Трка со премногу пречки

Успехот на нашата најдобра атлетичарка Дрита Ислами на Европското екипно првенство, трета лига, што викендов се одржа во Лимасол, Кипар, победата во трката на 400 метри со пречки со нов државен рекорд (57.53) и практично исполнување на нормата за следното европско атлетско првенство (57.95) што ќе се одржи следната година во Минхен, Германија, ете, успеа некако да се провлече низ медиумската доминација што деновиве неприкосновено ја држат настаните од актуелното Европско фудбалско првенство и да ни покаже некои изненадувачки факти.

Во сенката на последниот тренинг на Пандев и случувањата околу Алиоски, ете, разбравме дека во Македонија, меѓу другото, постои и атлетика! И не само тоа, туку дека постојат и спортисти и спортистки, кои, за разлика од целата држава и целиот општествен систем, овој спорт го сфаќаат сериозно. Па, дури и во време на пандемија.

Ниту една официјална личност нема да ја пречека Дрита Ислами на враќањето од Кипар, ниту, пак, некој важен политички лик ќе ја испрати на балканското првенство што следниот викенд се одржува во Белград. Тоа медиумите не го снимаат. Атлетиката, едноставно, не е курентна стока

Атлетиката (не само поради пандемијата) одамна ја нема во образовниот процес. Ајде да кажеме дека основното образование и не поседува реални услови за некакво практицирање на атлетските дисциплини, барем на оние како што се фрлање ѓуле или диск, скок во височина, па дури ни за дисциплината на Ислами: трчање со пречки. Нив ги нема ниту во средното образование. А ако ги нема во овие два образовна степена, тогаш е бадијала да ги има во академското образование, каде што, патем речено, исто така ги нема.

Кралицата на спортовите ја нема по медиумите. Никој не знае дали и кога има некое државно атлетско првенство. Никој не знае дали, како и колку функционираат атлетските клубови. Никој не знае како помина македонската репрезентација на споменатото европско екипно атлетско првенство во Лимасол. На крајот на краиштата, освен ретките фанатици, никој не знае што точно таму направи Дрита Ислами.

Тоа нема да го прочитате на меинстрим порталите, ниту ќе го гледате по националните телевизии. Ниту една официјална личност нема да ја пречека Дрита Ислами на враќањето од Кипар, ниту, пак, некој важен политички лик ќе ја испрати на балканското првенство што следниот викенд се одржува во Белград (Србија) и каде, со ваква форма, нашата атлетичарка има сериозни шанси да се бори за медал, покрај објективно подобрите романски и грчки атлетичарки. Тоа медиумите не го снимаат. Атлетиката, едноставно, не е курентна стока.

За разлика од фудбалот, на пример, каде што политичарите се убија докажувајќи колкави навивачи се, испраќајќи ги по аеродромите, правејќи селфија, одејќи во Букурешт итн. Иако на секој рационален љубител на спортот му беше јасно дека ова е врвот на македонскиот фудбал и дека секој освоен бод (па и даден гол) е голем колку планина.

Затоа тука ќе се обидеме да одговориме на некои прашања што никогаш не сте сакале да ги поставите, ниту, пак, медиумите биле заинтересирани за нив. Значи, иако атлетиката не е тимски спорт, на Европското екипно атлетско првенство се натпреваруваат репрезентации, чии бодови потоа се собираат и така се прави ранг-листата. Првите три репрезентации одат во повисок ранг. Третата лига на ова натпреварување е најнискиот ранг и од неа нема испаѓање. Пред неа, како што самото име ѝ кажува, се втората и првата лига, а пред нив таканаречената супер-лига. Но, иако е тоа така, тоа воопшто не значи дека станува збор за некаков аматерски натпревар. Напротив. Победничката репрезентација на Србија, на пример, настапи со неверојатно силна селекција, составена од носители на одличја од европските и светските првенства. Другите две репрезентации што изборија пласман во втората европска атлетска лига се исто така јаката репрезентација на домаќинот Кипар, како и на Молдавија. Македонија се пласираше некаде на средината на табелата. Само уште еден спореден податок што исто така не го знаете: Скопје во 2019 година беше домаќин на ова исто натпреварување.

Кралицата на спортовите ја нема по медиумите. Никој не знае дали и кога има некое државно атлетско првенство. Никој не знае дали, како и колку функционираат атлетските клубови

Она што треба да се знае за Дрита Ислами (1996): од нејзиниот настап на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, во 2016 година, кога не успеа да ја помине квалификационата трка (1:01.18), континуирано го подобрува својот резултат. Претходниот државен рекорд (58.66) го постави пред отприлика три недели (на 29 мај). Значи, за неполни три недели го поправи својот рекорд за повеќе од една секунда, што за овие дисциплини е несекојдневен успех.

Овој викенд се одржуваа и европските првенства во првата и втората атлетска лига, а првенството во супер-лигата се одржа на 29 и 30 мај. Вкупно, меѓу сите резултати од сите лиги, Ислами го зазеде 13-то место. Со бодовите добиени од актуелната трка, таа е сега 47. атлетичарка на листата на Европската атлетска асоцијација во дисциплината 400 метри со пречки.

Она што сакам да го кажам е дека, додека дипломатски се натегаме со Бугарија и гледаме во ѕвезди дали ќе бидеме поканети во елитниот клуб наречен Европска Унија, токму како и фудбалерите, и Дрита Ислами веќе нѐ внесе во Европа.

Не велам дека Дрита Ислами треба да ја шетаме под Триумфалната капија (тоа и онака никогаш немало смисла), ниту дека сега политичарите треба да прават предизборни маркетиншки трикови со неа, а не сакам ни да споредувам, ама морам да се сетам кога пред три години најдобрата српска атлетичарка Ивана Шпановиќ (1990) се врати од Светското атлетско првенство во Бирмингем со златен медал во скок во височина. Во Белград главниот пречек беше во една спортска сала во Бањица, преполна деца од основните училишта, на кои атлетичарката им беше претставена како пример што треба да се следи, а на Шпановиќ, според нејзино сведочење, тоа ѝ било огромен поттик да продолжи упорно да тренира.

Кај нас, се разбира, и ваков релативно скромен, а секако полезен гест на дочек е прилично мисловна именка. Тука нема да се најде медиум што ќе ѝ земе изјава на Ислами, камоли некој да напише што појадувала пред трката, како што читаме за фудбалерите од македонската репрезентација. На крајот на краиштата, иако е олимпијка од 2016 година, да си признаеме, ретко кој од нас воопшто слушнал за тоа име.

Најважната работа веќе ја направи нашата атлетичарка, нѐ потсети дека, освен скапите екипни, постојат и други спортови. Нѐ потсети дека за атлетика и не мора да се вложуваат премногу пари и дека не мора да се купуваат ѕвезди од светот. Доволно е да се обезбедат некакви елементарни услови и тоа може повеќекратно да се врати. На нас останува да ѝ дадеме поттик за натамошни успеси. Токму затоа што нам тоа повеќе ќе ни се исплаќа.

Сепак, се чини дека, за разлика од онаа трка на тартан патеката, оваа има многу повеќе и многу покомплицирани пречки.