Професор не се станува преку владина лабораторија. За да се биде професор, треба да се има свест за автономијата, одважност да се каже „не“, храброст да се бранат академската слобода, знаењето и достоинството на студентите. Па, тогаш, кому му служат заробени умови, професори без никаков импакт-фактор меѓу студентите, ако не можат слободно да ѝ служат ни на науката, ни на своите ученици?
Никој не е зачуден што се создаде паралелен професорски пленум. Ако во изминатите години бевме сведоци на создавање разни ескорт-единици за брза интервенција – за контрапротести, контрапредлози и контрамитинзи, „нормално“ беше да се очекува дека, каде и да е, ќе се роди и некој студентски или професорски контрапленум. Ветено – остварено. Се роди „Розмариното бебе“. Долго 50 сантиметри, на А4 формат, колку што е потребно да се наредат имињата на кандидати – наречници на неговата долговечност и успешност.
Тоа што во врвот на листата стои потпис на професор кој се прослави со обвинувања за плагирање учебник од српски автор, доволно јасно зборува за очајот пред кој биле исправени креаторите на паралелниот пленум, штом во тендерската постапка за негов избор морале целосно да го игнорираат квалитетот на факултетските кооперанти, во корист на ниската цена по која можеле да ги стават на својот список.
Јавноста е предозирана од вакви политички лего-конструкции. Постојаното продуцирање системски оази на паралелна стварност создава конфузија и го гуши природниот метаболизам на општеството. Зошто на една реалност како контрапункт ѝ се конструира „друга реалност“. Кому му е потребно тоа?
Дијагнозата за ваквите состојби ја дава синдромот „reality zam“, како што Маурицио Ферарис, еден од најзначајните и најпродуктивни современи италијански филозофи, го објаснува моделот кога фикцијата ја надминува стварноста и едноставно ја заменува. Целта е фикцијата да ја преработи стварноста и да ја направи поприфатлива за оној кому му е потребна „како таква“, па ја менува, ја дели како серија – во епизоди, ја шминка со специјални ефекти… Синдромот го нарекува реалитизам, бидејќи во неговата основа се наоѓаат збирови од разни reality, исконструирани во комедии со вистински ликови.
Тој реалитизам се крепи на три основни механизми. Првот е јукстапозиција. Тоа значи дека се залагате за квалитет на знаење кај студентите и за научни трудови со импакт-фактор кај професорите, а во исто време за наука одвојувате 0,2 отсто од БДП и дозволувате концептот да ви го бранат осомничени за плагијат. Вториот механизам е драматизација: се зема само еден стварен податок, а потоа тој се драматизира со помош на натуршчици – паралелен професорски пленум (некогаш и глумци) во кој тие ќе ја објаснуваат неопходноста од измените во високото образование до ниво на полуфикција. И покрај видливиот недостиг на аргументи, нивниот поход ќе продолжува до недоглед.
Третиот механизам е ониризација. Ќе се нудат „паралелни искуства“, на пример, реклами во кои студенти ќе објаснуваат во колку земји има државен испит, иако и начинот на негово воведување, и критериумите, и целата образовна политика во тие земји се инкомпатибилни со нашиот домашен концепт. Сите три механизми на постапување можат да се комбинират и да дадат многу опасни резултати, со оглед дека го користат ефект на реалност што им го дава (зло)употребата на ТВ медиуми (во стилот: „вистина е, кажаа на телевизија“). Тоа што остава длабок впечаток е вештината на постојаното фабрикување на нови приказни преку комбинирање на пристапот – од класично информирање, преку анкети, новогодишно обраќање на премиерот, серија исповеди на студенти итн.
Реалитизмот како национал-постмодерен продукт, чии оперативни потези се хранат од политика за која не постојат никакви факти туку само манипулативни интерпретации, се обидува да остави привид дека помеѓу стварноста и фикцијата нема разлика. Целта е во таква ситуација меланхолијата да стане доминантна состојба на духот, да завладее биполарниот синдром кој осцилира помеѓу чувството на семоќ и залудноста, за да се анестезира секој крик кој ќе предуприди – ова не е стварност, ова е фикција, ова е глупост!
Замислете, вели Ферарис, да се наоѓате во судница во која наместо „Законот е еднаков за сите“ пишува: „Не постојат факти, само интерпретации“. Како би се чувствувале? Сугерирам една претпоставка: Ако сте виновни, би почувствувале олеснување. Но, ако не сте виновни, ќе ви биде многу тешко“.
Токму така. За жал, реалитизмот кај нас не е од вчера, ниту само во една сфера. Годинава ќе прослави деветолетка. За тие години, највидлив стана во архитектурата, преку комбинирање на мешовити слоеви на историјата и на реалитистичка интервенција, со цел да создаде наративна форма за една нова етнофикција. Надвор од таа национална витрина во која е изложено богатството од орнаментирани фикции, секаде наоколу владее глад за стварноста. За реалноста. За вистинските потреби и можности. Глад за дијалог, за разговор со аргументи.
Сега кога образованието е на ред за препарирање во политички подобна фикција, се прашувам колкави можеле да бидат фрустрациите на оние кои се радуваат што ќе ја урнат универзитетската автономија и ќе ги поделат професорите на табори.
Некогашниот член на славната „ливерпулска четворка“, Пол Макартни, деновиве жестоко го искритикува отворањето академски студии за „Битлси“ на Универзитет во Ливерпул и во неколку други во светот: „Никогаш ништо не студиравме, само ја сакавме нашата музика. За нас ќе беше погубно да ја изучувавме музиката на таков начин. Големите музичари не се раѓаат во училница. Со студии за поп-музика можете да ги научите другите за музичката историја. Но, не можете да ги научити како да станат Боб Дилан или Џон Ленон, бидејќи никој не го знае тоа. Некој како Боб Дилан може само да се роди“.
И професор не се станува преку владина лабораторија, а уште помалку респектабилен пленум. За да се биде професор, треба да се има свест за автономијата, одважност кога треба да се каже „не“, храброст да се бранат академската слобода, знаењето и достоинството на студентите. Па, тогаш, кому му служат заробени умови, професори без никаков импакт-фактор меѓу студентите, ако не можат слободно да ѝ служат ни на науката, ни на своите ученици?
Замислете си три понудени одговори. Заокружете еден од нив. Почувствувајте го шармот на државно-фиктивниот испит.