Со штитот или на него

Додека светот вчера го одбележуваше Меѓународниот ден на среќата -20 март, ние погребавме 59 млади луѓе, нечии синови и ќерки, сестри, браќа, внуци, сопрузи, мајки, татковци, нечии соученици, роднини, пријатели… Колку што беа нечии, толку беа и наши деца. Деца на Македонија.

На Денот на пролетта се збогувавме со 59 фиданки, кои требаше да израснат во наши наставници, лекари, инженери, да бидат родители, да работат, да живеат, да траат, да продолжат да бидат најскапото нешто што го поседува секоја држава, а тоа е нејзиниот социјален капитал – ЛУЃЕТО!

За жал, нашиот најголем капитал во многу случаи досега го губевме на стравично неприфатлив начин. Без разлика дали во несреќи на патиштата, во пламени јазици во автобус, во модуларна болница или во шупата, која со години нелегално функционирала како дискотека, епилогот е ист: нив не можеме да ги вратиме.

Прашањето е дали може да ја вратиме Македонија на патот на стандардите и нормалноста, каде што никој повеќе нема да ја истакнува паролата: „Подобро да заминам, отколку да загинам“.

Вака зборувавме и инсистиравме и по претходните трагедии, а влечкањето на судските процеси за нив и удирањето „повеќе по самарот отколку по магарето“, само ни ги потврди старите дијагнози – дека системот е гнил, изеден од корупција и преземен од коруптивни структури во сите власти, на сите нивоа.

Трансмандатна битка

Она што е различно од претходно, е што надлежните институции презедоа многу брзи и енергични акции. Експресното преземање на повредените и брзата стручна проценка за најтешките случаи што треба веднаш да бидат транспортирани во странство, и тоа уште истиот ден, говори и за брза реакција, и за одлична координација, и за ефикасност. Истото се однесува и за МВР и за Обвинителството.

Децидната најава на премиерот Мицкоски да маркира точка од која нема враќање назад (или ќе ја победиме корупцијата или нема да нè биде) е рефрентната точка од која ќе се мери секој натамошен чекор. Оваа трагедија, како што го околчи просторот за итна и сеопфатна истрага, така го исцрта и „приоритетот над приоритетите“ на владата, која демонстрираше исклучителна решителност да влезе во битка со јавашлакот, анархијата и корупцијата.

И мора да добие максимална поддршка за тоа. Патот не е лесен, тој е ѓаволски тежок. Многу душегрижници од претходната власт прашуваа – што направила актуелната влада во изминатите 8 и пол месеци. Ако Авгиевите штали биле „полнети“ повеќе од три децении, а можеле да се исчистат за 8 месеци, зошто тие не ги исчистиле во претходните 7 години? Туку ги надградија шталите со амнестии, законски измени, популизми и со сервилност, мижејќи пред корупцијата, заради власт.

Квази моралисти никогаш не недостигале. А потребни се храбри и искрени субјекти што сакаат да ја поддржат оваа битка и што се свесни за еден ноторен факт: оваа битка е поголема од која било партија, коалиција и мандат. Ова треба да биде трансмандатна битка, која бара обединување на сите ресурси, на секој што има минимум свест дека не смее заради мито да копаме гробови.

Колку чинат 59 животи?

Не смее заради лажни лиценци за автобуски превоз, за кабареа, за пренамена на објекти или за што било друго, жртви пред олтарот на корупцијата да ни бидат генерациите, кои се сегашност и иднина на оваа земја. Не може постојано да живееме во тага и погреби меѓу последователни трагедии и форматирани во постојан страв – која ќе биде следната несреќа?

Не смееме да толерираме алчни за пари да одредуваат дали и колку ќе живеат нашите деца. Секој што сака да оди во дискотека, спортска или концертна сала, базен, кафуле, ресторан, објект со или без натстрешница, мора да оди ослободен од страв и сигурен дека тие работат со дозвола и по сите стандарди.

Секој треба да биде сигурен дека во кој било парк нема да му падне дрво врз главата затоа што некој не го исекол навреме, а бил обврзан да го стори тоа. Да биде сигурен дека нема да се откачи лифтот во кој се вози, дека е обезбеден пристап за противпожарни возила до секој станбен објект и дека нема да бидат манипулирани и ПП-апарати, полнети со брашно.

Се плашам да ги слушнам сумите за мито што може да произлезат од истрагата, се плашам да слушнам колку чинеле 59 животи според тарифата на некој корумпиран државен службеник или проектант што „креирал“ деловна шанса за просторот, кој се претвори во масовен ковчег.

Од прв до последен мора да се соочат со кривична одговорност сите што придонеле една мартовска вечер во Кочани да заврши на насловните страници во светот како огромна трагедија, каква што одамна не е видена.

Контаминирани институции

Честопати досега сме зборувале за криминалниот талог, повеќе мислејќи на подземјето, но, за жал, тој талог во овој и во многу други случаи е навален во фотелји на значајни позиции во врвовите на институциите. Затоа, многумина што денес се плашат дека може да бидат зафатени од истраги за овој или од најави за реобновување на други случаи, почнуваат да врескаат за селективност, да подметнуваат сомнежи, да опструираат, да мобилизираат за протести.

Студентите, кои гледам дека почнуваат да се делат по ова прашање, треба да бидат крајно внимателни, бидејќи нивните искрени намери може да бидат инструментализирани. Да, право на протест има секој. Протестот е право на изразување став, крик, критика, повик за општествено сензибилизирање за проблемите.

Но, освен што по илјадити пат ќе се каже „Доста е“, „Корупцијата убива“, „Бараме правда“, протестот ништо не решава. Местото на клучната битка е во надлежните институции. Таа се води таму, а јавноста е светилникот/контролорот, кој ќе следи како тече, дали застранува, дали губи здив, стагнира или зема замав.

Во моментов, на сцена е енергична и сеопфатна акција, која нема да запре. И јавноста треба да даде максимална поддршка. Им го должиме тоа, не само на 59 млади, на околу 200 повредни и на нивните семејства, туку на сите деца што денес бараат одговори од возрасните – зошто се случи ова?

Три децении не сме им дале вистински одговор, ни етички пример. Ако сега не им го дадеме, не заслужуваме да се наречеме ни родители, ни општество, ни држава. Ниту ќе бидеме тоа. Еднаш мора да пораснеме.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонијa