можам да дозволам да ме користат мене и мојата фамилијарна историја за идеологии, перење мозок, национализми, разноразни Крушоради и богатења на луѓе што ја предадоа Македонија за милиони на Белизе. Тоа не може.

Го поддржувам договорот со Грција оти значи напредок.

Простувам. Оти не можам да живеам во минатото.