За промена на состојбите не е доволно само да се биде „жесток демонстрант“, „вистински опозиционер“ или „цврст бранител на владините политики“. Потребно е засукување ракави и стекнување кредибилитет преку мобилизација околу конкретни идеи и форми на дејствување.
Звучи поразително, но мора да се има предвид еден ноторен факт. Во пошироката јавност сѐ уште не постојат доволно сознанија за длабочината на системските дефекти и домино-ефектот од последиците кои тие ги предизвикуваат во сите сегменти на општеството. Причината за тоа е јасна. Македонија веќе подолг период функционира како унија од две посебни множества – власт и опозиција или – едно множество на патриоти, друго на предавници.
Нема флуктуација на информации помеѓу тие две множества, туку исклучиво внатре, во секое посебно. Тоа се два паралалелни света со свои информативни системи различни по квалитет и квантитет, кои немаат точка на совпаѓање по линија на независна информација.
Иако многумина веруваат дека мотивите за протестите на учесниците во „шарената револуција“ им се познати на сите – од Куманово до Гевгелија и од Тетово до Охрид, реално не е така. Многу населени места со регуларни гласачи се своевидни „енклави“ предозирани од пропагандата на власта дистрибуирана преку широката информативна инфраструктура, која ѝ овозможи да инсталира своевиден ХААРП-систем за навигирање на подобните и елимирање на неподобните информации што треба да стигнат до корисниците.
Резултатот од тоа е што Н.Н. број лица до денес немаат вистинска слика за длабочината на македонската криза, за системските дефекти што доведоа до неа, за презадолженоста на земјата, за метастазираната партократија, за површноста на екстерното тестирање, за причините од недостиг на инсулин, за тендерите во четири очи, за домашните инвеститори кои стануваат „странски“ преку свои оф-шор фирми и за ред други, „небитни“ прашања.
Ова општество нема да се подобри ако целата општествена акција се сведе на протест против криминалните елити од една страна, и на разни начини за одбрана на тие елити, од друга
Проблемите на општеството тие ги поимаат така како што ги примаат: некои „хулигани“ и „психопати“ ги фарбаат и уништуваат спомениците и зградите. За жал, ова е став што скандалозно и службено се нострифицира дури и преку прашања во анкети на наводно релевантини агенции за истражување на партиските рејтинзи и на ставовите на граѓаните.
Мултиплицирањето на таквите манипулации ја заокружува владината „приказна“ дека сето ова што се случува е обид за уништување на културното наследство (боење на гипс-фасадите и вчера изградената Триумфална капија), како и желбата на опозицијата да дојде на власт без избори, преку креирани и монтирани обвинувања.
Со намера да придонесе за што поскоро окончување на агонијата, опозицијата по една година целосно ги спушти очекувањата дека до избори се можни какви било суштински реформи. Она што го бара е исполнување на минимум услови за одржување фер-избори наесен.
Не сум сигурна дали го избра вистинскиот пат, имајќи ги предвид истите соговорници, истите табиети, истите опструкции кои демнат зад првиот агол и познатата умешност и тие „малку“ услови власта да ги претстави или проблематизира како „многу“. Односно како нешто што не е спорно, туку веќе реализирано, како што го смета и „прочистувањето“ на Избирачкиот список.
Во демократската јавност постојат суштински разлики по прашањето за начинот на излез од кризата. За опозицијата патот кон тоа може да почне преку прочистување на списокот и обезбедување услови за непречена работа на СЈО.
Но, според најголемиот дел од оние кои протестираат, многу поважно е суштинско чистење на институциите од партиската контаминација, која партиски зарбениот ум го доведе до ниво на константна состојба, а не на некаков ексцес.
Меѓу овие две позиции на опозицијата и граѓаните учесници во „Шарената револуција“ има разлика која е речиси исто толку голема, колку и разликата помеѓу позициите на власта и опозицијата.
Дилемата меѓу брзи избори и долги реформи, не е наивна. Напротив, ќе се покаже како суштински важна многу брзо, ако се има предвид дека политичката влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се подготвува да реализира акциски план за реформи. Тој е истиот план од лани, кој до денес не е реализиран. Сега Владата има интерес да покаже волја дека ќе го спроведе. Но, како? Повеќе од сигурно е дека реформите ќе бидат спроведени како и многупати досега, само на хартија.
„Хартијата“ никогаш не недостигала во трансформацијата на македонското општество. Сме виделе доволно и „тоалетни“ и други реформски хартии осудени да останат во темнината на фиоките, бидејќи и биле донесени со намера да не заживеат во општествената стварност. Од друга страна, опозицијата ќе биде ставена под притисок да трча околу тие и такви „реформи“, а заради уметнички впечаток и политичка коректност ќе ѝ биде дозволено да суфлира предлози за нешто, не многу важно. Со еден збор, ризикува да биде искористена како алиби дека промените се случуваат и со нејзин придонес.
Нема да прашам која партија во моментов ќе извади на маса барем пет клучни реформски предлози кои ќе значат суштински пресврт. Не прашувам, бидејќи не сум сигурна дека ќе видиме барем една
Се плашам дека ваквиот исход многу брзо ќе биде видлив. Увереноста во тоа ја темелам и на искуството со Законот за високото образование. Ако се сеќавате, силните и масовни студентски протести не го предомислија „нескршливиот“ претседател Иванов, па тој го потпиша указот за законот. Но, подоцна неговиот потпис (исто како и со аблицијата) беше посипан со пепел. Владата сепак го повлече законот и овозможи работна група на претставници од МОН, студентскиот и наставничкиот пленум заеднички да работат на нова верзија на закон.
И сега прашувам: подготвена ли е нова верзија, по толку време? Не. Ова општество нема да се подобри ако целата општествена акција се сведе на протест против криминалните елити од една страна, и на разни начини за одбрана на тие елити, од друга. Мора да има нешто помеѓу тие две декларирани позиции. Тоа се три нешта: работа, многу работа и единствено работа. А тоа е сето она што во моментов го немаме.
За промена на состојбите не е доволно само да се биде „жесток демонстрант“, „вистински опозиционер“ или „цврст бранител на владините политики“. Потребно е засукување ракави, стекнување кредибилитет преку мобилизација околу конкретни идеи и форми на дејствување.
Нема да прашам која партија во моментов ќе извади на маса барем пет клучни реформски предлози кои ќе значат суштински пресврт. Не прашувам, бидејќи не сум сигурна дека ќе видиме барем една. Притоа не мислам на препишани европски закони, кои изобилуваат со разни високи стандарди. Мислам на решенија соодветни за нашиот актуелен момент, реално спроведливи во наши услови и ефикасни за решавање на нашите состојби.
Такво нешто нема на нашата „шведска (преговарачка) маса“. А тој недостиг отвора широка опасност набрзина да се спроведе нешто од типот „дај што ќе дадеш“, колку да се штиклира некој резултат со европско знаменце, да се закрпи кризата со неколку реформски конци, за да може пациентот да застане на нозе, да се дотетерави до избирачката кутија, а после ќе му ја мислат дали и колку сето тоа води кон оздравување на општеството.
Јас во таква плукни-залепи стратегија не верувам, бидејќи токму такви политики не донесоа до ова дереџе. Не знам дали ќе ја зачуваме државата со таква сеопшта незаинтересираност кон нејзините вистински потреби, кои во моментов најмалку се избори. Но, сакам да ги успокојам оние кои најмногу се загрижени за иднината на спомениците. Бидете спокојни, тие сигурно ќе ја надживеат Македонија.
Таквата „среќа“ многупати е потврдена низ историјата. Погледнете ги само џиновските камени фигури на Велигденските острови. Некогаш таму живееле претставници на моќна цивилизација. Работеле, граделе, направиле речиси околу 900 монолитни камени скултури кои сакале да ги остават како споменици за идните генерации. Но, поради нетрпеливоста и конфликтите меѓу локалните водачи, меѓусебе целосно се истребиле. Денес тие споменици се туристичка атракција, на еден од најизолираните острови во светот, подоцна населен со дојденци.
Затоа, чувајте си ја Тримфалната капија повеќе од сите потенцијални општествени триумфи што може да ги постигне Македонија, а не наоѓа ни волја ни енергија за тоа. Еден ден токму таа капија ќе раскажува зошто и како гипсот се покажал посилен и од човечкиот раз(ум).