Регион

Виртуелен музеј ги чува сеќавањата на воените бегалци од Косово

Нов онлајн „музеј“, чува приказни за неколку стотици илјади луѓе

Гледавме како паѓаат бомбите … и кога ја слушавме сета таа бука, немавме излез, мораше да заминеме …“

Ова се зборовите на Мерсие Камери, 50-годишна Ромка, која скоро половина од својот живот го поминала како бегалец.

Камери е родена во Урошевац. Таа, за време на војната во 1999 година, со нејзиниот сопруг и петте деца, побегнала во соседна Северна Македонија, во потрага по побезбеден живот, како и стотици илјади други цивили.

„Ни требаше многу време да се навикнеме на животот таму. Останавме таму затоа што немавме друг избор“, додава таа.

Камери, 18 години подоцна, успеала да се врати во Косово.

„Одамна сакав да се вратам тука, но немавме ништо. Би сакала да можевме тука да изградиме куќа. Тие (косовските власти) ветија дека ќе изградат некои куќи за нас, но потоа се предомислија“, објаснува таа.

Сеќавањата на Мерсие Камери се забележани на страниците на новиот Виртуелен музеј на бегалците, кој ги чува приказните за луѓето, кои морале да ги напуштат своите домови, поради насилните превирања во Косово. Оваа веб-страница е креирана од Младинската иницијатива за човекови права, а беше пуштена во употреба во пресрет на Светскиот ден на бегалците, кој се одбележува на 20 јуни.

Маригона Шабиу, извршна директорка на Младинската иницијатива за човекови права, за БИРН вели дека музејот носи мал дел од приказната за масовниот егзодус на Косово.

Околу милион косовски Албанци беа протерани од своите домови во пролетта 1999 година, откако НАТО започна со воздушни напади врз Југославија, со цел да ги принуди воените трупи и полициските сили на Слободан Милошевиќ, да ја прекинат својата воена кампања на Косово. Се проценува дека 100.000 цивили од српска и ромска националност, го напуштиле Косово по војната, поради страв од насилна одмазда.

„За време на војната во Косово, повеќе од половина од населението беше принудено да ги напушти своите домови. Некои од нив никогаш не се вратија. Но, чувањето на сеќавањата и документирањето на искуствата на бегалците, изостанува“, посочува Шабиу.

Таа додава дека сака Виртуелниот музеј да придонесе за „симболично признавање на страдањата на луѓето од сите етнички групи“.

„Нашата цел е да промовираме инклузивна јавна дебата за минатото и со објавување на различни приказни, да ја зголемиме општествената емпатија“, објаснува таа.

„Сите плачевме“

Фјола Думани. Фото: Младинска иницијатива за човекови права.

Виртуелниот музеј ја документира и приказната за Фјола Думани, која исто така, била бегалец. Таа раскажува како нејзиното семејство било протерано од нивниот дом, по што побегнала во Северна Македонија.

Во тоа време имала 12 години и се сеќава како со денови биле без храна и како некои луѓе на границата со Македонија, изгубиле надеж дека некогаш ќе можат да се вратат.

„Сите плачеа и сите викаа, па ќе ја бакнеа земјата: ‘Косово, те оставаме’. Тоа беше многу емотивен момент … Сите плачевме … секој што беше таму“, вели Думани во своето сведочење.

„Војната ни ги растури животите“

Зоран Максимовиќ. Фотo: Младинска иницијатива за човекови права

Зоран Максимовиќ е роден во Урошевац. По завршувањето на војната во јуни 1999 година, тој, со семејството, морал да го напушти Косово. Заминал во Србија.

„Соседите ни рекоа дека нема да можеме да преживееме. Ги послушавме и заминавме“, вели Максимовиќ во сведочењето за Виртуелниот музеј.

Години подоцна, тој и неговата сопруга се вратиле во Косово, но не во нивниот дом во Урошевац, туку во Штрпче, општина со мнозинско српско население.

Но, не сите од неговото семејство успеале да се вратат: „Војната ги уништи нашите животи. Ние веќе не сме целосно семејство. Сите сме раштркани“, нагласува тој.

Живеењето во Штрпце, каде живее мнозинско српско население, е како живот во гето, додава тој.

Овде можете да го посетите Виртуелниот музеј на бегалците.