Пред многу години, токму во овие претпразнични и празнични денови, една моја дамнешна познаничка го донесе избраникот на нејзиното срце, млад Италијанец, во својот роден град. Мојата пријателка е скопјанка со длабоки скопски корени, така што младата брачна двојка во тие денови мораше да „одработи“ буквално „целодневни турнеи“ по скопските домови на бројните тетки, тетини, стрини, стриковци, вујни, вујковци, братучетки и братучеди плус да се посети и по некој пријател.
И секаде, буквално без исклучок, зетот и невестата беа пречекани со – сарми! На заминување, Италијанецот, сумирајќи го своето искуство, ќе заклучи дека немал никаква претстава дека сармата во Македонија го има оној статус каков што го имаат шпагетите, односно пастата во Италија.
Просекот на месото и оризот
И, на некој начин, е во право. Сармата, иако не потекнува од овие простори и иако е практично сезонско, главно празнично јадење, поседува некаков белег, своевиден имиџ, на национално јадење. Оние повдахновени толкувачи на гастрономската семиотика ќе ви кажат дека сармата го симболизира заедништвото на домот. Демек, меленото месо и оризот се собрани во топлата закрила на листот од кисела зелка, токму како што домашните се собираат околу заедничката трпеза во топлата закрила на домот.
Попрозаичните, односно попрактичните домаќинки ќе ви објаснат дека сармата е вкусно јадење што може да се направи „во еден удар“, во поголеми количества. Башка, практична е затоа што може да стои на ладно повеќе денови. Потоа е доволно само малку да се „прокрчка“ и да биде како нова.
А јас, во духот на оној прастар виц, ќе ви кажам дека сармата е национален симбол токму затоа што навистина прилично добро го отсликува нашиот просек. Некој јаде месо, некој јаде зелка – во просек сите јадеме сарма!
Од вкупниот број регистрирани вработени (702.410 лица) под 25.000 денари (минимална плата, дури и пониско) примаат околу десет проценти
Приказната за националниот просек и сармата неодамна ми ја актуализираше еден пријател, припадник, на ајде така да кажеме, релативно солидната средна класа. Ми вели дека, во некоја расправа на социјалните мрежи, се пожалил дека со неговата плата од 72.000 денари, едвај стасува да ги плати сметките и дека тоа баш не е некој живот од соништата. И, како што тоа обично се случува, мојот пријател доживува „цунами“ од „хејтање.“
Вели дека во ниту еден од тие коментари, полни со гнев, нема обид да се докаже дека со овие 1.200 евра се живее како „бубрег во лој“ (тоа некако се претпоставува самото по себе). Наспроти тоа, се докажува она што сите го знаеме: дека огромното мнозинство вработени можат да сонуваат за толкави примања, дека мојот пријател е невоспитан и безобразен, затоа што со неговото кукање тура само сол на киселата зелка, односно врз раната на оние што се осудени да јадат само зелка во овдешниот просек.
Јас, лично, можам да го разберам гневот на осиромашеното граѓанство. И нивното гледање во тие 1.200 евра како божествени пари со натприродни моќи. Тоа, впрочем, може и емпириски да се докаже. Односно статистички, да не кажам во просек. На пример, ако по случаен избор земете сто луѓе, меѓу кои и мојот пријател, дури 90 луѓе би имале пониска плата од неговата.
Вака стојат работите, барем според статистиките што мене ми се достапни. Од вкупниот број регистрирани вработени (702.410 лица) под 25.000 денари (минимална плата, дури и пониско) примаат околу десет проценти. Во широкиот распон од 25 до 69.000 денари се сместени 80 проценти од вработените, додека над 69.000 се десет проценти.
За жал, не успеав да пронајдам прецизна бројка на оние што примаат над сто илјади денари, ама проценките се дека нивниот број се движи меѓу два и три проценти.
Минимум на минимумот
Не мора човек да биде Блез Паскал и да ја толкува статистиката за да знае како живее и што може да купи со парите што ги добива. Наспроти сите чудни пиар-стратегии за тоа дека сме трета економија во Европа и дека нашата минимална плата по куповна моќ е поголема од онаа во Португалија, на пример, и со голо око може да се види дека работите стојат прилично лошо за нас.
Според посатоците на Сојузот на синдикатите на Македонија, повеќе од половината наши сограѓани не можат да си дозволат каков било годишен одмор, дури ни „во бунгалов во Дојран“, како што наведуваат тие. Но, наспроти овие податоци, нивната борба за зголемување на минималната плата барем на 500 евра останува јалова, наидувајќи на прилично дебел игнорантски ѕид од страна на владата и работодавачите.
Додуша, ниту народните претставници, со нивните енормно зголемени плати, не покажаа некоја особена социјална емпатија за своите гласачи, одбивајќи еден законски предлог со кој би се прифатиле синдикалните барања. Што би се рекло, ситиот на гладниот не му верува.
Излишно да се споменува дека имаме буквално најниска минимална и една од најниските просечни плати во Европа. На пример, во Босна и Херцеговина, минималецот изнесува 511 евра
Моменталната минимална плата во Македонија (од март годинава) изнесува 24.397 денари. Според законските нормативи, таа ќе се усогласи со порастот на трошоците во март следната година. Според прелиминарните пресметки, базирани на официјалните статистички податоци (ах, таа статистика!) покажуваат дека минималната плата ќе се зголеми за некои 2.000 денари. Тоа е прилично далеку од средствата што според синдикалните пресметки се потребни само за минималната потрошувачка кошничка – околу 65.000 денари.
Од каде е оваа дискрепанција меѓу синдикалните и официјалните пресметки? Па, во скриената, онаа неофицијална инфлација. Едноставно, растот на цените на прехранбените производи, на енергијата и воопшто на домувањето ја надминува онаа проектирана инфлација од четири проценти. Дури и според владините податоци, растот на бруто-домашниот производ е некаде околу три проценти, а тука некаде е и растот на платите.
Мислам дека на ова место е излишно да се споменува дека имаме буквално најниска минимална и една од најниските просечни плати во Европа. На пример, во Босна и Херцеговина, минималецот изнесува 511 евра! Дури и оние со просечна плата (45.943 денари) тешко можат да се вклопат во просекот на сармата. Побргу би рекол дека и тие се задоволуваат со киселата зелка и со расолницата, како бонус во новогодишните и во божикните празници.
Во таа смисла, мојот пријател, со своите 1.200 евра месечни приходи, веројатно ќе може да си дозволи една тава печена сарма плус задолжителната руска салата. Но, ако сериозно се пресметаат приходите и расходите, дури и за него не мислам дека може да си го дозволи она што би можело да се нарече достоинствен или безгрижен живот.
И кога сме веќе кај сармите и просеците, еве уште една илустративна анегдота од тоа некое мое време. Наводно, извесен висок социјалистички функционер се осмелил сам да пазари во некоја месарница. Кога месарот го прашал што му треба, овој одговорил „месо адекватно за сарма.“ Оваа анегдота служеше како илустрација за одвоеноста на „црвената елита“ од обичниот плебс. За нивната целосна бирократска изолација од нормалниот живот.
Искрено, не знам како се изразува премиерот кога купува месо за сарма. Всушност, не знам ни дали воопшто купува. Навистина, не знам. Можеби пазари кавијар! Сепак, среќна Нова година и повеќе сарми во 2026!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија









