Регион

Солидарност под оган: Наследството на хуманитарните мисии во БиХ

Новата книга на историчарот, Николас Мол, ја раскажува приказната за европските хуманитарци за време на војната во БиХ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

За повеќето луѓе во Европа, војната во Босна и Херцеговина беше претежно настан кој го гледаа на телевизија; многумина сметаа дека тоа всушност нив не ги засега или дека ништо не може да се стори во врска со тоа. Но, во исто време, имаше десетици илјади поединци во земјите низ Европа, кои решија дека нема да бидат набљудувачи, да следат само што се случува, туку беа решени да направат нешто“.

Ова е дел од воведот на новата книга „Солидарноста е повеќе од слоган“, на историчарот и истражувач, Николас Мол, во која се зборува за активностите на Меѓународната работничка помош (МРП), левичарска организација поврзана со синдикатите, која во Босна и Херцеговина им носела помош на бегалците во земјата и во странство, за време и по војната 1992-1995.

Мол, кој е роден во Белгија, а живее во Сараево, вели дека ја напишал книгата во обид да го оттргне од заборав и да го оживее сеќавањето на активистите вклучени во иницијативи за невладина помош.

„Ние често зборуваме за пасивноста, а исто така и за соучесништво на меѓународните влади и ООН, кои не сторија ништо за да ја запрат војната и етничкото чистење (во Босна и Херцеговина)“, вели тој за БИРН.

„Во исто време, забораваме за десетиците илјади лица, во бројни европски земји, кои не се согласуваа со оваа пасивност, кои силно ги критикуваа сопствените влади и кои се обидоа да покажат солидарност на многу конкретен и прагматичен начин“, додава Мол.

Тој посочува дека некои активисти на МРП имале само 18 години кога, додека сè уште траела војната, започнале да доставуваат хуманитарна помош со камиони до Тузла, рударски град во северна БиХ.

МРП организираше повеќе од 30 конвои за храна во Тузла помеѓу 1993 и 1995 година и поддржуваше и други проекти, како што е издавање на синдикално списание и отворање на женски центар во Тузла.

Мол објаснува дека МРП имала и идеолошки мотиви – „тие сакаа да ги поддржат оние што ја бранеа мултиетничката идеја на Босна и Херцеговина, и бидејќи не беа голема организација, своите активности ги насочија кон Тузла, бидејќи тоа беше град со силна работничка традиција и затоа што мултиетничкиот дух таму беше особено силен“.

„Бев многу импресиониран затоа што луѓето што ги сретнав беа скромни и самокритични и не шетаа фалејќи се: ‘Погледнете што правев за време на војната“, објаснува тој.

„Тие ги ризикуваа своите животи за да ни помогнат“

Активисти на МРП, истоваруваат помош во храна, во магацин во Тузла, во 1994 година. Фото: Кристијан Бус

Викторија Јуриќ, жителка на Тузла, била тинејџерка кога, за време на војната, започнала да работи со странските хуманитарни волонтери.

„Ѝ се приклучив на МРП благодарение на татко ми, кој работеше во центарот ‘Моша Пијаде’ во Тузла, каде пристигнуваше хуманитарна помош. Тоа мене тогаш ми беше добредојдено,за  да му помогнам на татко ми и за да го избегнам тажното тинејџерско секојдневие и реалноста. Знаев јазици и им бев од помош“, вели Јуриќ за БИРН.

Таа додава дека со воодушевување ги гледала странските волонтери, затоа што тие „можеа да сторат сè, за што ние само можевме да сонуваме“.

„Имаа околу 19 години, имаа привилегија да патуваат, да го запознаат светот, да откриваат, да учат. Франциска, која тогаш ја запознав и со која и ден денес другарувам, избра да дојде во војната во БиХ и да им помага на луѓето, за да ни пружи надеж, поддршка“, нагласува таа.

Јуриќ, исто така, им се восхитувала и на нивната храброст да отпатуваат во земја во која се војува, за да помагаат.

„За луѓето во БиХ, во најтешките моменти од животот, солидарноста што пристигна од Европа, таа помош од синдикатите, беше многу важна. Тие ги ризикуваа своите животи, за да дојдат тука и да ни помогнат“, објаснува таа.

Како што додава, МРП делумно го определила нејзиниот животен пат. Денес таа е мировен амбасадор на Меѓународната женска мировна група и професор по странски јазици во Германија. Вклучена е и во волонтерска работа – ги подучува бегалците од Сирија.

„Моите курсеви се секогаш необични, затоа што имаме слични животни приказни, на исто ниво сме и имаме слични биографии. Јас, ним, понекогаш сум им надеж, бидејќи сфаќаат дека овде сум дошла сама и самостојно сум успеала“, вели таа.

Лејла Мајданчиќ, тогаш студентка на Факултетот за рударство, геологија и градежништво на Универзитетот во Тузла, била дел од хуманитарната иницијатива МРП, која обединуваше синдикални организации од Шведска, Данска, Холандија и Германија.

На активистите на МРП им била десна рака, затоа што зборувала добро англиски и им помагала да дојдат до рударите и нивните семејства.

„Имаше многу организации во Тузла, кои им помагаа на бегалците. Сепак, Меѓународната работничка помош сакаше да им помогне на луѓето од работничката класа, на рударите кои, исто така, имаа потреби, бидејќи беше многу тешко да се добие храна и сè беше многу скапо“, објаснува таа.

„Јас исто така потекнувам од работничко семејство и знам како ни беше“, вели Мајданчиќ, потсетувајќи дека во тоа време луѓето живееле без струја и вода и можност за контакти.

Таа вели дека МРП им овозможила на студентите на Универзитетот во Тузла, да се поврзат со 22 универзитети од Белгија, Холандија, Германија и Франција. МРП постоеше до 2000 година, но врските и пријателствата помеѓу луѓето од Тузла и волонтерите, траат и денес.

Мол нагласува дека е важносто да се знае повеќе за основните иницијативи за солидарност, за време на војната во БиХ.

„Во исто време, солидарноста е безвременско прашање: Како можеме да ги поддржиме оние што минуваат низ војни или други катастрофи?“, вели тој.

„Она што го стори МРП, не може да се копира, но учењето за МРП, исто така, може да го стимулира нашето размислување, за тоа што можеме да направиме денес, за конкретно да ги поддржиме луѓето во неволја, како што се бегалците“, истакнува Мол.

„Солидарноста е повеќе од слоган“ на Николас Мол, во издание на фондацијата Роза Луксембург, може да ја преземете тука.