Феноменот на само-саботажа, е одамна познат во психологијата. Одложувањето /прокрастинацијата/, злоупотребата на психотропни супстанци /алкохолот, дрогите и сл./, неурамнотежената исхрана, или самоповредувањето се само дел од ваквите однесувања.
Причините, зошто човек би се однесувал на начин кој долгорочно го оштетува неговото здравје и му го загрозува животот, се многу подлабоки од препуштањето на задоволствата, сега и овде, или од обидот да се одминат /заборават/ проблемите.
Само-саботажата често се препознава во откажувањето во последен момент, кога најголемиот дел од работата е веќе завршен, и недостасува уште малку напор, да се прифати предизвикот и да се успее.
Силите што раководат со ваквото однесување се акумулирани дисфункционални и искривени уверувања /често со катастрофички сценарија/, со кои доминира стравот од одговорноста, за евентуалниот, можен неуспех. Стравот од личната одговорност за неуспехот, е толку голем што превагнува одлуката за „скршнување“ од зацртаниот пат, и префрлување на одговорноста на другиот / или на ситуацијата.
Само-саботажата се потпира на потценувачкиот однос кон сопствените способности и можности. Таа бара потиснување и смрзнување на чувствата на сочувство и емпатија, бара когнитивни ограничувања и замаглување на реалноста, и итно префрлање на одговорноста за сите лични незадоволства и промашувања на другиот, во обидот на „спас“ и какво такво самоодржување. Сето тоа, на индивидулен план има тешки, долгорочни последици по индивидуалниот развој. Кога само-саботажата се применува масовно, ризикот по целата заедница е огромен.
Само-саботажата често се препознава во откажувањето во последен момент, кога најголемиот дел од работата е веќе завршен, и недостасува уште малку напор, да се прифати предизвикот и да се успее
Во поглед на кризата, го имаме истиот феномен. Наместо конечно решение, дојдовме до точката кога станавме сведоци и учесници во процесот на само-исклучување и само-откажување од сопствените капацитети за учење (од личните и светските искуства) за пандемијата. Тоа е најопасната точка, кога мислиме дека се знаеме, и кога се друго, и сите други ни се одговорни (виновни) за се што ни се случува. Сосема несвесни, колку е тоа непродуктивно, само-уништувачки, и колку сме, токму затоа, уште повеќе подложни на манипулации, и лоши решенија за себе и за целата заедница?
Можеме ли од таа позиција на стеснетост, со која доминираат стравови, катастрофични погледи, ограничени умови и лоши избори да направиме чекор напред?
А како, кога знаеме, колку учењето, од секогаш ни одело тешко, особено учењето од сопствените искуства? И кога со години сме насочувани да учиме површно, формално, или за „оценка“. А и таа била паушална слика на нашите знаења, без моќ да ги раздвои оние што знаат од оние што не знаат. И тука сме заглавени. И уште во криза.
Шансата е токму во тоа што кризата е поле на брзо учење, со јасни, конкретни и директни последици од наученото. Излези има, треба да ги пронајдеме.
Можеби, кога би почнале со тоа што се научивме до сега, од нашите искуства со пандемијата на ковид -19, за себе, за другите. Објективно и со факти.
А многу работи научивме до сега.
На пример, дека здравствениот систем на Северна Македонија, колку и да е во распаѓање, може да се мобилизира и за кусо време да се ре-организира, вмрежи и поврзе, како одговор на голем предизвик, а сепак да не колабира (реакциите и постапките, во најголемиот број беа навремени, се донесоа сите потребни протоколи, тестови, апарати, се зголемија и капацитети ширум земјата, не доживеавме болни по ходниците. Постапката на раководење беше транспарентна, професионална, смирувачка).
Научивме колку се, за таквата мобилизација, неопходни: стручното водство, тимската работа, посветеноста, интерсекторската соработка, политичката волја и парите. За да видиме, појасно од било кога, дека кога недостига само една од овие карики, системот сериозно почнува да откажува.
Научивме дека голем дел од казнените мерки немаат смисла, ако не можат да бидат ефектуирани, што од неможноста да бидат следени, поради недоследноста, немањето капацитети за спроведување, или отсуството на политичка волја
Научивме едно чудо правила на однесување во само-заштита и заштита на другиот, и овој период беше исклучително корисен за тоа. Сите слоеви на населението се доволно информирани, и знаат што како да се заштитат од вирусот што одзема животи. Освен оние што не сакаат да знаат, што не се многу. Но, и оние што немаат услови и средства да живеат и да се штитат според препораките. А тие не се малку, и за нив не се најде решение. И тоа научивме, и се уште учиме.
Научивме дека и најдобрите системи без помош на граѓаните, нивната свест и индивидуална одговорност во грижата за себе, и другите, немаат шанси да успеат. Но и дека макар делумно, тие мора да бидат потпомогнати во нивните реални (не)можности да ги следат препораките.
Научивме дека ограничувањата на слободите на движење, на долги патеки, не даваат добри резултати, дека се силно дискриминирачки кон одговорните, наспроти прекршителите на правилата, кои не се санкционираат.
Научивме дека голем дел од казнените мерки немаат смисла, ако не можат да бидат ефектуирани, што од неможноста да бидат следени, поради недоследноста, немањето капацитети за спроведување, или отсуството на политичка волја. И уште многу работи научивме, без извлечени поуки од наученото.
И најважно што научивме, и се уште учиме е, колку е клучно индивидуалното учество во решавањето на оваа криза и во напредокот на целата заедница, колку е тоа директно поврзано со самодовербата, индидуалната свест и одговорноста, во напуштање на само-саботажите како избор, и излегување од кризата со победничка агенда.
Кризата поставува нови и немилосрдни услови, но со нив може да се тргне и напред. Зашто враќање назад нема. Време е за релации на доверба, за подобра грижа за себе, но и за грижа за другиот. Време е за учење од добрите практики, за развивање механизми на позитивни поврзувања, со активно учество во социјалните регулации и контрола, за доброто на сите. Ова е време за учење на индивидуалната одговорност.