Три во едно

Преживеавме уште една изборна кампања. Некои од изборните спотови јасно ја покажаа тематската непрофилираност на кампањата, односно кокетирањето со гласачите на теми типични за парламентарни и за локални избори. Во нив имаше куп ветувања за социјални прашања, за земјоделие, за пензии, нешто што на никаков начин не влегува во надлежностите на претседателот на државата.

Бидејќи не е забранет лов во матно, само од искреноста на политичките субјекти зависеше дали на таков начин ќе си поиграат со очекувањата на гласачите, или ќе бидат чесни, па ќе кажат дека не може да го нудат во излогот она што утре ќе го нема во „продавницата“. Јасно да кажат дека од претседателската функција не се одлучува ни за пензии, ни за субвенции, ни за многу други прашања што интензивно се тркалаа во кампањата. 

А токму тие пораки во кампањата точно го покажаа односот кон електоратот – дали партиите поддржувачи и кандидатите ги почитуваат гласачите или ги потценуваат, подметнувајќи им ветувања кои се надвор од ингеренциите на шефот на државата.

Опозицијата ќе користи широк маневарски простор за резултатите на кандидатот на власта да ги разврстува во (н) пакетот поддршка од ДУИ. Бидејќи во купот гласови, таа бројка точно не може да се измери, слободата во толкувањето на албанските гласови на контото на Пендаровски ќе биде практично неограничена

И не само тоа. Во тој тематски хаос продефилираа и кандидати што се експерти за сѐ – од социјала, географија, до правда, а „единственото“ што не го знаат – е бројката на македонски војници. А се борат за функцијата претседател на државата, кој е и врховен командант на Армијата. Или, не знаат колку амбасадорски места во клучни светски центри сѐ уште не се пополнети и зошто.

И тука веројатно ќе стигнат репликите – е добро де, ќе научат!

Да, но токму поради армијата од кадри, кои на функциите допрва ги учеа и се вежбаа на надлежностите, обврските и бројките, зад оваа земја остана еден долг период на промашувања во сите нивоа на власта, од кои со едно ќе се збогуваме на 12 мај.

Јасно е дека некои свесно ги прескокнаа темите за ингеренциите на претседателот, сметајќи дека со нив не ќе може да привлечат гласачи како што тоа би го направиле со сеопшти заложби за правда и битка против криминал и корупција, кои се легитимни теми секој ден, а не само во изборен период. Притоа го прескокнаа сопственото учество во заштитата на криминалот, или игнорираа дека токму зад нив на митинзите честопати стојат клиенти на истраги или судски процеси, кои правдата ја сакаат и ја разбираат исклучиво преку принципот на неказнивост.

Но, ставањето на сите тие теми на купче, најмалку на тие што извираат од претседателските надлежности, воопшто не е случаен пристап. За опозицијата, претседателските избори, колку што се цел, уште повеќе се средство да се стигне до парламентарни избори, ако изборните резултати покажат дека тасот на вагата е блиску до изедначување со резултатите на власта.

Затоа во функција е ставен целиот тој тематски омнибус, во кој маршираат и сиромашни, невработени, транзициски профитери, градби, инвестиции и куп најави за темелни промени. Практично, трката во претседателските е увертира и влог за стигнување до главната рунда – парламентарната проверка на легитимитетот, преку резултат кој таа посакувана можност ќе ја претвори во нужност. 

Сцената во моментов е поставена за сите можни сценарија, и покрај видливата мобилизација за масовно излегување на гласачките места. Велат – што носи денот, не носи ни годината. Во македонската релативност на извесноста, апсолутната неизвесност на процесот ќе остане до крај

Во тој контекст, опозицијата ќе користи широк маневарски простор за резултатите на кандидатот на власта да ги разврстува во (н) пакетот поддршка од ДУИ. Бидејќи во купот гласови, таа бројка точно не може да се измери, слободата во толкувањето на албанските гласови на контото на Пендаровски ќе биде практично неограничена, со цел разликата на гласови меѓу власта и опозицијата „автентично“ да се измери според довербата во македонскиот кампус. Без оглед што во кампањата сите се колнат дека не ги делат гласачите по етничка припадност, за жал, толкувањето ќе оди по ваков принцип, што беше потенцирано во истражувањата на јавното мислење. 

Учинокот на ДУИ, која на овие избори нема самостојно да си ја измери политичката тежина, ќе биде глорификуван токму од опозицијата, сѐ со цел нејзиниот „удел“ да се предимензионира, а да се релативизира корпусот на гласови што Пендаровски ќе ги добие од Македонците. „Контролна бројка“ на толкувањата за учинокот на ДУИ секако ќе биде изборниот скор што ќе го добие единствениот кандидат Албанец. А со оглед дека Беса и Алијанса за Албанците, преку поддршката на Река, непосредно ќе ја мерат и нивната политичка тежина наспроти ДУИ, за партијата на Ахмети сигурно е во интерес таа нивна бројка да биде што помала, односно мобилизацијата на гласачите на ДУИ да биде што поголема. Сето ова, претстојните избори ги претвора во „три во едно“: претседателски, погон за парламентарни и интраетничко мерење на партиските рејтинзи.

Од регуларноста на процесот на денот на гласањето ќе зависи дели цензусот ќе остане да виси како Дамоклов меч над вториот круг, но можно е неговата неизвесност да биде натоварена и со други околности. За некои такви околности семето е засадено деновиве, во надеж дека може да никне во соодветно алиби за апстиненција, ако затреба. Така што, сцената во моментов е поставена за сите можни сценарија, и покрај видливата мобилизација за масовно излегување на гласачките места. Велат – што носи денот, не носи ни годината. Во македонската релативност на извесноста, апсолутната неизвесност на процесот ќе остане до крај.