Протест или скара? Скара, нормално!

Колумна на Сашо Кокаланов

Полицијата во Чикаго вчера попладне брутално претепа повеќе стотици работници, кои правеа скара во паркот Роџерс. Тие овој Први мај го искористија да побараат на сите работници да им се овозможи правото на барем еден ден во годината за семејна скара во природа, но полицијата не покажа разбирање за нивните барања. Освен големите судири со полицијата, за време на која се повредени повеќе десетици луѓе, се случи и тепачка на две групи излетници поради наводна кражба на ќумур за скара.

Вака гласи веста за настанот што го одбележуваме секој Први мај во книгата на сатиричниот портал Њузнет „Вистинската историја на светот”. И, богами, не е далеку од вистината. Не за тоа што се случило тогаш туку за тоа што се случува денес.

Зошто отворено да се скара со работодавецот, кога може да си прави скара на отворено!?

Оваа вечна, по малку и лицемерна дилема на македонскиот работник има исто смисла колку и чочеците (не по тунели, туку по кафеани) за прославата на 8 Март. Се разбира дека жените имаат право да се качат на маса и да лумпуваат на жива музика еден ден од годината, како што и работниците имаме право на топол оброк на жар еднаш во годината. Зашто, познато е, и за работничките и за женските права се бориме преку цела година, ако протестираме во деновите кога треба да прославиме, само значи дека нешто опасно сме оплескале на ова поле останатите 364 дена од годината.

Оттука, прашањето дали за 1 Мај треба да се прави скара во природа јас го сфаќам како реторичко прашање. Секако дека треба.

За сите кои не мислат така, и преферираат штрајк, еве десет причини зошто Први мај треба да се прославува на традиционален, бившојугословенски, а со тоа секако и македонски начин:

1. Први мај е американска „измислица”, а Америте се, тоа е барем одамна познато, глупави. Така што, следствено на тоа, глупаво е да се празнуваат нивните празници и тоа на нивни начин. Впрочем, зарем треба да ѝ се верува на нација која станала независна така што фрлала чај во океан, наместо да фрли гајба пиво во река. Мислам, колку и да фрлиш чај, океанот нема да е за пиење, ќе остане солен, што секако не е случај со добро изладеното пиво.

2. Второ, кој ден и да паѓа во неделата, Први мај секогаш паѓа преблизу до викендот за да се пропушти можноста, со користење на најмногу два дена од одморот, празникот на трудот да се спои со двата неработни дена за кои сме се избориле во текот на историјата, што пак, во превод значи несекојдневна, би рекол историска шанса за три до пет врзани неработни денови, да им се врзе шлаканица на капиталистите и газдите, нешто за што не може да се избоксува со ниеден протест. Притоа, треба да се имаат предвид пролетните попусти во Солун и евтините вонсезонски аранжмани во Грција. Зошто се тие толку битни? Затоа што работничките плати денес се премали да одиме во шопинг кога нема попуст или на одмор кога е сезона, во јули или август. Затоа, заебете го работодавецот и покажете му дека не може да ве плати толку малку, колку што вие можете да се снајдете и, сепак, да отидете во Грчка.

3. Поради евтините свински полутки, канти сирење. Добро, не само поради тоа, некаде даваа(т) и пити кашкавал. Што најдобро зборува за смислата на синдикалната борба. Да беше борбата за повеќе работнички права, а не за попуст, синдикалното движење така и ќе се насочеше. Но, не, нам уште од мали нозе нѐ научија ‒ сине, биди член на синдикатот и оваа пита кашкавал ќе биде твоја по неверојатна цена!

4. Први мај потекнува од 1886 година. Нема веројатно да се враќаме во деветнаесеттиот век (од кој, патем, во Македонија само што излеговме), па да го славиме со протести. Ало, другари, дајте ве молам, дваесет и први век е, какви црни протести, какви судири со полиција! Ќе си пишеш фино еден револуционерен твит, не мора да е многу оригинален и креативен, нешто од типот – Твитерџии од целиот свет, обединете се, или пак, мудро ги спојуваш револуцијата со корисното, па пишуваш целисходен статус на Фејсбук – Пролетери од целиот свет, да се обединиме на Групер за поголеми попусти, и твојата револуционерна мисија за денеска е завршена. Можеш да роштиљаш до утре сабајле.

5. Први мај е празник на трудот. А кај нас одамна е на сила поговорката: Кој многу се труди, може да остане труден. Затоа, сфатете го скараџиството на јавни простори како еден тип контрацепција за народните маси. Да не останат трудни.

6. Шестата причина е од еколошка природа. Односно од финансиска, поточно, ако се решите за протест наместо за излет, ризикувате да бидете казнети парично. Еве за што станува збор. На протести секогаш има многу полиција. Вие секако нема да протестирате гладни. Дури и ако не сте на скара тој ден, треба нешто да се апне, а се знае што најдобро оди со протест: Сендвич! И каде ќе ја фрлите хартијата од сендвичот? Се разбира, на лице место, односно онаму каде што ќе ве затекне последниот залак, то ест на улица. А полицијата наместо да е сервис на граѓаните, односно да земaт џандарите фино лепо да го кренат хартиичето и да го однесат до најблиската корпа за отпадоци, тие едвај чекаат да ви залепат казна. Зошто да го трпите тој полициски терор, кога можете да си фрлате во природа неказнето колку што сакате? За оние, пак, кои не сакаат да трупаат ѓубре на местото каде што ја јадат скарата, секогаш има на располагање некој поток или река во близина, кои ѓубрето ќе го однесат подалеку од вас.

7. Седмата причина исто така има малку врска со екологијата, но сепак повеќе со метеорологијата. Сетете се само колку пати заврнало за Први мај. Ах, тие ненадејни пролетни дождови… И замислете си колку е подобро да ве фатат во природа, каде што колата ви е паркирана на не повеќе од десет метри од местото каде што е распалена скарата, отколку на протест на улица, каде што нема каде да се засолните. Ужас! Затоа, не биди глуп, не оди на излет со автобус. Луѓето измислиле кола, а природата ни дарувала прекрасни ладовинки каде што можеш да паркираш бесплатно. Но, не биди ни мрзлив. Стани си малку порано, зграпчи го денот што се вели, за да зграпчиш подобро паркинг место, зашто не е природата асфалтиран паркинг на Водно, па да може Шилегов со цената да ти ги изрегулира борбите за слободно паркинг место под сенка во природа.

8. Ванчо Муратовски. Се сеќавате ли на овој лик? Всушност, за многумина, тој е последниот синдикален лидер на кој се сеќаваат. Потоа дојде ВМРО и партијата ги згрижи синдикатите, односно економската преродбата беше толку силна, што се изгуби и потребата за синдикат, дури и за синдикалците се најде топол оброк и работа, наместо везден да уличарат на протести. Всушност, не знам кој повеќе го заеба синдикалното движење во Македонија, Ванчо или ВМРО. Овој првиов се облекуваше како Хуго Бос, секогаш во скапо мантилче и малку поскапо одело, а организацијава постапи со ССМ како Бог со човекот, го направи по своја мерка, така што и синдикатот го претвори во тајна внатрешна македонска организација, која наместо да крене револуција за права, се затвори по канцелариите на ССМ и десет години коваше планови како да опстане без да цркне ниту една кафекуварка од преработеност.

9. Не им верувам на синдикатите! Не им верувам на синдикатите отприлика како што Владе Милчин не верува во Зоран Заев, добро, можеби не до толку, ама ептен не им верувам. А за тоа имам и некои свои причини. Знаете ли, на пример, дека синдикатите се инкубаторот во кој се родил фашизмот? И Мусолини и неговите најблиски соработници во Националната антифашистичка партија потекнуваат од синдикалните движења, а својата популарност ја стекнале со говори по плоштадите за поголеми работнички права. Ако не ѝ верувате на историјата, еве прочитајте го извонредниот роман „Каналот Мусолини” на италијанскиот писател Антонио Пенаки и мемоарски ќе се запознаете со овие црни петна од минатото. Затоа, правењето скара за Први мај е своевиден антифашистички чин, а доказ за тоа е што скараџиството за овој светол ден најмногу се развило во земјите од антифашистичката коалиција. Биди антифашист, прави скара!

10. Затоа што по 1 Мај секогаш доаѓа 2 мај (Ѓорге Иванов, мислител, трет милениум од нашата ера), а втори мај за беља се пишува со мала буква, според тоа не е веќе празник, понекогаш не е ниту викенд, како годинава туку најобичен ебан работен (ако сте ептен баксуз, може да е среда и вие баш тој ден да имате колумна). На работното место повторно ве чека еден куп работа; платата што не е дојдена во најдобар случај е таа за април; сметките дома ви се неплатени; децата попладне пак ќе ви побараат џепарлак, а вие ќе мора да смислите добар изговор зошто да не им го дадете; ако работите државна работа шефот ви е партиски војник кој до 15 часот е на состаноци во партија, а потоа е на деловен ручек, а ако сте во приватна фирма, шефот до 15 часот се крие од извршители, а дури потоа е на деловен ручек… Не е ли подобро со сево ова да се соочите мамурен, отколку свесен и буден?