Македонија е земја на традициите, обичаите и цикличните п(р)ојави. Има тука некои константи што со децении не се менуваат, како што се судските реформи, борбата против корупцијата, пренатрупаната администрација итн. И плус учебникот по социологија за втори клас гимназија од авторите Нелко Стојаноски, Зоран Матевски и Милева Ѓуровска.
Слично на Халеевата комета, само нешто позачестено, и овој учебник, кој уште малку ќе полни две децении употреба во нашиот образовен систем, да не кажам сончев, ја има таа особина да се појави на нашето медиумско небо.
Последен пат овој учебник проструи низ македонската јавност пред околу две години, кога медиумите и социјалните мрежи забележаа дека учебникот што добил одобрување за употреба од Министерството за образование, датирано од 30 септември 2002 година (ако некого го интересира, заведено под број 11-5177/1) содржи делови што се дискриминирачки кон жената.
Вака ни се случува токму затоа што учебниците ни се вакви какви што се, затоа што и луѓето во министерствата учеле од вакви учебници, затоа што тоа го правеле политичарите и сите оние што носат некакви одлуки
Авторите го ревидирале учебникот, го вратиле во Министерството, а ова издало одобрение за употреба, датирано на 20 јули 2020 година (број 08-7106/1), и тука некаде би требало да биде крајот на интересот на медиумите, социјалните мрежи и воопшто на јавноста за родовата дискриминација, а и за самиот учебник.
Сѐ додека, што би се рекло, со ништо не предизвикан, деновиве повторно не се реинкарнираше по медиумите и социјалните мрежи. Онака ревидиран, обновен, освежен и – одобрен. И поставен на интернетската страница на Министерството за образование, од каде што може бесплатно да се симне во пдф-формат.
Овојпат не се спорни жените и нивната круцијална улога во кујната, туку наталитетот и неговата етничка припадност. И нема да се воздржуваме да цитираме и интерпретираме делови затоа што се одобрени за образование од нашите образовни власти.
Значи, во спорниот дел (страница 117), авторите констатираат дека „Република Македонија е мултиетничко општество и поради тоа постои голема хетерогеност на демографските белези во зависност од етничките својства на населението“, при што под терминот „демографски белези“ се подразбира бројот на населението, што, нели, или барем според авторите, е „етничко својство“.
За да нема забуни, натаму се вели дека кај некои етнички заедници постои силна тенденција да се задржи „традиционалната репродуктивна свест“ (што и да значи тоа). Се разбира, нема да бидеме скратени ниту од информацијата за тоа кои етникуми немаат „современа репродуктивна свест“: „Висока стапка на раѓање имаме кај Ромите, Албанците и Турците. Голем процент од ова население, а особено оние што не се доволно образовани, се репродуцира на стар традиционален начин, без свесна контрола на раѓањето. Во врска со тоа, треба да се преземат конкретни мерки и да се најде начин наталитетот да се доведе во нормални рамки“.
Се разбира, во продолжение има и тоа дека Македонците имаат низок природен прираст (без оглед на степенот на нивното образование) и дека овој прираст треба да се стимулира „бидејќи диспропорцијата на наталитетот присутен кај различните етнички групи негативно се одразува на политички, економски и социјален план“.
Таму некаде, во некои темни времиња, можеа да се прочитаат пароли од типот „Да живее братството и единството меѓу македонскиот народ и чесните Албанци“. Еве, сега гледаме, дека денес, во овој век, ова е мултиетничко општество, составено од македонскиот народ и некои недоволно образовани етнички групи што се размножуваат без контрола.
Човек просто не знае од каде да почне. На пример, да им ја посочи на авторите лекцијата за националните и етничките стереотипи што самите ја поместиле во истиот учебник. Или да им ги објаснува генерализациите и општите места.
Слично на Халеевата комета, само нешто позачестено, и овој учебник, кој уште малку ќе полни две децении употреба во нашиот образовен систем, да не кажам сончев, ја има таа особина да се појави на нашето медиумско небо
На пример, колкав е тој голем процент на оние ентитети што не се доволно образовани и конечно, што, по ѓаволите, значи дека тие „се репродуцираат на стар традиционален начин“? На кој начин се репродуцираат „образованите“ автори на учебникот? Какви политички, економски и социјални импликации носи бројноста на моето семејство, на пример? Какви, бре, конкретни мерки треба да се преземат за да се донесе наталитетот во „нормални рамки“? Кои се тие „нормални рамки“? И што е „нормален“ наталитет за Македонците, а што за „необразованите“ Турци? Не смеам ни да прашам што би се случило ако авторите се зафатат да го објаснат феноменот на мешани бракови.
Нема сега да се зафаќаме за „дребулии“ од типот дека и во 2019 година, кога е учебникот повлечен и вратен на ревидирање, а секако и во средината на минатата година кога повторно е одобрен, името на државата со „голема хетерогеност на демографските белези во зависност од етничките својства на населението“ не е повеќе Република Македонија.
За тоа нека мислат одговорните во Министерството за образование, оние што повторно ќе го повлечат учебникот и повторно ќе го одобрат, а учебникот пак ќе се врати во нашиот видокруг.
Знам дека читателот, ако имал волја да стаса до крајот на текстот, ќе помисли дека темата е надвор од фокусот. Денес кога се расправаме со пикови и бранови на опаката пандемија, кога здравствениот систем ни колабира, кога стопанството дише на шкрги… навистина изгледа непотребно да се губи време на некаков учебник по социологија.
Всушност е обратно – вака ни се случува токму затоа што учебниците ни се вакви какви што се, затоа што и луѓето во министерствата учеле од вакви учебници, затоа што тоа го правеле политичарите и сите оние што носат некакви одлуки.