Надежите на многу граѓани на Северна Македонија и на Албанија беа скршени, кога Европскиот совет се покажа неспособен да одлучи за отворањето преговори за придружување кон ЕУ.
Иако ова беше осудено од мнозинството европски лидери како „историска грешка“, во две земји-членки на ЕУ беше дочекано зачудувачки тивко: во Франција и во Холандија.
Нивните критички позиции во дебатата (Франција ги блокираше двете земји, а Холандија ја блокираше само Албанија) изгледаат тешко објасниви, ако се земе предвид писмото што пред одржувањето на состанокот на Европскиот совет го испратија претседателот на советот Доналд Туск, претседателот на парламентот Давид Сасоли, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и избраната претседателка Урсула Фон Дер Лејен.
Нели и Северна Македонија и Албанија, како што велат тие, го направија „тоа што им рековме да го направат“?
Одговорот е „не“, според Холандија, барем кога станува збор за Албанија. Иако најголем дел од вината беше префрлена на францускиот претседател Емануел Макрон, се отвора прашањето зошто позицијата на Холандија е различна од таа на огромното мнозинство од другите земји-членки.
Формалниот пристап на холандската влада кон проширувањето на ЕУ е обележан со сѐ поозлогласеното мото „строго, но фер“.
Тоа е формалниот пристап, но што се случува во пракса? Холандија има дипломатско претставување во сите земји на Западен Балкан, со исклучок на Црна Гора. Сите амбасади имаат координатор за владеење на правото, кој е целосно посветен на оваа тема. Преку нејзиниот Матра фонд, Холандија ги поддржува „сегашните и потенцијалните земји-кандидатки“ да ја зајакнат демократијата и владеењето на правото, и со тоа да ја зголемат стабилноста.
За периодот од 2017 до 2024, во овој фонд се обезбедени 19 милиони евра. Затоа Холандија не може да се нарече незаинтересиран набљудувач на Балканот, квалификација што ѝ беше ставена на Франција во регионот.
Во исто време, Холандија повеќе ја гледа чашата како полупразна отколку како полуполна, кога е во прашање проценката на реформите. Делумно овој пристап може да се објасни со централното прашање преку кое земјата го гледа проширувањето: во каква ЕУ сакаме да членуваме?
Не е изненадување што ова прашање го зазема централното место во холандскиот пристап, ако го имаме предвид развојот на настаните од минатите децении. По „големата експлозија“ во проширувањето меѓу 2004 и 2007 година, динамиката во ЕУ се промени значително. Романија не покажа многу напредок под механизмот за кооперација и верификација (ЦВМ), а владеењето на правото, независноста на судството и слободата на медиумите се уназадени во неколку земји-членки. Во комбинација со фактот дека еден од главните холандски сојузници, Велика Британија, си оди, Европската унија е подалеку од желбите на Холандија во каква унија сака да биде, споредено со периодот пред една деценија.
Ова ја објаснува тенденцијата на Холандија да биде претпазлива кога станува збор за потенцијален нов круг проширувања. Но, овој пристап, исто така, покажува еден вид себецентричност, бидејќи во фокусот не се става иднината на земјите од Западен Балкан, туку иднината на ЕУ, кога се формира холандскиот пристап кон проширувањето.
А нели процесот на проширување треба да биде фокусиран на развојот на одржливи демократии во самите држави од Западен Балкан?
Би било симплифицирање ако се каже дека Холандија го блокира отворањето на преговорите само затоа што не сака, како што веќе беше кажано во јавната дебата. Но, точно е дека холандскиот парламент е претежно против проширувањето, а таа позиција ги отсликува чувствата во холандското општество. Партиите, и лево и десно, од спектарот се силно загрижени околу префрлањето поголема моќ во Брисел зашто се плашат дека ЕУ станува тешка за контролирање. На ист начин се гледа и кон проширувањето на ЕУ. Ова има влијание врз позицијата на холандската влада, која е врзана со парламентарни резолуции, како таа што беше усвоена во јуни, дека не треба да се отворат пристапни преговори со Албанија.
Сепак, дебатата во холандскиот парламент во пресрет на минатонеделниот Европски совет беше фокусирана на содржината и се вртеше околу критериумите за пристапување, наместо околу надворешни фактори, како што беше случајот во Франција. Фактот дека слична одлука со која се бара владата да не дозволи отворање на преговорите со Северна Македонија беше одбиена, покажува дека двете држави биле оценувани според своите заслуги.
За многу коментатори, едно прашање останува тешко да се одговори: како може Холандија да донесе различни заклучоци за Албанија од Европската комисија? Едно од објаснувањата е дека повеќето холандски политичари не ја гледаат Европската комисија како неутрален актер, и можеби со право. Извештаите за напредокот што ги подготвува комисијата оставаат простор за различни толкувања, истакнувајќи дека државата е само „умерено подготвена“ во поголем број полиња, но, сепак, давајќи позитивна препорака за да се отворат преговорите за пристап.
Така, иако анализите на напредокот во извештаите се неутрални, заклучоците, наводно напишани во Брисел, одразуваат политичко гледиште. Тоа се гледа во фактот дека за време на владата на Никола Груевски, Европската комисија продолжи да предлага отворање на преговорите со Македонија, и покрај силното назадување во процесот на демократизација. Можеби одлуката да се отворат пристапни преговори на крајот е секогаш од политичка природа и никогаш не е целосно објективна. Но, тоа значи дека заклучоците на Европската комисија не може да се земат здраво за готово од земјите-членки, кои имаат покритички однос кон тоа дали се исполнети условите.
Како што напиша Јасмин Мујановиќ, „нечесното одбивање на Франција да ја искаже својата вистинска позиција, дека не сака никакво проширување на ЕУ, го загрозува кредибилитетот на ЕУ како и демократските изгледи на Балканот“.
Сликата за Холандија изгледа помалку црно-бела. Не може да се рече дека Холандија не ја поддржува политиката на проширување во целост. Нејзината критичка позиција дури била поздравена во регионот, на пример од министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, кој годинава истакна дека сакал неговата земја да „биде оценувана според тоа што може да постигне и оценките да бидат строги“. Холандскиот фокус на формалните услови, наместо на надворешните фактори, го носи токму тоа. Всушност, ЕУ и нејзините земји-членки треба да воспостават услови и да ги оценуваат земјите-аспиранти според нивниот реален напредок, а не според емоциите.
Од друга страна, холандската влада и парламент треба да ги поврзат своите критички позиции кон подобро разбирање на тоа колку е важен процесот за државите-аспиранти. Ако фокусот се стави само на тоа каква ЕУ сака Холандија, без да се зема предвид интересот на самиот Западен Балкан, структурно ги поткопува состојбите во регионот, кои се тесно поврзани со европските аспирации.
Патот кон придружувањето на ЕУ не е некоја странична агенда за Северна Македонија и за Албанија. Тоа е клучен фактор за иднината на овие земји. Легитимно е за холандската влада и парламент да заземат критички став, но само ако имаат поинформиран и поинтегрален поглед врз иднината на Западен Балкан, вклучително и на прашањето за проширувањето. Само тогаш Холандија ќе може со право да го одбрани својот пристап дека е „строга, но фер“.
Ваутер Звирс е истражувач во Клингендаел, холандскиот Институт за меѓународни односи. Искажаните мислења се на авторот и не може да се толкуваат дека ги претставуваат мислењата на БИРН