Слики и прилики

Критериуми, факти, вистини, лаги, полувистини, манипулации… Со слаломот низ овие зборови секој ден поставуваме ново камче во мозаикот на нашата реалност. Некогаш нештата се толку измешани, што не сме сигурни дали се работи за сон или јаве. 

На пример, пред пет дена медиуми објавија дека од Белата палата се тргнати слики на Никола Груевски, а од партијата објаснија дека „планираат нова содржина за илустрации на проектите што ќе ги работи идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сѐ со цел да можат новинарите одблиску да се запознаат со истите“.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски беше малку попрецизен, па во телефонски разговор за медиум изјави дека „таму не биле само сликите на поранешниот претседател, туку и од голем број луѓе што оставиле белег во историјата на партијата“. Од тоа би требало да се сфати дека не се „ексклузивно“ тргнати само сликите на Груевски, туку на сите што се нашле на местото каде што партијата планирала „друга содржина“. 

Зошто оваа вест привлече големо медиумско внимание? Затоа што јавноста одамна очекуваше да види дисконтинуитет со политиките на Груевски. Симболиката со сликите наликуваше на некаков потенцијал за таков наратив. Но, се разбира, тој дисконтинуитет се прави на сосема поинаков начин. 

Ќе го повторам она што деновиве го напишав. Од партијата се очекуваше со зборови и дела да се огради и извини за дел од политиките на Груевски. Така ќе ја исцрташе „сликата“ за новите политики што ќе ги превентираат опасностите од повторување на старите грешки.  

Секоја партија која држи до својот историјат и веродостојноста, секако дека треба да има слики од сите поранешни претседатели, без оглед на јавното мислење за учинокот во нивниот мандат. Портрет на Груевски стои и во Владата, како сведоштво дека во еден период од историјата на земјата бил на функцијата премиер. 

Но, кои слики партијата без двоумење можеше да ги тргне и така да испрати порака? Оние што сведочат за приватизирање и фамилијализирање на ВМРО-ДПМНЕ. Такви се оние, на кои покрај Груевски, централно место зазема неговата сопруга или други членови на семејството.

Без оглед на скудните информации за тоа кои слики од Груевски „заминале“, јавноста желна за демократизација и за промени бргу се израдува што во ВМРО-ДПМНЕ по две години почнале да се „менуваат работите“, макар и преку симболика со сликите 

Реално, не знаеме колкава е бројката на примери кога семејното е измиксирано со партиското, и уште колку членови на фамилијата се овековечени во масло на платно, што доволно говори за транспарентноста. За Боркица знаеме, бидејќи таа слика протече во јавноста. Знаеме дека таа не била на партиски функции, или барем јавноста не била информирана дека извршувала функции за да биде значајна за партиската историја. 

Тие слики требаше да му бидат испратени на Груевски на домашна адреса, веднаш по неговото заминувања од кормилото на партијата. И тоа ќе беше сосема соодветен потег. 

Несоодветно е она што се правеше во времето кога Груевски стана партиски лидер. Ликот на неговиот претходник, Љубчо Георгиевски, беше ретуширан, односно бришен од фотографиите кои сведочеа за клучни настани во партијата и во државата. Неразумноста на таквиот потег подоцна ја сфати и самиот Груевски, па и ликот на Георгиевски конечно се најде на ѕидовите на Белата палата. 

Без оглед на скудните информации за тоа кои слики од Груевски „заминале“, јавноста желна за демократизација и промени, бргу се израдува што во ВМРО-ДПМНЕ по две години почнале да се „менуваат работите“, макар и преку симболика со сликите. Сѐ до вчера, кога таквите илузии ги разби Иванка Василевска, членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, која во емисијата „Јади бурек“ го демантираше отстранувањето на сликите. 

Откако објасни дека ги бранела и вреднувала постапките на Груевски, како што ги бранела и постапките на сите што застанале на браникот на Македонија, водителот ѝ упати забелешка.  

– Затоа ги тргнавте сликите од штабот…

– Не, не, секаде си стојат. 

– Имаше објавено дека се тргнати сликите… 

– Не, не, никогаш. Љубчо Георгиевски ни стои по ѕидови, и Ратка Димитрова, а не, па Никола Груевски. Далеку од тоа. Не постои таква шизофренија – одговори Василевска.

На прашањето од водителот – значи ова е медиумска манипулација – таа одговори – да!

Оди сега, па разбери, иако прикажаната матрица на размислување прилично открива. Особено е чуден „аргументот“: „Љубчо Георгиевски ни стои на ѕидови, а не, па Никола Груевски“. Никој не очекува да го избришат Груевски од партиската меморија. 

Но, нејасно е зошто таа изјава сугерира отсуство на „еквидистанца“, односно имплицира некаква поповластена позиција за Груевски во споредба со Георгиевски, а во време кога и двајцата имаат статус на поранешни претседатели на партијата. Можеби, пак, требало јавно да се каже дека Груевски, сепак, има поинаков третман во партијата? 

Патем, споменатата Ратка Димитрова беше пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и координатор на пратеничката група во првиот парламент по осамостојувањето на Македонија. Претпоставувам дека има повеќе право да биде на сликите отколку Боркица, на пример. Но, кој да мисли сега на такви „дребулии“. 

Битно чувме оти „не постои ‘таква шизофренија’“. По ова, јасно е кое прашaње природно се наметнува, но ајде да го прескокнеме прашањето, и во интерес на менталното здравје да се согласиме дека сето ова е медиумска манипулација. Медиумите отсекогаш си биле третирани како боксерска вреќа и зар вреди сега да ја кршиме традицијата?