Уште на почетокот една дигресија: 9 Мај е Денот на Европа, а не Денот на победата над фашизмот, а богами не е ниту крајот на Втората светска војна. Германија потпишува безусловна капитулација на 7 мај 1945 година во Ремс, Франција.
Оваа капитулација не ја признава Сталин, барајќи таа да се потпише во Берлин и на неа да присуствува советскиот воен врв. Ајзенхауер, односно западните сојузници, ги прифаќа овие барања на СССР и следниот ден, значи на 8 мај, Вилхелм Кајтел, во име на германските вооружени сили, потпишува безусловна капитулација.
На чинот на потпишување присуствува советскиот маршал Георгиј Жуков. Капитулацијата стапува во сила, во 23.01 часот истиот ден. Поради временската разлика, односно временските зони, мирот во Москва стапува во сила еден час подоцна, односно во првата минута од следниот ден. Втората светска војна завршува со капитулацијата на Јапонија, на 15 август истата година.
Парадигмата на сталинизмот
Оттогаш, во стилот на Студената војна, земјите од западниот европски блок го одбележуваат Денот на победата на 8 мај, а земјите на источниот блок – ден подоцна. Интересен е тука случајот на Југославија. Веднаш по завршувањето на војната, како и другите комунистичка земји под големо влијание на СССР, Југославија го прифаќа 9 мај како официјален ден на победата над фашизмот.
Меѓутоа, набргу по разидувањето со Сталин, а со тоа и со целиот источен блок, таа го менува овој ден со 15 мај, денот кога е истеран и последниот окупаторски војник од југословенската територија, односно денот кога Југославија навистина е ослободена. Во средината на 50-тите години од минатиот век, кога доаѓа до затоплување на односите меѓу СССР и Југославија, 9 мај повторно се враќа како Ден на победата. Македонија, како и другите држави произлезени од југословенската федерација, го наследува овој датум како Ден на победата врз фашизмот.
Ние, антифашизмот го живееме површно, протоколарно и фразеолошки. И тоа само при некои пригодни датуми. Како некој вид форма испразнета од секаква содржина
Во таа смисла, и годинава на 9 мај во Москва се одржа голема воена парада, со што се одбележа Денот на победата над фашизмот и завршувањето на Втората светска војна (Татковинската војна, како што ја нарекуваат Русите). Според новинските извештаи, годинава имало помалку високи гости и повеќе војници. Имено, сега парадирале околу 11.500 војници наспроти осумте илјади од претходната парада. И, според наводите, присуствувале 29 државници, главно од бившите советски републики, Азија, Африка и Латинска Америка. Меѓу овие 29 високи гости се и водачите на некои непризнаени или изолирани земји, од типот на Јужна Осетија, Абхазија, Мијанмар, Белорусија, Лаос, Палестина, Конго…
За волја на вистината, присутни се и лидерите на Кина, Бразил, Египет…
Освен лидерот на Азербејџан, Илхам Алиев, од Европа се присутни и српскиот претседател Александар Вучиќ и словачкиот премиер Роберт Фицо, како единствен претставник на една држава од Европската Унија. Да, тука е и челникот на Република Српска, Милорад Додик, како и челникот на македонската партија Левица, Димитар Апасиев. Остатокот на светот, поради општопознатите околности, ја бојкотираше прославата, односно Руската Федерација.
Според партиското соопштение, Димитар Апасиев бил во Москва по покана на лидерот на Комунистичката партија на Руската Федерација, Генадиј Зјуганов. Настрана идеолошките ставови на Зјуганов, не е на одмет да се спомене дека човекот, како и повеќето пратеници од неговата партија, се наоѓа на црната листа на САД. Овој „конзервативен левичар“ и националист, како што самиот се дефинира, отворено ја поддржува руската инвазија врз Украина. И без оглед што се декларира како опозиционер, цврсто стои зад актуелните политики на Путин. Инаку, се залага за враќање на „модернизиран“ сталинизам во Русија, како успешен модел за јакнење на државата.
Проклетството на заборавот
Не знам каков бенефит ќе имаат Апасиев и неговата партија од оваа посета во ваква консталација и во вакво друштво, но останува фактот дека на овој начин и Македонија беше застапена на прославата на Путин. Од некоја, помалку или повеќе, извитоперена перспектива, овој податок и не мора да биде толку лош. Апасиев барем беше присутен на некаква прослава, бидејќи Македонија го прослави овој ден според веќе воспоставената традиција на ВМРО-ДПМНЕ. Односно, никако!
Добро, го имаше она протоколарно положување цвеќе од страна на владината делегација на споменикот во Бутел. И премиерот ги честиташе двата празника, Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот – преку социјалните мрежи. И отприлика тоа би било сѐ.
Злобниците би рекле: од кого е – добро е. Ние, антифашизмот го живееме површно, протоколарно и фразеолошки. И тоа само при некои пригодни датуми. Како некој вид форма испразнета од секаква содржина. Не го живееме во неговата срцевина, во неговата суштина. Сведоци сме на идеолошката ревизија на историјата, па така ја гледаме некаде тивката, а некаде богами и прилично гласната рехабилитација на ликовите од типот на Ванчо Михајлов, Тодор Александров, Ќосето, Владо Черноземски…
Се чини дека денес, осум децении по потпишувањето на капитулацијата на нацистичка Германија, како никогаш досега владее конфузија околу термините „фашизам“ и „антифашизам“
По нив се нарекуваат улици и институции. Ним им се подигаат споменици. Наспроти тоа, периодот на Народноослободителната борба или се маргинализира или, уште полошо, се криминализира. Спомен-обележјата на хероите од овој период, не само што не се одржуваат, туку и се девастираат. Партизаните одново се „шумкари“, „злосторници“„симнати од планина“, „бандити“, „продадени души“…
Од тој период се споменуваат само политички апсења, наводни и ненаводни злосторства, убиства на патриотите, „злосторничката улога“ на Темпо и Тито… Небаре тие биле фашистите, а не борците против фашизмот.
Се заборава дека македонското партизанско движење беше дел од најсилното движење на отпорот против фашизмот во Европа. Се заборава дека единствениот легитимитет на македонската држава, единствената нејзина легитимација е токму таа антифашистичка борба, тој македонски антифашизам. И наместо да го негуваме и да се гордееме со него, ние го туркаме под тепих.
Забораваме дека најголемиот развој и најголемата благосостојба Македонија ги доживеа токму во времето на комунистите, а не на фашистите. Со ваква општествена клима, новите генерации не прават и нема да прават разлика меѓу фашизмот и антифашизмот.
Да бидеме искрени, ниту светот нешто не се претргна, одбележувајќи го овој ден. Се чини дека денес, осум децении по потпишувањето на капитулацијата на нацистичка Германија, како никогаш досега владее конфузија околу термините „фашизам“ и „антифашизам“. Само така може да се случи десничарските, етноцентричните, националистичките, хомофобичните, антимигрантските и слични партии денес да се повикуваат на „антифашизмот“. Или една држава со империјалистички и инвазиски амбиции, како што е Руската Федерација, да ја организира најголемата прослава по тој повод. И уште да ја правда инвазијата врз Украина како „борба против фашизмот“.
Фашизмот не е универзална идеологија, нејзините појавни облици можат да бидат различни, но бидете убедени дека, ако националниот идентитет се мапира со лоцирање непријатели, ако со тоа оправдување се спречува влез на модерното, ако различномислечките се прогласуваат за „предавници“, „соросоиди“, „платеници“, ако на жената не ѝ се дозволува да располага со своето тело, ако луѓето со различна боја на кожата или со инаква религија по дефиниција се загрозени, ако не им се дозволуваат човековите права на маргинализираните заедници… – тоа е фашизам.
Или тоа се барем никулците на фашизмот. Оној момент кога ќе стасаме до концентрациони логори, тогаш веќе ќе биде доцна. Изгледа дека во таа 1945 година не го победивме фашизмот. Или барем не во целост.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија