Криминалистичките серии на Нетфликс и на ХБО нѐ научија дека еден од полициските методи за истражување на осомничени е анализата на она што потенцијалните криминалци не го кажуваат. Детективите покрај тоа што внимаваат на изјавите, тие се концентрираат и на сѐ она што осомничените се обидуваат да го одбегнат при испрашувањето.
Опсервацијата на оваа вербална гимнастика може да биде корисна, бидејќи заобиколувајќи ја вистината луѓето често несвесно ја заокружуваат нејзината содржина, на некој начин потенцираат можни сценарија и до некаде скицираат што навистина се случило.
Или што би се рекло отприлика имаме јасна идеја што осомничениот не сака да каже, кои прашања не сака да ги одговори и тоа е јасен знак каде треба да се насочи истрагата.
Со оглед дека токму полицијата во случајот со службениот џип во Грција, за којшто сомнежите се дека бил користен за приватна авантура, неколку дена се однесува како токму ваков осомничен овој метод може да се искористи и при анализата на единственото соопштение на МВР поврзано со случајот.
Чаршијата би протолкувала дека директорот или некој друг дигнал телефон и го „замолил“ шоферот за мала приватна услуга
Дали тој што го пишувал соопштението во недела попладне на триесет и кусур Целзиуси бил невнимателен или можеби баш напротив внимавал во исто време да ја заобиколи целата вистината и да не излаже, ама од вака срочениот демант сфаќаме оти не е исклучена можноста дека член на директорското семејство, сепак, приватно се возел во џипот. Ќеркава не го управувала „ренџ-роверот“, ама нема демант дека не се возела приватно во него.
Чаршијата би протолкувала дека директорот или некој друг дигнал телефон и го „замолил“ шоферот за мала приватна услуга.
Затоа е важно полицијата што побргу да излезе со некакви информации за списокот на патниците во возилото, кој впрочем мора да го има бидејќи тие заедно ја поминале границата (ако се повеќемина), а може да помогнат и снимките од преминот Богородица.
Нормално, ако тој ден како и секој друг нормален ден камерите работеле.
Втора недоследност е тоа што во истото кусо соопштение стои точното време кога џипот ја напуштил Македонија на 2 август годинава, меѓутоа ги нема часот и минутите кога возилото се вратило истиот ден.
Доколку МВР побргу не излезе со детали за случајот може да се постави прашањето дали тоа часот на враќање не соодветствува со времето потребно да се изврши задачата за која е пратена службената делегација во Грција. И дали можеби во саатницата се додадени неколкуте часови до плажа и шопингот во „Лидл“?
Потребни се повеќе информации од коишто ќе може да се дознае не само времето кога се вратил џипот, туку полицијата треба да ја објасни колку што може повеќе и природата на задачата што ја имал службениот „ренџ-ровер“ во соседната земја за време на државниот празник Илинден.
За да ја потврди својата верзија од приказната МВР уверува дека за патот има издадено соодветен налог, арно ама такво нешто не видовме, ниту, пак, добивме образложение зошто евентуално тој документ не треба да е јавен.
Овие и уште неколку прашања и дилеми вчера ги пративме до МВР, меѓутоа до сега нема одговор. Прашувале и другите колеги и резултатот е ист.
Полицијата си остави простор и најави дополнителни проверки, меѓутоа ако на крајот испадне дека џипот навистина бил користен во приватни или полуприватни цели, на што укажува однесувањето на МВР, ова нивно соопштение ќе остане само невешт обид да се затскрие скандал.