Тивко е на метлата

Колумна на Сашо Кокаланов

1.

Сме затупеле скроз. Особено за бизнис. Еве да го земеме ова со УНЕСКО и со Охрид, на пример. Природното и културното богатство на охридскиот регион да се стави на Листата на загрозено светско наследство препорачува УНЕСКО во Извештајот, кој треба да биде разгледан на 43. сесија на Комитетот за културно наследство што од 30 јуни до 10 јули ќе се одржи во Баку. И луѓево паѓаат во очај.

Море, шо чудни љуѓе, песимисчишча, само да му нашкодет на градот. Онаму кј шо песимисто гледат проблем, оптимисто гледат шанса!

Па, каде бе на друго место во светот може да се најде загрозено културно богатство, а да нема војна. Чукнете малку со главата каков туристички потенцијал е ова сега.

Нека оди некој да ја види Палмира ако може. Тикви може. А Охрид, ем загрозен, ем мирно, ем цени поволни, чартер летови, лежалка 150 денари, риба, кеј, убајни…

„Видете го Охрид додека не сме го уништиле!“ – може да биде феноменален туристички слоган. Некој Холанѓанец, кој можеби планирал да го посети Охрид 2026, има да потрча да го направи тоа веднаш, уште оваа сезона.

Зашто до 2026 можеби веќе нема да е град, ами дивоград. И ќе му е криво.

2.

Водичот го крева чадорот со мотиви од македонското знаме. Групата застанува пред една бетонска грдосија.

– Ова овде е познатата дивоградба во Лагадин – им вели водичот на групата германски и швајцарски туристи.

Туристите со воодушевување гледаат во познатата дивоградба. Еден Јапонец, турист-поединец, дојден на своја рака преку Букинг, тогаш драматично паѓа во езерото обидувајќи се со фотоапаратот да ја фати целата градба во еден кадар.

– Ете гледате, за ова ви велев. Ве молам внимавајте, не може да се фати целиот габарит на објектот, преблиску е до езерото, опасно е – ја предупредува водичот својата група.

– А колку е стара?- прашува еден од германските туристи.

– Многу –  одговара водичот. – Градена е уште во време на ВМРО, а заштитена како карабина од посебна важност во време на СДСМ. Неколку промени на локална власт има преживеано.

– А ДУИ помагал? – прашува швајцарски турист од Лозана, со потекло од Кичево и со благ револт во гласот.

– Господине, се гледа дека подолго време сте во Лозана. ДУИ ви се фикс, без нив не може ни дива платформа да се стави, не па цел хотел.

Господинот од Швајцарија задоволно кима со главата.

Во меѓувреме, кутриот Јапонец конечно го извлекуваат од водите на езерото.

– Имаш среќа, море, ој запали свеќа Канео – му вели локален жител. – Еднуш, не многу одамна ни љунфна в енѕеро цел брод со бугарски туристи. Немаа сите среќа ко тебе. Соба дан требит? – љубезно прашува, без да инсистира. Неколку копчиња се кинат од кошулата на  Јапонецот и паѓаат, додека мештанинот го влече туристот накај неговата соба во  Пештани.

– Имам, море, и фен во собине, на две брзини, зш вака мокар да ојш…

За кратко, успева да го убеди Јапонецот дека дивоградбите најубо се фаќаат од кајче, а гостите од Германија и Швајцарија го полнат автобусот за да ги одведе на крстарење по диви крајезерски хациенди, ендемски загрозувач на природните убавини на езерото.

3.

Пред некој ден, прес-конференција одржаа Здружението на новинарите и новинарот Томислав Кежаровски. ЗНМ бара повлекување на обвинението, Кежо пак бара ново, фер судење.

Чекај, чекај, чекај… Сакате да кажете дека сè живо испоамнестиравте во државава – бандити, терористи, вратарот Муковски и останатата багра од злосторничко здружение ДПМНЕ, и од по куќни притвори ги испоизвадивте надвор, а кутар Кежаровски уште го маткате по судови!? А, браво!

Па да, гласот на Кежо не ви требаше за двотретинско мнозинство, зошто би бил ослободен од кривосудска тортура. Значи тоа се тие реформи за кои цело време се прави муабет, а ние слепци не сме успеале да ги видиме.

4.

Во меѓувреме, главата на злосторничкото здружение, не само што не мора да се ака по судници, зашто начека поволен аранжман во Будимпешта, туку и уште му даваме плата. Прекрасно.

Седницата на надлежната собраниска комисија, конечно, е закажана за утре. Апел да не му го земате мандатот. Платата ја инвестира во издавање книги човекот, ќе ни трпи научната и публицистичката дејност. 

5.

Додуша, мака ми е малку за Грујо. За да ја избегне Грделичка Клисура, човекот кружеше преку Албанија и Црна Гора. Сега има автопат Скопје-Белград, за пет часа си на граница со ветената Унгарија. Избрза малку, испаничи.

6.

Еден ден, во учебниците по историја ќе има лекција што ќе се вика: ТИВКО Е НА МЕТЛАТА!

Еве што ќе учат еден ден нашите покоенија (оние што чии предци нема да успеат да се отселат):

Мај, 2019 година!

Утрото по претседателските избори отпочнува втората најголема битка за фотелји, само две години по распределбата на колачот по парламентарните.

На овој ден посебно се жали, а во исто време се црпи мотив за тоа дека ние Македонците сме цврста и одлучна нација, цверсто поврзана со еднаш добиените функции и фотелји.

Во целата битка, позната и како Битка на метлата, направен е херојски подвиг достоен за длабок наклон, бесценет филм или можеби книга, а најмногу за цврство врежување во меморијата на секој Македонец!

Кога функционерите разбрале дека се работи за огромен аскер што мора да биде заменет со нов, решиле да се повлечат во текот на ноќта, сметајќи дека е голема лудост да се борат со ветувањата на премиерот до народот за големо проветрување. Меѓутоа, не сакале ни да чујат сами да се предадат на метлата и да поднесат оставка. Брзо се самоорганизирале и секој, кој колку моел, почнал да лобира, да фаќа врски, да врти телефони по општинските организации, да става слика со војводата на Фејсбук, да прска против комарци, да асфалтира…

Кажете им на војводите (Зоки и Али) дека нашето решение е неповратно, ќе се бориме до смрт за добиените позиции. Друга алтернатива немаме. Со метлата или на неа! – извикале непоколебливите функционерски чети.

Битката почнала рано изутрината во 5 часот по изборите и траела цели неколку недели. Како и што се заколнале, останале на своите функции до смрт. Никој не си дал оставка. Одеднаш на метлата настапил молк, сѐ било неприродно тивко, спокојно…

Од тогаш, од таа далечна 2019 година, останала изреката: Тивко е на метлата.

7.

Метлата за жал не ја дочека Горан Трајковски. Тој чекаше да биде сменет од директор на Агенцијата за заштита на личните податоци. И чекаше… И чекаше… И чекаше… Цели две години ја чекаше метлата. На крај изгуби нерви и сам си замина.