Битолчанец го враќал сонцето од Кутлеш на шахтите. Конечно некој ќе нѐ „спаси“. Браво. Се фрапирав пред некој ден кога медиумите хорски воскликнаа: „Се отстранува сонцето од Кутлеш од шахтите!“ Не ме вознемири тоа што се отстранува од шахтите. Се срамам што воопшто се најдоа таму и останаа цела деценија.
Надлежните за јавниот простор мора да биле големи патриоти кога во новото античко Скопје таму му го најдоа местото на сонцето од Кутлеш. Тоа „славно“ заврши на метални капаци за шахти и меѓу градските бекатонки, за да биде газено секој ден со крупни „патриотски“ чекори, да биде почестено со фрлени гуми за џвакање, догорчиња, плуканици и удостоено со тоа што токму под него ќе течат сите наши фекални или отпадни води.
Мора многу нешто да не е во ред со нас, ако ваквиот третман на сонцето од Кутлеш го сметаме за почит кон симболот или уште повеќе – за врвен патриотизам.
Но, еве, демагогијата не запира. Се нашол битолски јунак да го врати симболот. Каде? Повторно на шахтите, како вистинско место. Дали овој или кој било друг симбол на сонцето, кој ги означува најголемите, недостижни височини на онаа вжарена топка без која не би бил возможен живот, ние можеме да ја „одбраниме“ единствено на капаци под кои тече канализација?
Мора многу нешто да не е во ред со нас, ако ваквиот третман на сонцето од Кутлеш го сметаме за почит кон симболот или уште повеќе – за врвен патриотизам
Дури и ако отстранувањето на овој симбол не беше обврска од Преспанскиот договор, самите требаше да го тргнеме од тие недостојни места. Ова не покажува само колку ниско сме го приземјиле сонцето, туку колку сме приземни во начинот на кој наводно ја „браниме“ историјата и самодовербата во тоа кои сме и што сме.
И воопшто не ме теши тоа што не сме осамени во оваа лакрдија. И нашите соседи, Грците, на сличен начин се однесуваат кон овој симбол, кој го сметаат за ексклузивен дел од нивната хеленска античка историја.
Дури и да е само нивен, што ќар од тоа? Летово, на пешачка патека во должина од три километри меѓу две грчки гратчиња, овој симбол го видов поставен како клучно обележје на околу триесетина корпи за смет по должината на целата патека покрај плажата, и на пет монтажни тоалетни кабини!
А поведението открива дека, без разлика кој го има правото на тој симбол, а кој го нема, ниту ние, ниту тие, не сме достојни за него. Или да бидам во согласност со трендот, и таму и овде во однос на симболот се однесуваме како класична „педераана“. Во смисла на карактерна особина.
Иронизирам, секако. Имав пет години кога во поранешна СФРЈ беснееше епидемија на вариола вера, а 15 години кога приказната за тоа се најде на филмско платно. „Славната“ реплика на Раде Шербеџија („п*чка е полов орган, а п*зда е карактерна особина“) во филмот „Вариола вера“ (1982 г.) многупати досега била користена во секојдневниот говор. Но, не очекував дека ќе доживее вербален римејк во премиерска изјава со образложение за „пе*ер – како карактерна особина“.
Ни п*зда, ни пе*ер не се карактерни особини. Тие се одраз на стереотипите во тогашното општество, со обид да се „амортизираат“ преку дозволена доза на уличен јазик во културата, со синоними кои само треба да создадат лажен привид дека не постојат табу-теми. Сепак, зборуваме за 1982 година.
Но, 37 години подоцна, користењето на тие, божем духовити, а всушност дискриминирачки фрази, ниту е штосно, ниту додава вредност на каква било јавна дебата, ниту е соодветен за говор на кој било политичар.
Но, поради фактот дека сѐ уште вирее желба за таков наратив, мора да се прашаме за квалитетот на исчекор во меѓувреме. Ако и натаму оставаме простор за стариот наратив и старите манири, можеби сѐ уште сме во стариот идеолошко-вирусен карантин, само малку модифициран.
Во нашиов случај, истрагата треба да открие кој отсвирел за рекет, на каков „инструмент“ (политички или „специјален“) и кој е нултиот пациент
Тогашната сипаница денес е заменета со друга епидемија, во која вистинските вести се релативизирани од напливот на лажни, а властите на несоодветен начин се обидуваат да го раздвојат каколот од житото, па придонесуваат каколот да си (ре)обезбедува ново алиби.
Бидејќи, прашањето не е кој е карактерно пе*ер или суетен новинар, туку имало или немало рекет? Не е работа на власта да прави психолошки и други портрети, туку на дело да ја портретира сопствената заложба за битка против криминалот.
Режисерот на „Вариола вера“, Горан Марковиќ, во филмот успеа да го отслика однесувањето на сите слоеви во општеството пред заканата од големата епидемија: пациенти, граѓани, тогашните актуелни политичари. На филмското платно продефилираа и храброст и кукавичлак, и пожртвуваност и егоизам, и упорност и дефетизам, и стручност и дилетантизам.
Како косценарист, веројатно и автор на „дефиницијата“ за п*зда како карактерна особина, тој во една пригода изјави дека тоа не е филм само за епидемијата, туку, пред сѐ, за болноста на општеството. Тоа е приказна што открива како некои навидум храбри лица, под одредени вонредни околности ќе паднат на најниски гранки, а некои доживеани како морално неподобни ќе покажат и поголем интегритет од прокламираните моралисти.
Зар „Рекет“ не е нашиот денешен карантин? Еден месец живееме меѓу ѕидовите на тој карантински простор, чекајќи да почне големото „вакцинирање“. Во меѓувреме, видовме од сѐ по нешто – и кои глувци „полни како брод“ први ја напуштаат палубата, кои биле натуршчици, индиции за тоа кои лица биле на привремена печалба во правдата, кои биле само на кастинг, кои никогаш не добиле главна улога, кои биле носачи на торби, но не и кој е главниот лик во приказната. Од каде почнало сето тоа?
За епидемијата од вариола вера е познато. Нултиот пациент е Косовецот Ибрахим Хоти, кој се заразил од вирусот во Саудиска Арабија за време на аџилак, а го пренел на други преку купената фрула, на која засвиреле и други на враќање од долгиот пат.
Во нашиов случај, истрагата треба да открие кој отсвирел за рекет, на каков „инструмент“ (политички или „специјален“) и кој е нултиот пациент. Тој процес никако не смее да се претвори во пе*ерска работа поради нечие п*здинско тактизирање. Зашто во таков случај, навистина ќе нема посоодветен заклучок, освен дека, се извинувам на изразот, државава отишла „у к*рац“.