И таа е од женски род, кога сме празнично на темата. Но, не верувам дека некој ќе стави цвет пред нејзината, од мермер извајана фигура, поставена во некој судски хол. Освен, можеби погребен венец. Двата кантара на нејзината вага во моментов се во прилично изедначена позиција. На едниот натежнува желбата за правда, на другиот – лепеза од политички интереси таа да биде избегната.
Во таква ситуација, нема никакво значење тоа што ѝ се врзани очите за да биде непристрасна. Превезот ѝ го симнуваат сите што сакаат да им пресуди „невиност“, која не е потврдена низ нејзините алатки, туку низ подметнување „исправни“ политички цели и каузи, кои по правило треба да ги прифаќаме како вредности издигнати над правдата. Додека на хартија е заштитена и цврсто устоличена, во практика е грубо дискриминирана, навредувана, нееднакво вреднувана во системот на општествени вредности.
Многумина би сакале мечот што го држи во раката да ѝ го заменат за сукало, миксер, правосмукалка, да ја сведат на традиционална домаќинка што кротко ќе мете во судскиот дел од државниот двор и на никаков начин нема да се меша во политичките штипки кои го држат криминалниот веш прицврстен на жицата за сушење.
Јустиција е класична жртва на секакво насилство, на добар пат да заврши во некој од шелтер-центрите и со слаба можност за абортус од несаканата бременост, зачната за време на насилничките акти. Плодот што таа го носи во утробата се нарекува политичка арбитража и има многу татковци. Сите тие сакаат Јустиција да ја претворат во нивна робинка, прислужничка, техничка секретарка.
Впечатокот не го поправаат ни денешните пресуди за „Титаник 2“. Би биле тие крупни искри на надеж за правната држава, кога не би знаеле дека кај последната судска постојка чека Начелното правно мислење на Врховниот суд, кое пресудите ќе ги однесе во ветер.
Јустиција е класична жртва на секакво насилство, на добар пат да заврши во некој од шелтер-центрите и со слаба можност за абортус од несаканата бременост, зачната за време на насилничките акти
Експертите сметаат дека предлог-законот за јавно обвинителство (со кој се уредени надлежностите на СЈО), не го елиминира мислењето на Врховниот суд, според кое СЈО е неовластен тужител по 30 јуни 2017 година. И дека тој закон не може да има ретроактивно дејство во оваа насока. Други, пак, тврдат дека нема пречка за ретроактивноста кога станува збор за процесна материја. Но, веднаш стигнува реплика: закон за јавно обвинителство не е процесен закон!
Џабе е што постои идеја за правда, кога таа идеја и реалноста се во расчекор.
И поради внатрешни опструкции, и поради многу објективни пропусти, правото остана инструмент што се (зло)употребува и навигира во согласност со разни преференци.
Оваа држава доживеа голема политичка криза токму поради долгогодишниот принцип на неказнивост на случаи од висок политички профил. Сега, кога тој процес доби одреден институционален тек – се крева рачна! Со олабавување на принципот на казнивост ќе се спречува нова криза: заради помирување, релаксирање на состојбите, заради цензус, заради мир во куќата…
Сосема е извесно дека предлог-законот за јавното обвинителство, барем во делот за СЈО, ќе помине неколку тури политичко пеглање, и на крајот ќе го добиеме во една измиена форма и содржина, лишена од клучни одредби.
Речиси сум сигурна дека нема да се пропушти ниту една можност да се обрукаме на темата правда, и дека под притисок на повеќе заинтересирани партии, резултатот ќе биде спакуван во убав целофан и аргументиран со празни правно-вербални еквилибристики.
Сосема е извесно дека предлог-законот за јавното обвинителство, барем во делот за СЈО, ќе помине неколку тури политичко пеглање, и на крајот ќе го добиеме во една измиена форма и содржина, лишена од клучни одредби
Јасно е дека предметите на СЈО по 30 јуни 2017 година ќе паднат во вода. И дека СЈО било планирано како ад-хок средство, а не како долгорочна цел. И како кон „средство“ што ја завршило својата улога, сега се подготвува и теренот за негово постепено упокојување или приземјување. Без оглед што тоа во системот формално-правно ќе преживее, Специјалното нема да биде ништо специјално. И дека од многу отстапки ќе зависи дали ќе има двотретинско мнозинство за изгласување на реформските закони. И почесно е тоа јавно да биде кажано, отколку да се вртат кругови за на крајот да дојдеме до истиот заклучок. Последиците не се мали: реформите ќе се сведат на административно штиклирање само на квотата на усвоени закони, што е нагазна мина за каков било квалитативен исчекор на патот кон силен и модерен правен поредок.
Подобро е и тоа јавно да се каже отколку да го шминкаме мртовецот. Исто како што е неопходно да се каже, дека не изгледа правично во притвор и со пресуди во затвор да завршат сите други, додека Груевски си тера удобен азил во Унгарија.
Поради таква (не)правда, а, пред сѐ, во име на смирување на политичките тензии во општеството, можеби треба да се одреди некоја „нулта точка“ како кота за крај на сите политички компромиси со правдата, но и со потпишани гаранции дека од утре никој и ништо не ќе може да се надева на исклучоци, да условува процеси и да ги блокира.
Ако Македонија покажа висока визија и свест за перспективите на земјата при креирањето на Преспанскиот договор, можеби е време сличен сензибилитет да покаже и за внатрешните процеси, доколку постои увереност дека е подобро гнилата штица да биде заменета со нова и цврста, наместо неуспешно да биде крпена. Тоа е ѓаволски тежок и мачен процес, во кој сите ќе се чувствуваат како учесници во валкана епизода, но и досега ништо не било ниту лесно, ниту премногу чисто.