Регион

Како две војни создадоа две истории на едно хрватско село

Документарен филм за тоа како злосторствата извршени во војните во 40-тите и 90-тите години, двапати го трансформирале селото Шпановица

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Селото Шпановица, лоцирано во западна Славонија, има само десетина жители, но и две гробишта, две имиња и две истории.

Во турбулентниот 20 век, таму биле извршени воени злосторства и селото целосно го сменило својот етнички состав. Во Втората светска војна, од него избегале Хрватите, додека во војната во 90-тите, од селото избегале Србите.

За Шпановица, поточно, за сеќавањата на мрачното минато на сегашните и на поранешните жители на селото, се зборува во документарниот филм „Она другото село“, неодамна премиерно прикажан на филмскиот фестивал Либурнија во Хрватска, каде доби специјална награда на жирито.

Режисерот, Јадран Бобан, по образование историчар, вели дека особено му било интересно набљудувањето на „личното сеќавање и неговата несигурност“, затоа што забележал дека сеќавањата на учесниците во филмот, во најголем дел, се обликуваат според нивната националност.

„Така, во зависност на која група ѝ припаѓаат, луѓето ќе имаат забележливи ‘дупки’ во своето сеќавање кога зборуваат за одредени настани, особено кога станува збор за злосторствата извршени од членови на нивниот колектив“, вели Бобан за БИРН.

Тој и неговиот тим разговараа со поранешните жители на Шпановица, односно со Хрватите кои избегале од селото како деца во 1942 година, но и со сегашните жители на Шпановица и околните села, односно со српските повратници кои избегале од војната во 90-тите години.

Варварски убиени стотици цивили“

Куќа во Шпановица на која е напишано – „врисок“. Фотографија на Јадран Бобан

„Добар број не сакаа да зборуваат, оправдувајќи се дека немаат што повеќе да кажат за Шпановица или дека секој разговор за војните на овие простори, е прашање на политика или политичка манипулација“, забележува Бобан.

Тој верува дека причината за ова лежи во фактот што многумина стравуваат дека би можеле да имаат проблеми „ако нивните лични сеќавање дојдат во судир со колективниот став или со официјалната ‘вистина’“.

„На некој начин, тие се во право. Личните сеќавање, на нашите простори, во голема мера се користат при создавањето на еднострани идеолошки и национални митологии“, вели тој.

Бобан објаснува дека селото Шпановица е формирано во втората половина на 19 век, кога Хрватите од Равна Гора, од планинскиот дел на Горски Котар, се населиле покрај патот што води од градот Пакрац до градот Пожега, помеѓу планините Псуњ и Папук.

„Сите други села во оваа област претходно биле населени со Срби. Србите и новопристигнатите Хрвати живееле во релативно добри односи, сѐ до пред Втората светска војна“, нагласува Бобан.

Но, за време на Втората светска војна, во 1941 година, беше основана Независната Држава Хрватска (НДХ). Таа беше марионетска држава предводена од фашистичкото усташко движење, со поддршка на нацистичка Германија и фашистичка Италија, која усвои строги расни закони против Србите, Евреите и Ромите.

Бобан истакнува дека во Шпановица било основано „силно усташко упориште“, а потоа започнале и апсења на истакнати Срби од околните села. Ова кулминирало во летото 1942 година, кога, под водство на тогашниот усташки функционер и командант на концентрационите логори, Вјекослав Макс Лубуриќ, и „со учество на голем број жители на Шпановица“, започнало „чистењето“ на околните српски села.

„Стотици цивили тогаш биле варварски убиени, а многу жени и деца биле одведени во логори“, нагласува тој.

Партизаните решиле да ја преземат Шпановица од усташите, во есента 1942 година. Селото го зазеле по жестока борба, но „доаѓа до одмазда на оние српски селани, кои пред тоа ги загубија своите најблиски во масакрите на усташите“, додава Бобан. Така, Шпановица во голема мера била запалена, а голем број невини цивили, Хрвати, биле убиени. Останатите избегале во Пакрац.

По завршувањето на војната и воспоставувањето на социјалистичка Југославија во 1945 година, на Хрватите им било забрането да се вратат во  селото и тие „колективно се сметале за ‘непријатели на државата’“. Во селото биле населени српски селани од Босна и околината, кои ги загубиле своите домови во војната.

„Името на Шпановица било сменето во Ново Село, неговата историја била избришана од јавниот дискурс. Како селото да не постоело. Така остана до 1991 година“, објаснува Бобан.

За време на војната во 1991 година, селото било контролирано од српските паравоени сили, но, во декември истата година, го зазела хрватската војска. Тогаш српското население избегало.

„На селото му беше вратено името Шпановица и тоа јавно беше митологизирано како место на националното хрватско жртвување“, вели Бобан.

„Сега, во селото живеат само десетина жители, српски повратници, претежно стари лица и скоро нема шанси некој друг да се насели тука. Селото ќе исчезне, како и многу други села во Хрватска“, додава тој.

„Цвета чувството на неправда“

Еден од ликовите во документарниот филм „Она другото село“. Фотографија на Јадран Бобан

Бобан, роден во Загреб во 1969 година, е и графички дизајнер, илустратор и видео уметник. Режирал неколку документарни филмови, од кои најпознати му се филмовите „Ничиј“, кој ја освои наградата за најдобар документарец на филмскиот фестивал во Тузла и „Духовите на Загреб“, во кој се зборува за поранешните членови на антифашистичкото движење на отпорот во Загреб.

Режисерот нагласува дека кога неговата колешка, Весна Кесиќ, долгогодишна новинарка, активистка и сценаристка на филмот, му предложила да снимаат филм за Шпановица/Ново Село, „него го заинтригирала идејата, филмот да биде конципиран околу разговори на поединци од двете страни, на хрватската и на српската“.

„Поточно, имавме двајца постари соговорници кои беа подготвени меѓусебно да разговараат. Имав таква визија за филмот, буквално како разговор помеѓу нив двајца, преку кој тие ќе расправаат за односите меѓу двата народа во оваа турбулентна област на Западна Славонија, од своја сопствена перспектива“, вели Бобан.

За жал, еден од нив починал пред почетокот на снимањето на филмот и „како што се покажа подоцна, не беше можно да се најде некој што ќе биде подготвен, или доволно храбар и решен, да учествува во таков вид разговор“

Тој сугерира дека со текот на времето, преку селективното сеќавање, поединците искрено се уверуваат себеси, дека е точно она што мислат дека го паметат.

„Тука е важно и чувството на неправда, кое цвета ако за злосторството не се зборува јавно, кога за злосторствата се обвинува колективот, без разлика дали станува збор за цела нација или одредена заедница“, објаснува тој.

За нив е, исто така, тешко, да „прифатат дека постојат тешки трауми и на другата страна“, додава Бобан.

Тој верува дека реакциите на филмот ќе бидат поделени и не очекува дека луѓето „кои цел живот имаат изградени уверување, ќе доживеат еден вид катарза, гледајќи еден филм“.

Тој смета дека за да се постигне напредок во справувањето со минатото во регионот на поранешна Југославија, е потребна промена во „политиката што се спроведува одозгора“.

„На крајот на краиштата, овие политики, цело ова време, се одговорни за трајната и перпетуирачка состојба на нетолеранција, недоверба и генерализација на вината на оние ‘другите’“, заклучува Бобан.