Што може да очекуваме од Трамп во следниве 4 години?

Колумна на Ивана Јордановска

Инаугурацијата на Доналд Трамп, вчера го означи почетокот на неговиот втор мандат. Но, што може да очекуваме од него во следниве четири години, посебно во поглед на надворешната политика?

Врз основа на неговите политики од првиот мандат, како и објавените анализи и текстови на најистакнатите членови на неговиот тим што ќе ја креираат или ќе влијаат врз неговата надворешна политика, може да ги организираме нашите очекувања во три главни поенти. Овие три поенти не се кохерентни и честопати се контрадикторни.

Но, во која било дадена криза или конфликт, тоа ќе бидат главните размислувања што Трамп и неговата администрација ќе ги земат предвид.

1. Трамп верува во светски поредок, кој се заснова на строга хиерархија на „посилниот“.

Во академските кругови што ги изучуваат меѓународните односи, ова е добро познато како теорија на реализам, а во американските политички кругови, со децении, е прифатена како главна теорија на конзервативците. Целата идеја на реалистите во меѓународните односи се заснова на идејата дека живееме во анархичен свет без светска влада и глобален „полицаец“, кој би ги уредувал односите онака како што владите го прават тоа на државно ниво. Наместо тоа, секоја држава се обидува да изгради своја моќ, најчесто воена, колку што може повеќе за да изгледа како потежок „плен“ за другите држави.

Во овој светоглед, НАТО е само алатка на хегемонот, односно САД. Сојузниците мора да ги следат насоките на САД доколку сакаат да се понадеваат на некаква воена закрила од страна на САД, но таа не е загарантирана. Хегемонот може да се однесува така како што најмногу му одговара, посебно доколку безбедносниот интерес на хегемонот е во конфликт со безбедносните интереси на помалите сојузници. Во немилосрдниот свет на вечна анархија, дури и хегемонот мора да се заштити првенствено себеси.

Во денешната ситуација во Европа, реалистите веруваат дека „Западот“ е виновен за војната во Украина, бидејќи НАТО се доближил преблиску до Украина. Според овој начин на размислување, светот е поле за грабање од страна на силните, додека (по)слабите држави немаат никаква улога во меѓународните односи. Украина не е таа што сака да стане дел од НАТО бидејќи тоа што Украина и украинските граѓани го сакаат е ирелевантно, според реалистите.

2. Трамп нема конзервативен морален компас.

За разлика од конзервативците од „(по)старата“ школа, Трамп нема конзервативен морален компас што ќе ги води неговите одлуки. Она што може да се очекува да влијае врз неговите одлуки се парите, како за него, така и за тие околу него. Иако Вашингтон одамна ги има регулирано активностите на лобистите што работат и за домашната индустрија и за странските влади, може да очекуваме дека парите ќе ја имаат моќта за влијание врз одлуките на Трамп. И тоа веќе се забележува, дури и на Балканот.

Неодамна, „Пропублика“ истражуваше и објави за бизнис-интересите на луѓе блиски до Трамп во Македонија. Минатата година, зетот на Трамп, Џаред Кушнер склопи бизнис-зделка за изградба на нов хотел во Белград, на местото на поранешното Министерство за одбрана, кое беше уништено за време на НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 година.

Со доаѓањето на власт, ваквите договори само ќе се интензивираат. Ако досега американската влада ги објавуваше на своевиден „ѕид на срамот“ оние корумпирани балкански политичари како Груби, со доаѓањето на Трамп на власт може да се очекува да го преименуваат во „ѕид на зделките“.

Законодавното тело на САД веќе назначи во кој правец ќе се движи, во поглед на НАТО: во документот Ѕ4726 именуван како NATO Burden Sharing Report Act, конгресмените ќе добиваат годишни извештаи, во кои ќе се известува за финансискиот придонес на секој НАТО сојузник, нивната индустриска база за производство на одбранбени системи, како и ред други статистички показатели. Но, ваквиот документ сам по себе нема никакво значење за конгресмените.

Сите податоци во него би биле некласифицирани како сензитивни и тие би можеле да бидат собрани од истражувачките асистенти на конгресмените во кое било време. Но, многу поважна е пораката што се праќа до сојузниците: „Од денес, Америка става на кантар – колку пари, толку одбрана.“

3. Трамп е непредвидлив.

Она што не треба да се заборави е дека Трамп е личност што е водена и раководена од своите лични психолошки потреби. Иако сите ние сме првенствено психолошки битија, оваа негова карактеристика е во директна спротивност со реализмот на конзервативците.

Неговите советници и оние за кои можеме да очекуваме дека ќе имаат најголемо влијание врз неговата надворешна политика се обидуваат да ја прикажат неговата непредвидливост како предност. Идејата е дека со тоа што нема да знаеме што ќе направи Трамп следно, ќе го збуниме и непријателот.

Но, проблемот со непредвидливоста на еден политичар е што во политиката е многу важно да може да се предвидат постапките на сојузниците. Како дел од НАТО сојузот, Македонија треба да знае што да очекува од САД како сојузник. Иако овие познавања никогаш нема и не можат да бидат совршени, дипломатските служби на сите земји трошат многу енергија во прикажувањето конзистентна и предвидлива позиција на својата држава.

Она што ние и сите други во Западен Балкан можеме да очекуваме е дека начинот на водење политика од страна на САД ќе биде драстично променет. Овој дел од светот честопати ќе биде и „заборавен“ бидејќи има многу поголеми, многу побогати и многу понестабилни делови од светот. Но, во оние ретки моменти, кога Западен Балкан ќе биде предмет на дискусија во Вашингтон, одлуките ќе бидат мошне различни од она што го имаме видено досега.

Ивана Јордановска е докторантка на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Нејзината дисертација се фокусира на внатрешната динамика на носење одлуки во НАТО. Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија