Го слушам министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, како објаснува дел од злоупотребите на мерките за поддршка на земјоделците, потенцирајќи ги оние за oдгледување на полжави и за „ин-витро на орхидеи“. Зарем е чудно?
Полжавот не е синоним само за наместени или промашени субвенции, туку одамна се претвори во симбол и на „космичката брзина“ со која Македонија во изминатата деценија ги „реализира“ стратегиските приоритети – членство во ЕУ и НАТО. Тој политички полжав остави прилично јасни траги за рутата низ која се движевме кон интеграциската цел: од Табановце до Богородица, од Деве Баир до Меџитлија и Блато.
И кога некој ќе ја остави земјата да се „интегрира“ во затворен круг, без „ѕирка и проѕирка“ и кон соседите и кон демократскиот свет, нормално е дека ќе му текне да субвенционира и ин-витро за орхидеи. Тоа е еден од најилустративните начини да се прикаже дека „ни цветаат рози“, додека стеблото на државата неповратно се суши во изолационистички мрак.
И „нормално“, сега кога Македонија доби датум за преговори (јуни 2019), тоа го претставуваат како тежок дебакл. Едни тврдат дека Македонија не добила датум, други дека добила само „датум за датум“, трети дека „ни тој датум за датум не е гаранција за конкретен датум“, бидејќи нема гаранции дека преговорите ќе почнат. Притоа радосно цитираат наслови од холандски медиум, дека ЕУ ги одложила преговорите со Македонија и Албанија.
И кога некој ќе ја остави земјата да се „интегрира“ во затворен круг, без „ѕирка и проѕирка“ и кон соседите и кон демократскиот свет, нормално е дека ќе му текне да субвенционира и ин-витро за орхидеи
Добро, нека пеат таква песна за партиски потреби, но нека не тврдат дека белото е црно. Бидејќи има и нијанси, и тоа многу важни. Практично, одредениот датум оперативно почнува сега. Доказ за тоа е процесот на скрининг кој вообичаено следи по добивањето датум за пристапни преговори. Во нашиот случај е обратно. Процесот на скрининг му претходи на посочениот датумот и почнува веднаш!
Тоа е практична и битна одлука со цел да не се губи време. Како што најавија и еврокомесарот за проширување, и премиерот Заев, скринингот почнува од средината на јули со посетата на Хан на Скопје. Датумот е пролонгиран, но се авансира во активностите.
И тоа е сосема разбирливо. ЕУ не може да одреди датум порано, бидејќи Македонија и самата се обврза до крајот на 2018 или најдоцна до февруари 2019 година да ги исполни обврските од Договорот со Грција (ако е успешен референдумот), а тоа е услов за деблокада на интеграцискиот пат. Така што, и динамиката на ЕУ е прилагодена на процесите што треба да финишираат во Македонија. Тоа што Грција „на невидено“ испрати писмо до ЕУ за деблокирање на македонската интеграција пред Договорот да стапи во сила, е само резултат на веќе изградената доверба и заложбата за идно партнерство во ЕУ.
ЕУ не може да одреди датум порано, бидејќи Македонија и самата се обврза до крајот на 2018 или најдоцна до февруари 2019 година да ги исполни обврските од Договорот со Грција (ако е успешен референдумот), а тоа е услов за деблокада на интеграцискиот пат
Таква доверба уште повеќе се очекува да се постигне внатре во Македонија. На земјата до следниот јуни ѝ остануваат 365 дена за да ги спроведе реформите посочени во одлуката на Европскиот Совет. Но, во нашиот случај 365 дена практично се речиси половина од тоа. Ако се има предвид времето неопходно за подготовка, организирање и спроведување на рефрендумот, и потоа и за уставни промени доколку тој е успешен, објективно ќе остане двојно помалку време за целосна посветеност на реформските активности.
Заради тоа напорите треба да бидат двојно засилени, што значи дека опозицијата ќе мора да ја разбере важноста на моментот и најконструктивно да се вклучи во процесот. Учеството на опозицијата во реформите не значи дека тоа ќе ја затапи нејзината критичка острица. Напротив, нејзина обврска е да ѝ дише во врат на власта, но и на дело да покаже дали и колку е подготвена да инвестира во интеграцискиот пат на Македонија, бидејќи тоа е и нејзин приоритет. Конечно, успехот од крајниот чин ќе им припаѓа подеднакво на сите.
Сега состојбата е следна: Од земја која до вчера имаше поголеми и помали спорови со сите соседи, Македонија денес е опкружена со пет пријатели, со кои нема отворени прашања. Од јуни 2019 година, и де јуре се отвора нејзината европска перспектива, а како што соопшти денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за две недели Македонија ќе добие и покана за пристапни преговори со Алијансата. Дали ова наликува на „дебакл“, или на огромен исчекор, нешто што за време на претходната власт и нејзините ретроградни политики беше невозможна мисија?
Одговорот треба да си го даде секој граѓанин на земјата, но врз база на фактите, а не под притисок на мрачна пропаганда дека земјата ќе капитулира, дека ќе биде обезличена, дека ќе бидат уништени придобивките од АСНОМ и други лажни вести. Затоа, токму на денот кога се збогуваме со последниот македонски АСНОМ-ец, Перо Ивановски-Тиквар, ќе ви презентирам дел од неговите изјави дадени во интервју за Дојче веле, не вчера или завчера туку уште пред седум години.
Запрашан, дали во изминатите две децении сме покажале дека сме вредни да ја исползуваме македонската независност, Ивановски одговара: „Тие што беа избраници на народот македонски, да ја водат, да ја создаваат Македонија, да ја обликуваат и да ја создаваат, тие не покажаа таков успех. Затоа, мислам дека со право се стремиме да влеземе во еден друг колективитет – во обединета Европа и во НАТО – во кои ние би се чувствувале побезбедни и би биле помогнати за да опстоиме, да се створи атмосфера во Европа и на Балканот, во која ќе има помалку посегања кон Македонија“.
Посочувајќи ги споровите со соседите, тој потенцира дека Македонија ќе биде посигурна и побезбедна во ЕУ.
„Нема апсолутна независност. Ниту една држава не е апсолутно независна. Зависно во која мера таа пренела дел од своите прерогативи врз една друга управа. Ние таква имавме во Федеративна Република Југославија. Дел од нашите права како нација ги пренесовме на центарот. Сега се бара, исто така, тој колективитет (ЕУ-н.з) кон кој ние се стремиме, да располага со нашите права. Тоа е цената која сакаме да ја платиме за влегување во тој колективитет, затоа што имаме контра добрини. Ние влегуваме во еден комплекс од развиена Европа во сите области на живеењето. Ќе бидеме заедно со нив и ќе бидеме помагани од нив. Што да кажеме? Да останеме овде на Балканот со вечно подадени раце?“
Ако е ова јавниот „тестамент“ на последниот АСНОМ-ец, по сите негови, и жртвите за Македонија на неговата величествено храбра генерација, Перо Ивановски навистина ќе почива во мир, бидејќи заминува без страв за иднината на неговите, и на сите наши деца и внуци. Во деновите кога неговата животна свеќа почна да се гаси, и самиот можеше да посведочи дека Македонија тргна по вистинскиот пат.