Стабилна дестабилизација

Марк Твен вели дека во животот на човекот постојат два важни датума. Оној кога сме се родиле и оној кога сме сфатиле зошто сме се родиле. Откога се случи трагедијата во Кочани, оваа реченица никако не ме напушта.

На повеќето од овие жртви, овие системски жртви, им е одземена можноста да дознаат дали во очекуваниот живот ќе беа инженери, молери, автомеханичари, писатели, лекари… Многумина отидоа без сеќавање на првиот бакнеж, на првата плата, на првиот час по возење…

Многу од нив никогаш нема да го видат растењето на своите деца, нема да ги слават нивните родендени и да им ставаат облоги кога ќе имаат температура. Нема никогаш да ја разберат смислата на нивниот суштински бесмислен живот. Затоа и не ми излегува мислата на Твен од главата. Затоа што сум убеден дека и ние не ја сфаќаме смислата на оваа суштински бесмислена држава.

Релативизација на одговорноста

Си ја поткрепувам тезата со два спротивни, но подеднакво бесмислени наративи што се шират по социјалните мрежи. Првиот се сведува на она фамозно „сите сме виновни“. Не сме. По дефиниција, изедначувањето на вината е нејзина релативизација.

Сите сме виновни значи дека никој не е виновен. Сепак, не дававме сите дозволи за дискотеки. Не правиме сите инспекции по зградите и јавните објекти дали имаат или немаат противпожарни системи. Не сме сите одговорни за одржување на јавниот ред и мир. Конечно, затоа и постојат одговорни работни места, одговорни функции и одговорни институции.

Вториот наратив на релативизирање на вината е нејзиното префрлање од одговорните кон – жртвите. „Што барале малолетни деца по полноќ во дискотека?“ „Какви се тие родители што им дозволиле на децата да бидат таму?“ „Како ги воспитуваме младите?“

Наспроти прокламираното „да се сплотиме сите во болката“, во јавниот дискурс повторно се појавија „нашите“ и „вашите“… излегоа од некаде помалку заборавените: „шарени“, „соросоиди“, „странски агенти“, „платеници“

Или, на пример, на социјалните мрежи, врз објавата за смртта во дискотеката на една млада самохрана мајка на едногодишно бебе, веднаш се редат коментари од типот: „Каква е таа мајка што си го оставила бебето за да оди во диско?“ Без притоа да се нема, не само трошка емпатија кон жртвите и нивните најблиски, туку се реагира без основни елементарни информации.

Од каде знаат „коментаторите“ што барала мајката во дискотеката? Можеби работела таму? Можеби била на службена должност? На крајот на краиштата, зошто една млада жена не би смеела да оди во диско? Или зошто да им се забрани на малолетни млади луѓе да се забавуваат во време на викенд во познат и популарен објект?

Единствената цел на релативизирањето на вината е да се релативизира одговорноста, да се затскрие или барем да се намали. Тоа може најдобро да се види во обидот да се окупираат најавените протести за барање одговорност или барем да се намалат нивните ефекти.

Тоа се виде уште од првиот студентски собир кога ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Биљана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, беа единствените говорнички, обраќајќи им се на студентите со говори полни со флоскули и општи места, при што министерката и директно порача да си го потиснат гневот и да го закопаат „во длабоката тишина, тишината сама ќе го рече“.

Па, потоа се појавија апели да не се носат транспаренти со политички содржини, туку во тишина да им се оддаде почит на жртвите. Небаре, собирите и протестите се некаков парастос или погребна литургија, а не конкретни барања за одговорност.

Баражот дезинформации и дезавуирања на протестите од страна на владејачките структури, партиските ботови и провладините медиуми, беше активиран токму пред за денес (понеделник, 24 март) закажаниот студентски собир и протестот што треба да се одржи вечерва.

Наспроти прокламираното „да се сплотиме сите во болката“, во јавниот дискурс повторно се појавија „нашите“ и „вашите“. Во грчевитата потрага по „внатрешниот“ и „надворешниот“ непријател излегоа од некаде помалку заборавените: „шарени“, „соросоиди“, „странски агенти“, „платеници“ и слични етикети. Се разбира, без многу смисла и резон.

Внатрешниот и надворешниот непријател

Како што впрочем нѐ учи старото драматуршко правило, ако во првиот чин се споменат Сорос и Шарената револуција, вториот чин ќе зборува за „предавство“, „државен удар“, „обоени револуции“, „српско сценарио“, „дестабилизација на земјата“…

И повторно ќе се заокружуваат и ставаат на наводниот „столб на срамот“ имиња на невладини организации, активисти и интелектуалци од левиот политички спектар. Ако, не дај Боже, сериозно се зачитате во овие писанија, на крајот ќе излезе дека Џабир Дерала и Љубомир Фрчкоски лично отишле во Кочани и ја запалиле дискотеката.

Токму во моментот додека пишувам се појавува и врвот на манипулацијата, појавата на студенти и контрастуденти (спомена ли некој „српско сценарио“), па едните го откажуваат закажаниот собир, а другите го демантираат откажувањето.

За да има некој доверба во институциите, основно е да постојат институции. Кои институции постојат кај нас? Оние што дозволиле да изгори цела една младост?

Во меѓувреме се појавуваат „добронамерни“ совети до студентите и до останатите протестанти да внимаваат да не бидат политички изманипулирани од „луѓето што не ѝ мислат добро на државата и сакаат да ја воведат во дестабилизација“. Се разбира, без поконкретни објаснувања што е тоа што е „лошо за државата“ и што е тоа „дестабилизација“. Според дефиниција, само доброто можеш да го влошиш и само стабилното можеш да го дестабилизираш.

Што е добро во оваа наша држава, па таа да остане таква каква што е? И зошто задржувањето на оваа состојба е стабилизација, а барањето за нејзини промени е дестабилизација? Што повеќе може да се влоши или да се дестабилизира? Зар не ни е доволно од ваква „стабилност“?

Дури и владата, предводена од партијата што, од некои причини (за мене непознати), полага авторски права на оваа држава, излезе со патетичен повик на „разум и доверба во институциите“. За да има некој доверба во институциите, основно е да постојат институции. Кои институции постојат кај нас? Оние што дозволиле да изгори цела една младост?

Дури и премиерот Христијан Мицкоски, не толку одамна, повика на бунт против Јавното обвинителство, кое сега му е единствен адут во „довербата во институциите“, па на секој половина час ќе се зборува за „робусни истраги“ и „приведени 34 лица и истрагата уште трае“. И сето тоа ќе биде зачинето со „заложби“, „транспарентност“, „реформи“…

За држава што се тркала низ повеќе степени на руинирање и опструкции, низ разни закани врз елементарната безбедност на своите граѓани, низ измислици за нејзината наводна геостратешка безбедност…, да кажеш дека е – стабилна, тогаш мора да си под влијание на тешки халуциногени супстанции или слични психотични средства што го заматуваат здраворазумското одлучување.

Но, да не грешам душа, можеби за владејачката врхушка и нејзините поддржувачи состојбата е во ред. Можеби тие се чувствуваат стабилно и разумно. Затоа веројатно и повикуваат „да се вратиме во нормала“?

Пред некој ден отидов во формална пензија. Професионален новинар сум 42 години. И сите овие години ми ги изедоа токму некакви „заложби“, „доверба во институции“, „реформи“, „стабилизации“ и „дестабилизации“. И единственото што можам да го потврдам со сигурност е дека единствената стабилна работа во оваа држава е дестабилизацијата.

Во цела оваа бесмисла, жртвата на невините луѓе во Кочани, како и на многуте пред нив, ќе има смисла само ако од корен ја смениме оваа „нормала“ и оваа „стабилизација“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија