Инфраструктура на умот

Колумна на Сашо Кокаланов
  • 5
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Како што вистинската книжевна забава почнува во оној момент кога приказната ќе му избега на авторот од контрола и почнува да прска во сите правци како ротирачка прскалка за трева (И. Ферис), така и геополитичката забава со народите почнува во оној момент кога националната приказна ќе им избега од контрола.

Во нашиот случај, станува збор за урнебесна забава, зашто нам ни се излизга единствената приказна, или барем единствената што има два грама разум во себе и нишан вперен во иднината.

И пред овој банкет на кој се простуваме од единствената приказна, а по него уште повеќе, нашава јадна државичка требаше да се бави само со една тема – како да ја исполниме совршената празнина (Линхартова) пред нас, како да ја задржиме/вратиме приказната.

Како незауздани општествени битија со непотковани копита и незавидна урбана култура и еманципација, како забревтани, а закржлавени умствени суштества, изминативе три децении не требаше да работиме ништо друго, туку само еден, единствен проект.

Не, не евроатлантските интеграции, тие ќе се случеа сами по себе, ами изградбата на инфраструктура. Колку ова тапо звучи, како идиотска прес-конференција прочитана од идиот на некој партиски идиот, но нема еуфемистички назив, жал ми е. Некои термини ги испразнивме од суштината како поштенски сандачиња, како што нашите глави се испразнија од моќта за критичко расудување за време на нашиот бумбаров лет низ поновата историја.

Некои термини ги испразнивме од суштината како поштенски сандачиња, како што нашите глави се испразнија од моќта за критичко расудување за време на нашиот бумбаров лет низ поновата историја

Ако ги погледнете препукувањата на власта и опозицијата на темата инфраструктура, ќе видите едно мечување со бројки – власта ќе ви се пофали дека во 2019 година финансира 117 проекти за изградба на локална инфраструктура, како што се локални патишта, пешачки и велосипедски патеки, улично осветлување, уредување на јавни површини, водоводи и канализации, реконструкција на градски пазари, обезбедување енергетска ефикасност на јавни објекти, инфраструктура за алтернативен туризам и останата инфраструктура од корист на граѓаните… Сите проекти во областа на инфраструктурата се проeкти на ВМРО-ДПМНЕ, возвраќа опозициската партија.

За инфраструктурата на умот не се зборува. Во фолклорно-митолошката имагинација на македонскиот политичар, умот не е важен ресурс за политички, економски и културен опстанок на општеството. Левицата го зема умот здраво за готово, го потценува и исмејува. Десницата го доживува како непријател. А Македончето е заглавено како мува меѓу прозор и завеса: од една страна е власта со релативно коректно поставени идеали до кои, за жал, не се придржува, а од друга е опозицијата со погрешно поставени идеали до кои, за жал, темелно се придржува.

Најмал заеднички содржател им е токму односот кон реформата на умот, на менталниот склоп на Македонецот. На едните не им одговара таа реформа за да не бидат „провалени“ дека ги изневеруваат сопствените идеали, а на другите им одговара „глупоќоста“ како згодна почва да ги посеат своите гринфилд-инвестиции за темелно и индустриско упростување на масите и производство на ѓубриво за жнеење изборни победи.

Инфраструктура на умот. Не е тоа нејасен симбол во талог кафе од исшмрканиот филџан на македонштината, туку веќе е очаен обид на Македонецот за репатријација во сопствената држава, или во тоа што останало/ќе остане од неа.

Повеќе од кога било, на Македонија ѝ треба таков драматичен пресврт – декрет дека целиот буџет за инфраструктура ќе се потроши за образование и култура, сè додека не изградиме нормалност, вредносен систем, умни поколенија со здрав менталитет

Како се гради инфраструктурата на умот? Па, не е тоа нуклеарна физика, иако можеби така звучи. Просто е како ногарка, без лажна патетика, тоа е само еден чин на резолутно прогласување на образованието и културата за најголема капитална инвестиција и трошење на ебено многу енергија, пари и знаење (од увоз ако го немаме) за да се постави општествово на здрави основи.

Повеќе од кога било, на Македонија ѝ треба таков драматичен пресврт – декрет дека целиот буџет за инфраструктура ќе се потроши за образование и култура, сè додека не изградиме нормалност, вредносен систем, умни поколенија со здрав менталитет.

Ете, на пример книгата и односот кон неа е инфраструктура на умот.

Ми се плачеше од љубомора на Саемот на книгата во Белград минатата недела. Не ме болеше толку тоа што нивните саемски зданија крај Сава сè уште постојат додека нашите се претворени во градежна парцела со ридишта шут. Не, најмалку на тоа бев љубоморен, како тргнале овие на Вучиќ со „Београд на води“, ламјата бргу може да го голтне и ова фино парче од савскиот брег.

Не бев љубоморен толку ниту на бројките, иако од нив може да ви застане здивот: 40.000 посетители, 991 издавач присутни на штандовите, од кои 400 домашни издавачи директно со свои излози, 90 странски…

Им завидувам искрено на страста за книгата што можев да ја видам. Не е тоа хартија со убава пластифицирана корица поради која еден ден во октомври ќе се изеде сендвич лесковачка скара… Не е неколкучасовна забава, ретро-средство за убивање време, пријателка за на плажа, украс за во витрина, подметнувач за куса ногарка, подарок по прифатлива цена, маска за глумење интелектуалност, наслов за чаталење во друштво, уште едно исечено дрво во уништувањето на планетата Земја…

Таа е оружје! Единственото оружје за самоодбрана од режисерите на оглупавувањето, кои се на прагот да ја завршат својата мисија да нè претворат во глинени гулаби, во секс-кукли на надувување, во моторно масло за подмачкување на нивната машинерија за мелење луѓе. Ама, па, ним им одговара, а вам ви е океј, така што не знам зошто воопшто да се ебаваме со темава.

И, до кај сме со инфраструктурата? Колку асфалт истуривте годинава? Ќе пловат ли нашите гомна низ цевки или ќе се дават во јами? Ќе поставите ли нови бандери за да си ги чукаме еден ден главите од нив, кога ќе биде предоцна?