Анализи

Српски шмек на аферата „Рекет“

Српските таблоиди се опседнати со аферата „Рекет“

За аферата „Рекет“ известуваат сите балкански медиуми, меѓутоа ретко кој така ревносно и навивачки пишува како белградските таблоиди.

Заев паѓа поради корупција“, „Се обидува да се испере: Заев се брани преку Фејсбук“, „Боки 13: Ако ме убијат, доказите против Заев се кај мајка ми“. Ова се само неколку наслови издвоени од белградскиот жолт печат што отворено гo поддржува српскиот претседател Александар Вучиќ. И самиот Вучиќ викендов најави нови моменти од Италијанците и го коментираше скандалот со доза нескриено ликување:

„Верувам дека сега Заев го разбира она што му го кажував за одредени лица.“

Башановиќ на тапет

Српскиот претседател не спомна имиња, меѓутоа весниците и порталите од типот на „Информер“, „Aло!“ и на „Курир“ редовно го вмешуваат Зоран Башановиќ во аферата „Рекет“. Дури тврдат дека постои снимен инкриминирачки разговор меѓу него и Боки, кој наводно го пресретнала странска разузнавачка служба. 

Весникот „Ало!“ без никаков доказ и оградување пренесува содржина од наводниот разговор:

„Боки, сега јас и ти ќе наплатиме. Време е конечно да бидеме ‘полни’ ко бродови.“

Башановиќ на насловната на „Информер“

Дента кога излезе видеото како Бојан Јовановски ги изнесува парите од домот на Орце Камчев, „Информер“ побрза да објави дека паѓаат Заев и Башановиќ, а српски „Курир“ сензационалистички напиша дека Боки ја предупредил полицијата оти има докази против Заев и против Башановиќ.

Башановиќ од 2017 работи со премиерот Заев како негов надворешен соработник. На времето му бил најдобар другар и сопартиец на Александар Вучиќ, меѓутоа во 2016 се скарале и ја напуштил Српска напредна странка (СНС).

Тој во никаков контекст не се спомнува во досега објавените разговори.

Бројните шпекулации за неговата вмешаност во сопствеништвото на 1ТВ се подгреваа со фактот дека заедно со Бојан Јовановски биле дел од белградското естрадно милје. Тој долго време ги водел кариерите на ѕвезди од рангот на Јелена Карлеуша, а Боки извесно време живееше, работеше, па дури и имаше кратка музичка кариера во Србија. Издаде и албум со песни на српски. Дополнително, Башановиќ се појави на роденденската прослава на 1ТВ, заедно со половина македонска влада. 

БИРН се обиде да добие коментар од советникот за Заев, меѓутоа прес-службата на Владата не ни обезбеди контакт.

Другарот отпадник

Башановиќ по смената на власта во Македонија работно се пресели во Скопје и оттогаш официјално е надворешен соработник на премиерот Зоран Заев.

Тој ја води малата кабелска телевизија „Наша“, која самиот ја смета за медиумски покровител на изборната победа на СНС во 2012, триумф што му ги отвори вратите на Вучиќ кон врвот на политички Белград. Овој поранешен спортски и естраден менаџер бил еден од основачите и член на раководството на СНС, членувал во управниот одбор на омилениот фудбалски клуб на Вучиќ – Црвена ѕвезда, а се амбицирал да стане и директор на Радио-телевизија Србија (РТС).

Со Вучиќ се запознале пред дваесетина години. Белградската чаршија говори оти Башановиќ го вовел Вучиќ во ноќниот живот, „го запознавал со мисици“ и му бил голема поддршка кога се одвоил од радикалите на Шешељ. Дружењето прераснало во другарство, кое во 2010 го заокружиле со кумството.

„Го крстеше моето дете!“, вака Зоран Башановиќ се исчудува на денешните напади од Вучиќ.

Башановиќ падна во немилост кај Вучиќ, во истиот момент кога замина од партијата. Според неговото сведоштво, во 2016 лично на својот кум му соопштил дека се повлекува од партиското раководство и од СНС. Денес српскиот претседател него го смета за голем политички непријател – го нарекува „крадец на гаќи“ и со таа етикета е портретиран во српските медиуми, иако судот во 2013 го ослободи од бизарното обвинение дека крадел долна облека и ќебиња заедно со сопругата во Мајами.

„Веројатно е суета во прашање. Како може некој на големиот газда (н.з. Вучиќ) да му даде оставка? Тој е човекот што разрешува.“, коментираше Башановиќ во интервју за „Наша ТВ“.

Нападите продолжуваат до ден-денес. Башановиќ за режимските медиуми во Белград е „криминалец во кабинетот на Заев”.

Вучиќ ги избрка, Заев ги вдоми

Не се баш најдобри другари | Фото: Flickr на Владата РСМ

Зоран Башановиќ не единствениот „отпадник“ од Вучиќ што е згрижен во владата на Заев. Во оваа неформална група се и поранешниот прв човек на ЕПС (српското ЕЛЕМ), Александар Обрадовиќ и ексдиректорот на тамошната Агенција за приватизација, Љубомир Шубара.

Александар Обрадовиќ потекнува од лукративниот бизнис со електрична енергија. Оттаму влегол во партискиот одбор за енергетика и во партиското раководство на СНС. Вучиќ во 2015 го издвојува како единствениот партиски директор, со цел да докаже дека српската администрација не е партизирана.

Познат е по прекарот Аца Чез, кој му се влече од времето кога директорувал со претставништво на енергетскиот гигант „Чез“ од Чешка во Република Српска. Има луксузен стил на живот, профил што никако не одговара на имиџот на скромност што го форсира Вучиќ. Медиумите ги собираа сумите што ги плаќал за часовници од рангот на IWC- Schaffhausen и Panerai, како директор на ЕПС го обвинуваа за судир на интереси, меѓутоа чашата наводно ја прели набавката на два „ауди“ автомобила кога владата на тогаш премиерот Вучиќ прогласи состојба на штедење.

Сменет е на почетокот од 2016, откако  ја расипува „калимерата“ со сегашниот српски претседател.

Третиот член на „згрижените отпадници“ е Љубомир Шубара. Финансискиот експерт во 2015 издржа само 10 месеци како директор на српската Агенција за приватизација. И како што обично бива, Српската напредна странка веднаш почна и него да го напаѓа врзувајќи го со опозицијата.

„Идеолозите на тажната и мала партија на Вук Јеремиќ се Љубомир Шубара и Зоран Башановиќ “, се вели во едно нивно соопштение.

Покрај оваа тројка, во 2017 година во Скопје доаѓа Александар Родиќ, поранешен газда на српски „Курир“ и уште еден архинепријател на Вучиќ. Родиќ е всушност еден од првите луѓе што Заев ги прими во кабинетот на Илинденска бр. 2, а за тоа сведочи фотографијата објавена на владиниот сајт на 5 јуни 2017.

„Ацо Родиќ е еден извонреден новинар“, изјави во април 2018 Зоран Башановиќ и го пофали неговиот весник „Курир“ зашто до тој момент не подлегнал на притисоците на Вучиќ.

Само половина година подоцна, Александар Родиќ попушти и ги продаде српскиот „Курир“ и другите свои медиуми на лице блиско до власта во Србија. Меѓутоа, интересно е дека Родиќ во таа трансакција го задржа македонскиот весник „Слободен печат“, чиј косопственик е уште од 2016.

Луѓе од доверба

На платниот список на Заев се наоѓа уште еден надворешен соработник од Србија, кој е помлад од овие тројца и не ја дели нивната судбина во татковината. Сепак, информатичкиот експерт Владимир Цветковиќ може да се најде на фотографии заедно со Башановиќ и со Родиќ.

Дојденците од Белград, на почетокот од мандатот на Заев, летото 2017  склучиле двегодишни договори со македонската влада, а со одлука на владата добиле и македонско државјанство. Башановиќ се договорил за месечен надоместок од 1.500 евра, додека Обрадовиќ, Цветковиќ и Шубара земаат по 1.200.

Летово Заев им ги продолжил договорите на уште една година со истите суми.

Тоа што се надворешни соработници укажува дека се луѓе од доверба на Заев. Нив  премиерот лично ги поставува и не се избираат на оглас. Не одат на работа секој ден и само премиерот знае што и колку работат.

Ако се земе предвид изборот на советници од Србија, како и средбите на македонскиот премиер со српските опозиционери, станува појасно зошто има постојани искри на релација Вучиќ – Заев и зошто белградските таблоиди блиски до српскиот претседател ја експлоатираат аферата за домашни потреби.