Да е кутија „gitanes“, може да ја стуткаш и да ја фрлиш. Темава ниту може да се стутка, ниту да се скрие под тепих, иако со години се турка на некој седми колосек, како нешто неитно, небитно, нешто што може да почека. Снимката од полициската бруталност врз Роми, кои под дејство на алкохол удриле во електричен столб во Битола, е повеќе од аларм – не само за професионалните и етички стандарди во полицијата, туку за целото општество.
Секој ден се случуваат сообраќајни незгоди и прекршоци. За тоа се предвидени казни, а не волунтаристички испади на униформирани лица. Без разлика каква е приказната – „пијана“, социјална, станбена, образовна или здравствена, сите имаат еден заеднички именител: Ромите и натаму се во епицентарот на дискриминацијата, сегрегацијата, предрасудите и стереотипите.
Без разлика каква е приказната – „пијана“, социјална, станбена, образовна или здравствена, сите имаат еден заеднички именител: Ромите и натаму се во епицентарот на дискриминацијата, сегрегацијата, предрасудите и стереотипите
Таканаречената „Декада на Ромите“ и акциските планови за нивна интеграција дадоа одредени резултати, особено во сферата на образованието, но се чини дека и тоа не е доволно, бидејќи и образованите и интегрираните Роми воопшто не се поштедени од дискриминација.
„Зошто имам пасош, ако не смеам да излезам од државава“, прашуваше младата актерка Емра Куртишова, вработена во Театарот за деца и младинци, кога во 2014 година беше спречена да отпатува кај својата сестра во Германија. На гарантното писмо и на потврдата за вработеност од матичната куќа им пресуди полицаецот од аеродромската пасошка контрола: ѝ го поништи авиобилетот, со оценка дека нејзините 500 евра не се доволна сума пари за престој во Германија.
Истата година, 21-годишниот Б.С. доби 13 години казна затвор. Во заблуда сте ако мислите дека извршил убиство. Беше обвинет за учество во групно разбојништво на спортскиот аеродром Аџитепе во Куманово, кога четири лица наводно нападнале тројца имигранти од Авганистан и им украле 100 евра. Да е апсурдот поголем, неговиот татко тврдеше дека неговиот син воопшто и не бил вмешан во посоченото разбојништво. Но, Ромчето си доби 13 години.
Проблемот не е ендемски. Граѓаните на Србија пред две години се уверија како изгледа кога една етничка заедница е „претплатена“ да биде виновна за сѐ, особено за кражби. Наташа Тасиќ-Кнежевиќ, солистка во Oперата на Српскиот народен театар доживеа голема непријатност. Кога на излегување од маркет во Нови Сад засвирел безбедносниот сензор, од сите купувачи што биле пред вратата, единствено таа била запрена, навредувана и претресувана, само затоа што е Ромка. Во нејзината торба не нашле ништо украдено. По целото тоа јавно понижување, извинувањето од компанијата немаше никакво значење.
Темава ниту може да се стутка, ниту да се скрие под тепих, иако со години се турка на некој седми колосек, како нешто неитно, небитно, нешто што може да почека
Во домашните напори да се изгради „Едно општество за сите“, Ромите како да се невидливи, кога се во прашање нивните права. Нештата наликуваат на поделба на пленот според правилата на џунглата. На голем дел од Ромите сѐ уште им припаѓа „правото“ егзистенцијата да си ја обезбедуваат преку собирање отпад, селектирање пластични шишиња, косење трева, питачење, „старо купујем“, чистење улици…
Нема Роми што седат дома и земаат плата, нераспоредени во институции. Сѐ уште не се избориле за таков споил- систем. Нивните проблеми со домување ги нема во ГУП или во ДУП, освен кога треба да им бидат отстранети трошните картонски или тенеќе-маала.
Нештата за нив остануваат прилично непроменливи: и натаму немаат матичен гинеколог, и натаму губат социјална помош ако роднини од странство им пратиле пари за лекови.
Понекогаш стануваат натуршици во големи филмови за малите Цигани, кои вешто гатаат на дланка, но никогаш нема да погодат кога ќе добијат документи со кои ќе имаат пристап до институциите…
Ќе пројдеше така и ова „циганско лето“, да не се случеше „ѓупската работа“ во Битола. Сто клоци по туѓ грб не болат. Велиме дека е срамно. Велиме дека е недозволиво, дека мора да има казни. Ама, кога ќе падне мрак, да внимаваме како ги прекоруваме децата ако не сакаат да заспијат. Зашто генерации израснаа со поуката „ако не си умен/умна ќе те земат/украдат Циганите“.